Достапни линкови

Алаѓозовски, Крајчев и Тоциновски – добитници на наградата „Прозни мајстори 2012“


Корица на книгата „Воини и херои“ на македонскиот писател Игор Крајчев.
Корица на книгата „Воини и херои“ на македонскиот писател Игор Крајчев.

Со доделувањето на традиционалната награда „Прозни мајстори“ започна Фестивалот на чајот и читањето.

Роберт Алаѓозовски за романот „Готен“, Игор Крајчев за неговата псевдо-сказна насловена како „Воини и херои“ и Васил Тоциновски за збирката раскази „Сушачко попладне“ се годинешните добитници на традиционалната награда „Прозни мајстори“ што во рамките на Фестивалот на книгата и читањето ја доделуваат Книгоиздателството „Феникс“ од Скопје и Фондацијата „Македонија презент“. Нивните дела се одбрани во конкуренција од 20 прозни книги од македонските автори објавени во текот на 2012 година, а зад одлуката стои жирито во состав Христо Петрески, Панде Манојлов и Виктор Секеровски.
Сите три книги донесуваат нови тематски светови и во смисла на нивната изразна фактура тие сите се допираат до најновите современи, дури јас би рекол, постмодернистички движења не само кај нас туку и во светот.
Христо Петрески.

Петрески, како претседател на комисијата и прв човек на „Феникс“, истакнува дека наспроти досегашната практика да доделат една награда овојпат се одлучиле за мал компромис и од големата и силна конкуренција да издвојат тројца автори се’ со цел тие да бидат стимулирани и да не бидат премолчени значајни литературни остварувања.
Писателот Игор Крајчев.
Писателот Игор Крајчев.

„Сите три книги донесуваат нови тематски светови и во смисла на нивната изразна фактура тие сите се допираат до најновите современи, дури јас би рекол, постмодернистички движења не само кај нас туку и во светот.“
Задовоен сум и благодарен до жири комисијата која што препозна одреден квалитет во мојот роман, особено затоа што „Воини и херои“ е прв епско-фантастичен роман во Македонија, а јас како автор ќе се залагам за продолжување на животот на тој правец, за промовирање на самиот жанр, на тој вид литература како во Македонија така и во странство, и сметам дека ова е само почеток на една нова литературна епоха кај нас, епохата на епската фантастика
Игор Крајчев, писател.

Игор Крајчев, за чиј „Воини и херои“ (издание на „Панили“ од Скопје) Венко Андоновски ќе потенцира дека е извонреден роман кој во постмодерната теорија се класифицира во парадигмата „псевдо“ и е во согласнот со Борхесовата идеја за библиотеката во која се веќе напишани сите наши идни книги, откако ќе забележи дека наградите за еден млад автор можат да бидат опасен терен вели дека самиот ќе инсистира ова признание да го разбере единствено како поттик за натамошна работа и како високо поставена пречка која во неговите наредни книжевни обиди ќе мора во најмала рака да ја достигне или да ја префрли.

„Задовоен сум и благодарен до жири комисијата која што препозна одреден квалитет во мојот роман, особено затоа што „Воини и херои“ е прв епско-фантастичен роман во Македонија, а јас како автор ќе се залагам за продолжување на животот на тој правец, за промовирање на самиот жанр, на тој вид литература како во Македонија така и во странство, и сметам дека ова е само почеток на една нова литературна епоха кај нас, епохата на епската фантастика.“

Инаку, досегашни добитници на наградата „Прозни мајстори“ се писателите Ермис Лафазановски, Игор Исаковски, Горјан Петревски, Ким Мехмети, Александар Прокопиев, Томислав Османли, Трајче Кацаров и Блаже Миневски, а со актуелното свечено врачување на признанијата во Аутлет книжарницата „Феникс“, всушност беше означен и почетокот на годинешниот Фестивал на чајот и читањето чија идеја водилка е популаризацијата на книгата посебно кај младата популација.

Во рамките на случувањето, што овојпат ќе се одвива од 3 јануари до 3 март, планирани се бројни настани од кои посебно за издвојување се промоциите на веќе култното издание „Книга за чајот“ на јапонскиот писател, истражувач и културолог Какузо Окакура, првата книга од новата „Тинс“ едиција - „Ние децата од станицата Зоо“ од Кристијана Ф. , делото „Живот под ѕвездите“ од поетесата Елена Пренџова, првата добитничка на наградата „Македонска книжевна авангарда“ за необјавена книга од млад автор, како и најновиот роман „Твоите мои очи“ од Христо Петрески, продолжението на трилогијата зачната со „Лифтот (не) е за двајца“, објава за која авторот минатото лето го доби престижното „Рациново признание“.

Наедно за време на годинешната манифестација ќе биде претставена и Школата за креативно пишување, прва од тој вид кај нас, а во Клубот на читатели ќе бидат одржани бројни средби со македонските писатели, трибини и други камерни и книжевни настани.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG