Достапни линкови

Кајевиќ во потрага по ликовноста и симболиката на косата


„Коса“ е насловена изложбата на фотографии, цртежи и објекти на уметницата Биљана Кајевиќ, што од 29 септември до 14 октомври, ќе се одржи во Галеријата на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Постановката се базира на линијата, структурата, формата и симболиката, и сето тоа преточено во 20-на експонати во коишто косата е ставена во разни контексти и релации.

По две години од претставувањето на проектот „Вештерка“ во Македонскиот центар во Њујорк, уметницата Биљана Кајевиќ наново ѝ се навраќа на еднаш веќе зачнатата идеја. Со некои дела кои беа прикажани таму, некои нови настанати во меѓувреме, „со проширување или можеби со стеснување на темата на некој начин“ - како што вели, со нови потраги од ликовен и симболичен аспект, еве ја со „Коса“ во Галеријата на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Изложбата на фотографии, цртежи, мали инсталации и објекти содржи дваесеттина експонати базирани на линијата, структурата, формата и симболиката на косата.

Појаснувајќи го следот на настаните, авторката вели дека постановката во Њујорк, на еден концептуален начин, се бавела со истражување на женската енергија, сила и естетика, а дека во случајов тематски ја разработува симболиката на еден специфичен женски атрибут како што е косата. Сепак таа не се задржува само на симболиката, туку ја опфаќа и ликовноста. Ја истражува структурата и формата на косата што за неа е доста податно бидејќи нејзе цртежот и линијата ѝ се многу блиски како медиум. Со нив, со играта со линијата, се бави доста интензивно во последно време и од таму сето тоа и бил огромен предизвик.

Од друга страна, пристапувајќи и на симболиката од повеќе агли, Биљана дошла до сознание дека некои такви маргинализирани моменти од личната идентификација на луѓето се многу битни и многу значајни. И не само во таа симболичка смисла, туку воопшто во идентификацијата во општеството и во меѓусебното препознавање на луѓето и во комуникацијата со еден таков невербален и естетски начин. Заклучува дека нејзе ѝ била поинтересна онаа магична карактеристика на косата, како еден женски аспект преку кој се манипулирало. Покривањето или откривањето на косата во религијата. Сечењето, отстранувањето или оставањето на косата во однос на тоа дали треба некоја жена да се казни или поттикне за нешто.

„Во историјата, една од најсрамните казни за жената било сечењето на косата. Казна за прељуба, казна за вештичарење. Казна за застранување од сите општествени норми коишто ѝ биле наметнати на жената и коишто преку косата биле казнувани или наградувани“, вели Кајевиќ.

Дополнува дека колку повеќе навлегувала во темата, таа толку повеќе ја влечела. Од таму се надева дека на публиката ќе успее да ѝ ја пренесе магијата, односно значењето на косата во животот на човекот, особено во животот на жената како еден од нејзините главни атрибути од естетски аспект којшто на некој начин ја одредува низ историјата.

Биљана Кајевиќ дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на професор Рубенс Корубин. По дипломирањето работела на дизајн на поштенски марки и разгледници за одделот за филателија при Пошти на Република Македонија (Марката од серијата Олимписки игри во Атланта се најде во најтесниот избор на 14 марки од 60 земји во светот за наградата Олимпија во организација на МОК и Меѓународната федерација на олимписката филателија), на илустрации за едукативна детска книга за животни (со дел од нив се претставила на Меѓународниот саем на детска книга во Болоња, Италија во 2006 година), а автор е и на идејно – ликовно решение за централниот витраж на куполата на Музејот на македонска борба во Скопје.

Зад себе има 13 самостојни изложби од кои позначајни се двете претставувања во Галеријата МЦ во Њујорк и она во СКЦ во Белград, а била учесник и на повеќе групни изложби не само во земјава туку и во Германија, Австрија и Италија.

Потписник е и на кураторскиот проект „Time Collectors“, а годинава е добитничка на златен и сребрен медал на корица за книгата „Clearing the Ground: C.P. Cavafy, Poetry and Prose“ на престижниот натпревар „2016 PubWest Book Design Awards“ во САД и на престижниот „IPPY" award (Independent Publisher Book Award)“, еден од најголемите во светот за англиското говорно подрачје.

Од таму нималку не чуди што уметницата безмалку целиот свој креативен потенцијал во последно време го има насочено кон дизајн и изработка на корици за книги. Моментално работи на илустрациите за својата втора книга во САД во која ќе бидат публикувани драми на неколкумина косовски писатели.

„Ќе се фокусирам на таа соработка која мене ми е интересна. Овде не работам дизајнерски туку работам слики. Ги сликам во масло или акрилик, а потоа ги фотографирам и ги вметнуваме во корицата. Тоа ми е еден инспиративен проект кој се развива и ете носи успеси“, истакнува уметницата со дополна дека не е исклучено во перспектива да склопи и некаков концепт, една изложба со која би се обидела да се претстави во САД, но за која смета дека е прерано да се говори.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG