Достапни линкови

Градот виден низ објективот на Катја Штркова Кочовска


„Во Текстури“ е насловена втората самостојна изложба на уметничка фотографија на Катја Штркова Кочовска, што ќе биде отворена утре вечер во 20 часот, во Галеријата на НЛБ Тутунска банка во Скопје. Ќе бидат изложени 40 црно-бели фотографии, игра на сенки и форми, снимени во „обичното живеење“, дела кои на овој начин добиваат графичка нота и каде човекот, односно субјектот, има споредна, но истовремено и клучна улога, наспроти архитектонскиот елемент и композицијата во која е снимен.

По четири години од дебито со „Tributes“ во МКЦ, проектот што претстави несекојдневен концепт на потрети на славни личности кои влијаеле врз вкусот и развојот на уметницата, Катја Штркова Кочовска еве ја со нејзината втора самостојна постановка. Насловена како „Во Текстури“, изложбата ќе се одржи од 1 до 7 март во Галеријата на НЛБ Тутунска банка во Скопје и се состои од 40 црно-бели фотографии, игра на сенки и форми, снимени во „обичното живеење“, дела кои на овој начин добиваат графичка нота и каде човекот, односно субјектот, има споредна, но истовремено и клучна улога, наспроти архитектонскиот елемент и композицијата во која е снимен.

Едноставно почнав да забележувам текстури и форми во самиот град. Почнаа да ми стануваат интересни и потоа се одлучив да вклучам и човек во тоа што го гледам.
Катја Штркова Кочовска, фотографка

Темата, како што ќе забележи авторката, се третира како т.н соработка со објектот и човекот со својата форма и физикус, или спонтаната улога на човекот во шемата/текстурите на еден град.

„Едноставно почнав да забележувам текстури и форми во самиот град. Почнаа да ми стануваат интересни и потоа се одлучив да вклучам и човек во тоа што го гледам. Ова подразбира, дека немаше некоја претходно подготвена идеја за концепт. Самиот почна да се крои спонтано. Со тек на време видов дека имам некаков почеток на тој концепт и понатака продолжив намерно да го развивам“, вели Катја Штркова Кочовска.

Од таму, сосема разбирливо е што поднасловот на изложбата е „Јас и градот“, каде, како што потенцира таа, „ЈАС“ е секоја единка во општеството, а „ГРАДОТ“ е секое урбано место. Фотографиите не се пејзажни и не откриваат за кој град станува збор – Скопје, Велес, Ровињ, Пореч, Белград... Главниот детаљ се „дезените, формите и човекот кој помага (не)намерно да се оформи композицијата“.

„Во принцип секој човек кој живее во урбана средина не ги забележува споредните детали коишто го сочинуваат тој град. Сите се навикнуваме на градот во којшто живееме бидејќи тоа ни е секојдневието. Но, ако се обидеш него да го гледаш со други очи, ќе видиш и геометрија во просторот на живеењето. Значи, тој не е составен само од згради и стерилност, туку има и шари, дезен и форми. Се обидувам градот да го гледам со други очи, освен оние вистинските – туристички“, вели таа.

Штркова Кочовска, повеќе на шега, појаснува дека во нејзиниот актуелен концепт немало место за „новиот изглед“ на Скопје. Едноставно вели дека нејзиното око деталите од него не ги перцепира како убави.

Од друга страна, „Во Текстури“ е прв нејзин чекор во жанрот на „улична фотографија“, а уметницата дополнува дека со изложбата, со претставувањето на делата пред публиката, не завршува и нејзиниот интерес за новата инспирација. Напротив.

„Едно е сигурно. И откако ќе заврши изложбата јас несомнено сè уште ќе бидам фасцинирана од истите текстури и форми. Тоа ќе трае уште некое време, па понатаму можеби би се префрлила повторно на потретите или можеби на нешто десетто. Сега засега сè уште сум закачена на овој концепт и не е исклучено во догледно време да има и втор дел од изложбава. Ќе видиме“, вели таа.

Инаку, професор д-р Елена Колева, во подолгата инспиративна рецензија за каталогот на изложбата, меѓу другото пишува дека „уметничките облици на Катја Штркова Кочовска на прв поглед изразуваат совршена графија на предметноста во нејзината есенцијална структура. На втор поглед – настојување на чиста геометрија во асиметрична конструкција. Следното набљудување открива интензивна игра на светлост и сенки“.

Рецензентката констатира дека „оваа оптичка игра е единствената декорација, а фотографијата е целосна редукција на сè што би се однесувало како украс, до таму што во овој порив на индекорација отсуствува и она што логички се нарекува природа“.

„Нема ништо од сентиментализмот, ништо од натурализмот на Русо, отсутно е и начелото на Спиноза „Natura sine deus“. Присутна е само технократска атмосфера, во која се исклучува божествена демиургија“, пишува таа.

Конечно, Катја Штркова Кочовска си пожелува да има почесто прилики своите фотографски дела да ги споделува со публиката.

„Нема ништо пострашно од тоа фотографиите да останат во домашниот подрум или заталкани во некоја соба. Би било прекрасно кога би се пружила шанса тие да можат да отпатуваат во некој друг град. Во земјава или надвор од неа. Тоа би било фантастично. Јас чекорам полека. Без брзање. И се надевам дека еден ден ќе се создадат услови и тоа да ми се случи – да ги споделам овие концепти со љубителите на фотографијата од било каде, од градовите каде што сум била и од оние во кои допрва ќе патувам“, вели таа.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG