Достапни линкови

Прва петолетка на РОДЕНДЕН-от на уметноста во МКЦ


Со голем концерт на кој ќе биде чествувано делото на еден од култните бендови во историјата на македонскиот рокенрол Падот на Византија, групната изложба „Во потрага по заедничко тло“ во Галерија МКЦ, промоција на филмот „Обожение“ на Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов во „Фросина“, перформанс на Амплидајн ефект во Планетариум, диџеј-сетови на Христина Шеќерова и Виолета Качакова и со филмски маратон во кино Милениум, оваа сабота, на 16 јануари, по петти пат во Македонија ќе биде одбележан глобалниот роденденот на уметноста. Потписник на ова (суб)културно случување е иницијаторот - Младински културен центар од Скопје.

Мризар, Тело-наука совршена, Мугер фугер, Бернејс пропаганда, Пи-Ем-Џи колектив, Темпера, Аутмајнд, Фулиш грин, Демек, Новоградска, Сашко Костов, Милко и Галатеиа се 13-те македонски бендови и артисти кои ќе музицираат на трибјут-концертот посветен на еден од најзначајните бендови во историјата на македонскиот рокенрол Падот на Византија, како едно од темелните поглавја на годинешното, актуелно, петто по ред одбележување на глобалниот РОДЕНДЕН на уметноста што оваа сабота ќе се случи во Младинскиот културен центар во Скопје. Тие ќе ги свират своите верзии на класиците како „Почеток и крај“, „Истата состојба“, „Ноќ над Југославија“, „Не ми треба никој“, „1000 години темнина“, „Коњаници“... што Горан Трајкоски, Климе Ковачески, браќата Шпенд и Сами Ибраими и Зоран Дабиќ ги создадоа во средината на 1980-те, а минатата година се најдоа на компилацијата со обработки насловена како „Од другата страна“.

На изгрејсонцето на секоја нова календарска година мислам дека токму вака треба да се започне и сево ова едноставно да не внесе во годината пред нас на начин на кој би биле веројатно почисти, посветли, похумани, подобри во секојдневниот однос со нашите соседи, со нашите блиски, со нашите далечни...едноставно да бидеме пошироки и поубави луѓе.
Златко Стефковски, МКЦ.

„Се одлучивме за трибјутот, за посветата на Падот на Византија, извесно еден од култните и најголемите бендови воопшто во земјава. Еден од главните „виновници“ за изртувањето, за настанокот на алтернативната, на авангардната, на инди-поп сцената во Македонија. Бенд кој кога и да дојдат некои од странските групи и артисти во МКЦ и ќе чујат нивна песна едноставно остануваат зашеметени и прашуваат за кој состав се работи и каде би можеле да ги набават нивните изданија или нешто да прочитаат за нивната кариера. А, тој момент ќе го слават, пак, сите оние кои се настанати или се напојувале од нивното силно творечко влијание. Тоа се денешните бендови кои зад себе имаат препознатливо творештво и кои несомнено оставиле белег на она што милуваме да го наречеме современа македонска алтернативна музика“, вели Златко Стефковски, директор на Младински културен центар.

Од друга страна „Во потрага по заедничко тло“ е групна изложба на 11 македонски уметници и тоа Славица Јанешлиева, Маја Кировска, Гоце Наневски, Радмила Ончевска, групата Obsessive Possessive Aggression (или Слободанка Стевческа и Денис Сарагиновски), Нада Прља, Игор Сековски, Борис Шемов, Александар Спасовски, Игор Тошевски и Велимир Жерновски.

Овој проект, чии куратори се Ана Франговска и Бојана Јанева Шемова, всушност ги преиспитува културните позиции и репозиции на локалната уметничка сцена.

Континуираната транзиција од еден во друг политички систем се чини бескрајна, а комплексноста на една мала и млада држава ги поттикнува прашањата на идентитет, историја, национализам, културни производи, оддржливост, уметнички политики, социјална свесност, човекови права, итн.

