Достапни линкови

Јовановска: Кругот е симбол на внатрешната слобода!


„Повторно во кругот“ е насловен ликовниот проект на уметницата Петра Јовановска, што од 26 април до 10 мај, се одржува во Музеј на град Скопје. Станува збор за нејзина 29-та самостојна изложба и за концептуална презентација и инсталација на ликовни дела во изложбениот простор, каде линијата на галеријата го формира презентирањето и динамиката на делата.

Уметницата Петра Јовановска кругот го истражува подолго време. Пред две години таа во Националната галерија на Македонија - објект Чифте Амам се претстави со изложбата „Кругот е затворен“ каде понуди концепт во кој кругот беше дел од композициите и имаше доминантна улога. Лани во Тетово, во Националната установа – Уметничка галерија „Амам“, на постановката „Напуштајќи го кругот“, излезе од постојната мисловна рамка и претстави содржина каде што централниот мотив на делата беше друг, но кругот сепак беше присутен како лајмотив.

Кругот го напуштив за малку за повторно да му се вратам. Така и се вика и оваа изложба „Повторно во кругот“. Овде кругот го ставам во некоја друга улога – да биде во рамнотежа со другите мотиви што сакам да ги презентирам.
Петра јовановска, уметница.

„Кругот го напуштив за малку за повторно да му се вратам. Така и се вика и оваа изложба „Повторно во кругот“. Овде кругот го ставам во некоја друга улога – да биде во рамнотежа со другите мотиви што сакам да ги презентирам. Значи не е во некоја издвоена, засебна улога како што беше претходно. Не е дури ни во споредна. Јас сега како уметник правам некој баланс каде што сепак кругот е присутен, но во некоја поблага форма, во не толку доминантна улога. Кругот за мене има голема симболика и навистина не можам да се оттргнам од потребата да го истражувам“, вели Јовановска.

Таа дополнува дека во случајов кругот го истражува како симбол на поединецот. На единката. Се занимава со тоа како човекот се раѓа, живее и потем умира.

Петра Јовановска.
Петра Јовановска.

„За мене е круг секунда од часот, од месецот...Буквално секојдневието на еден човек, на едно постоење за мене е еден симбол на круг. И со сè што сме во денешно време опкружени тоа фактички го вметнувам во кругот, во своите дела.“

Уметницата со цел проектот да биде финализиран повторно користи полиптиси за да ги задоволи своите критериуми поврзани со успешноста на презентирањето и целата замисла. Еден вид на игра во просторот, која станува многу битен фактор во концептуалното презентирање на ликовните дела. Делата најчесто се во ликовни техники како колаж, фотографија, цртеж, и пред се тука е присутна и графиката, односно сегменти од неа, графичката техника сув печат, па се до доаѓање на мултимедијалноста.

Од друга страна, Јовановска е децидна во тврдењето дека и во иднина ќе се бави со истражување на кругот, со тој симбол на бесконечноста, на целината. Симболот на постоењето, симболот на планетата, на сонцето....и над сè на внатрешната слобода.

„Иако се обидував да го напуштам и да истражувам во некој друг домен, сепак сакајќи или несакајќи му се навраќам на кругот. Без разлика дали тој круг, тој едноставен геометриски облик за кој секој од нас може да си најде друга симболика, друга динамика...некој нешто поедноставно, а некој дури и да напише книга...јас и понатаму останувам да го истражувам. Дефинитивно ќе бидам поврзана со кругот независно кои техники во потрагата ќе ги користам и дали тоа можеби ќе ме однесе на некоја друга страна и ќе посегнам по тоа да истражувам некој друг поедноставен геометриски облик.“

Петра Јовановска е родена 1972 година во Јесеник, Република Чешка. На Факултетот за ликовна уметност, отсек графика, дипломирала во класата на професор Димче Николов во 1995 година, а зад себе има 28 самостојни изложби и над 180 групни постановки во земјава и во странство.

Член е на ДЛУМ и добитник е на неколку значајни награди и признанија, меѓу кои и годишната награда за графика „Димче Николов“ во 2012 година и Гран-при на 14-от Зимски салон чија тема беше „Секспресија“, на кој таа учествуваше со своето дело „Анонимни вагини“ и победи во конкуренција од 35 автори од светот.

Инаку, таа би сакала во периодов што следува проектот „Повторно во кругот“ да и го претстави на ликовната публика во повеќе градови од Македонија и, иако неволно, открива дека во јуни ќе има самостојна изложба во Германија, а три месеца подоцна, во септември годинава и во родната Република Чешка.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG