Во прегратките на бујната вегетација и издашната природа покрај реката Пчиња, во непосредна близина на Меморијалниот центар АСНОМ во селото Пелинце, козјачко–пчињскиот регион, единаесет академски сликари од Македонија, Србија и Бугарија, учесници на 42-та Меѓународна ликовна колонија Куманово 2016-та создаваат уметнички дела. Иако велат дека инспирацијата е во нивното битие, амбиентот и составот на учесниците имаат свое влијание за непречено и опуштено творење. Кумановската колонија е и слична и сосема поразлична од останатите, за што Анита Цветановска, директорка на Музејот од Куманово, забележува дека со напредокот на технологијата сè повеќе се оди на арт перформанси, 3Д инсталации, а тие се од ретките што успеале да ја задржат класичната уметност.
„Да ја сочуваме естетиката, маслото на платно, акрилот на платно, графиката, вајарството, скулптурите. По тоа сме поразлични од другите. Бидејќи нашите депоа се наполнети со богата продукција која изобилува со вистински квалитет“, вели таа.
Ирина Черњавски Шантриќ од Србија вели дека, иако работи свое сликарство, амбиентот и организацијата се прекрасни.
„Многу е инспиративно, амбиентот самиот по себе носи една доза на мир, спокој, убавина. Невообичаено е. Со колегите имаме и еден вид научно и стручно усовршување. Упатени сме едни на други и на тој начин се едуцираме. Останатите колонии се сместени во градовите, а овде имаме апсолутен мир, што е реткост“, вели таа.
Дејан Ратковиќ од Панчево додава дека тука е вторпат, а оваа колонија се разликува и по локацијата.
„Многу пријатна атмосфера и опкружување. Ова место за секој уметник е многу инспиративно“, вели тој.
Младиот бугарски сликар Бисер Кирилов вели дека уметноста е начинот на живот, а за себе додава дека ако не твори како да не постои.
„Сè уште ги запознавам нештата и ја оживувам состојбата“, вели тој.
Владимир Илиќ од Србија вели дека има прекрасно искуство и поканата за второ учество на оваа колонија не го ставила во дилема.
„Природата е феноменална токму за ваква колонија. Имаме слобода за творење, тука покрај река, а и колегите и организацијата се добри, па кога сето тоа ќе се синтетизира за миг се создаваат добри дела“, вели тој.
Драгана Спасковска од Уметничката галерија при Музејот Куманово вели дека поради долгата традиција колонијата е со висок рејтинг. Освен што творат, уметниците се запознаваат и со останати културни содржини во и надвор од градот.
„Во однос на новите колонии кои се еден вид работилници, ние не сме во подем, туку сме во една стабилна фаза, а творбите ќе дојдат како една рефлексија на добро поминат престој во Пелинце“, вели таа.
Оваа Ликовна колонија е една од првите во Македонија, која им одолеа на сите општествено-политички турбуленции. Во депото на Музејот има над три илјади дела од уметници од сите делови на светот.
Колонијата е организирана со поддршка на Министерството за култура и локалната самоуправа на Куманово. Традиционално за Денот на ослободувањето на Куманово делата кои што настануваат на колонијата пред јавноста се презентираат на изложба во Галеријата.