Таа претставува визуелен преглед и одговор на овие прашања преку различни индивидуални пристапи на избраните визуелни уметници. Некои од нив се ангажирани, други едноставно даваат коментар, некои се партиципативни, но сите тие заземаат пристап што ги дефинира уметниците како социјално вклучени индивидуалци. Тие се осврнуваат на различни аспекти на социо-политичкиот живот, кои ги фрустрираат и ги поттикнуваат да креираат и создаваат уметност.

Од таму постановката во Галеријата МКЦ, која патем неодамна ја видоа и љубителите на уметноста во Баку, во Азербеџан, ги отсликува промените што се поттикнати од модерниот начин на живот и од потребата да бидеме дел од големиот „европски сон“.

Во кино „Фросина“ истата вечер ќе се обистини и премиерата на „Обожение“ дипломскиот филм на Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов. Работен без никаков буџет овој триптих (составен е од деловите Катарза, Созерцание и Воздигање) ги следи приказните на луѓето кои борејќи се со егзистенцијата ја оживуваат изгубената духовност во себе и оние околу нив.

Во филмот играат актерите Петар Горко, Димитар Ѓорѓиевски, Катерина Чакмакоска Клинческа, Катерина Аневска, Митко Апостоловски, Соња Михајлова, Владимир Ѓорѓијоски, Милан Секулоски, Михајло Миленкоски, Димитар Црцороски и Марио Марковски. Директори на фотографија се Влатко Џикоски и Панче Пренџов, а музиката за филмот е на Горан Трајкоски.

И, конечно, со нагласено внимание ќе биде проследен и перформансот на Амплидајн ефект во преубавиот амбиен на Планетариумот, нема сомнение дека мнозина својата оддишка ќе ја најдат во музиката што во своите диџеј-сетови ќе ја вртат Христина Шеќерова и Виолета Качакова, а во кино Милениум, во рамките на филмскиот маратон, своето засолниште дефинитивно ќе го имаат не само зависниците од седмата уметност, туку и оние чија пасија се документарните музички филмови какви што му прилегаат на фестивал со големо реноме како „Синедејс“.

И колку за потсетување – манифестацијата, во сега далечната 1963 година, била иницирана од францускиот уметник Роберт Филиу. Тој тогаш предложил јавен настан со кој ќе се прославува уметноста и нејзината сеприсутност во нашите животи и како датум го одбрал 17 јануари.

Во последниве неколку децении ( некаде 1987 година), идејата беше превземена од една широка мрежа на уметници и организации од целиот свет и во континуитет таа евоулира и се проширува примајќи нови членови кои со сите сили се трудат да ја збогатат размената на уметност преку актуелните телекомуникациски алатки.

Инаку денес оваа манифестација, преку глобален радиопренос, како и со многу концерти, арт-перформанси и инсталации, програми за деца, секоја година од 14 до 18 јануари се одржува во повеќе од дваесетина европски земји, Соединетите Американски Држави, Јапонија, Јужна Америка и Европа, а влезот за сите случувања е слободен.

Во Македонија иницијацијата за прославувањето на роденденот ја даде Младинскиот културен центар во 2011 година кога на првото вакво случување покрај изложбата и промоциите беше претставен и проектот „Оди на Исток млад човеку!“ зад кој застанаа македонскиот џез гитарист Тони Китановски, турскиот перкусионистот Изет Кизил и грчкиот контрабасист Костас Теодору.

„На изгрејсонцето на секоја нова календарска година мислам дека токму вака треба да се започне и сево ова едноставно да не внесе во годината пред нас на начин на кој би биле веројатно почисти, посветли, похумани, подобри во секојдневниот однос со нашите соседи, со нашите блиски, со нашите далечни...едноставно да бидеме пошироки и поубави луѓе“, дополнува Стефковски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG