На урбано Скопје, и воопшто на домашната културна сцена, од 1 до 3 јули, ќе му се случи првото издание на „Скопје стрип фест“. Тродневниот фестивал што ќе се одржува во Музеј на град Скопје и чии што амбиции се да го стимулира и афирмира домашното творештво е планирано да обедини повеќе издавачи на стрипови, стрип автори, здруженија, аниматори, гејмери, музичари и многу заинтересирани млади луѓе.
Случувањата започнаа со голема Изложба на табли од македонски стрип автори од неколку генерации. На оваа групна постановка се изложени стрип табли и илустрации на автори како Александар Сотировски, Тони Анастасовски, Смиле Цветановски, Иванчо Николов, Михајло Димитриевски, Игор Јовчевски, Здравко Гиров, Давор Драмиќанин, Јован Секуловски, Весна Ничевска - Саравинова, Дарко Богданов, Антонио Арангеловиќ и други.
Свое место најдоа и делата на доајените на домашната стрип уметност како Диме Иванов - Димано, но и оние на помладите стрип дејци како Дамјан Михаилов, Дарко Ристевски, Тања Вукобрат, Александар Стеванов, Андреј Манев, Јована Велиновa и Бошко Дуковски.
Згора на тоа за целото време на одржувањето на манифестацијата ќе се одвива берзата на стрипови, а со содржини ќе се претстават и издавачките куќи како „Стрип квадрат“ и „Комик Бру“, здружението „Макстрипови“, стрип книжарницата Бункер, како и издавачката куќа од Велика Британиија - „Клауд 9“.
Инаку врската со историјата на домашното стрип творештво ќе биде побарана преку искажувањата на легендарниот Димано и особено преку прегледот на стрип продукцијата до осамостојувањето на земјава за кој е задолжен новинарот и публицист Душко Кралевски, а ќе биде одржана и пригодна реч за неодамна починатиот доајен на македонскиот стрип, карикатурата и анимацијата - Дарко Марковиќ.
Посебен програмски сегмент ќе бидат работилниците за стрип за деца што ќе ги одржат авторите Игор Јовчевски и Никола Темков. Наспроти ваквиот едукативен момент, за публиката особено привлечни ќе бидат презентациите на применетите проекти како играта „Каверн таверн“ илустрирана од Михајло Димитриевски (Тхе Мичо) и македонскиот 2Д долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, во режија на Гоце Цветановски, за кој, патем, музиката ќе ја прави оскаровецот Лудовик Бурс.
Според организаторите на ова несекојдневно случување, Фестивалот е планирано да биде заокружен со програма посветена на социјалните и забавни игри. Во недела ќе биде одржан и турнирот во светски познатата игра - „Magic The Gathering“, во организација на Гоблин, како и презентациите на Милан Тасевски, авторот на играта „Small Star Empires“ и Никола Темков, илустратор на англиската игра „Conflicting Kingdoms“.
Темков, кој патем преку „Стрип квадрат“, е еден од „виновниците“ за ова случување знае да каже дека пред една деценија речиси и да немало ништо што ќе го буди интересот за оваа уметност. Дури стрип-фанатиците морале да одат до соседните држави за да купуваат стрипови. Потем, како што вели, се отворила книжарницата „Бункер“ со што некако се раздвижила стрип сцената. Па следувало отворањето на сајтот „Мак стрипови“, па формирањето на истоименото здружение што овозможило подиректна комуникација на самите стрип автори и согледби за тоа кој до каде стигнал и каде цели. Благодарение на тоа се појавило списанието „Синдром“ кое досега е публикувано во 9 броја, за да во 2013 година тој со колегата Јовчевски решат да ја отворат издавачката куќа „Стрип квадрат“ која за релативно кратко време ќе објави дури 11 изданија.
„Целата концепција беше да се направи една заедничка изложба, меѓутоа во разговори одлучивме дека не би било лошо да вклучиме тука и други работи како друштвени игри и анимација затоа што видовме дека поголемиот дел од авторите активно работат и на тие полиња. Така што целата работа испадна некако спонтано, меѓутоа се јави како потреба сите тие работи да се презентираат пред македонската јавност и да се види дека, сепак, и кај нас постои некаква стрип сцена“, вели тој.
Темков дополнува дека не би сакале „Скопје стрип фест“ да биде инцидент, туку дека имаат амбиции манифестацијата да стане традиционална и преку неа да се презентираат што повеќе домашни автори. За таа цел, организаторите, планираат да распишат конкурс на кој сите творци ќе можат да пратат свои дела од кои би се направила една добра, квалитетна селекција за изложбата догодина.