Достапни линкови

Урбани сценски мостови меѓу Кавадарци и Гостивар


Во организација на Центарот за култура „АСНОМ“ од Гостивар и Домот на културата „Иван Мазов - Климе“ од Кавадарци, во саботата, на 19 септември, се одржа првото издание на манифестацијата „Урбани сценски мостови“. Во гостиварскиот Центар за култура заеднички се претставија поети, ликовни уметници, музичари и актери од обата града, а возвратната средба треба да се обистини на претстојната „Кавадаречка културна есен 2015“.

Поетите Лулзим Хазири, Слаѓана Брезовска, Афродита Џафери, Дејан Крстески, Рајко Стојаноски и Љупка Антеска, нивните колеги Цветанка Колева, Тодорка Андова, Надица Тренчева и Марјан Тодоровски, актерите Стојче Нешовски и Александар Малинков, музичарите Миа Морина, Ебрар Мазар и Ване Коцев и ликовните уметници Луан Зенки и Владимир Темков се учесниците на првото успешно издание на манифестацијата „Урбани сценски мостови“, која во деновите од изминатиот викенд се одржа во Гостивар.

Домот на културата „Иван Мазов - Климе“ од Кавадарци и Центарот за култура „АСНОМ“ од Гостивар долги години наназад имаа богата и широка соработка. Пред 10-на, 15 години таа соработка малку замре, за на една неодамнешна средба со Решат Амети, при неговата изложба во нашата институција, да се договориме да се заложиме таквите некогашни врски да ги возобновиме.
Владимир Темков, академски сликар.

Станува збор за возобновување на соработката помеѓу Центарот за култура „АСНОМ“ и Домот на културата „Иван Мазов - Климе“ од Кавадарци за која организаторите на случувањето знаат да кажат дека во последнава декада безмалку замрела.

„Домот на културата „Иван Мазов - Климе“ од Кавадарци и Центарот за култура „АСНОМ“ од Гостивар долги години наназад имаа богата и широка соработка. Пред 10-на, 15 години таа соработка малку замре, за на една неодамнешна средба со Решат Амети, при неговата изложба во нашата институција, да се договориме да се заложиме таквите некогашни врски да ги возобновиме. Ова се плодотворните средби каде што можат да се покажат дружењето, искреното пријателство и размената на искуства помеѓу повеќе дејци од областа на културата“, истакнува Владимир Темков, академски сликар и заедно со колегата Решат Амети еден од потписниците на иницијативата за овој тип размена на програми.

Самата симболика е во тоа дека на мостот немате порти. Убавината е во тоа што на него никаде нема никаква врата. Значи кога веќе еднаш ќе поминете сите врати, сите огради ви се отворени.
Луан Зенки, ликовен уметник и директор на Центарот за култура „АСНОМ“ од Гостивар.

Луан Зенки, ликовен уметник и директор на Центарот за култура „АСНОМ“ од Гостивар, пак, вели дека зад идејата насловена како „Урбани сценски мостови“ стојат луѓе коишто сакаат преку творештво да градат нови пријателства. Тој дополнува дека не направиле ништо специјално туку дека ја избришале прашината од некогаш градените мостови и дека сега продолжуваат наново да патуваат по нив.

„Самата симболика е во тоа дека на мостот немате порти. Убавината е во тоа што на него никаде нема никаква врата. Значи кога веќе еднаш ќе поминете сите врати, сите огради ви се отворени. Кога уметниците од Кавадарци се претставуваа на нивниот мајчин јазик, на нивниот дијалект, исто така ние како институција се грижевме да ги претставиме нашите градски духовни богатства, односно се читаа и се пееја песни на албански, турски и на македонски јазик, затоа што богатството, убавината на овој град е животот во повеќе заедници, вели тој.

Инаку, договорено е следната средба во рамките на „Урбани сценски мостови“ да се случи наскоро во рамките на претстојната „Кавадаречка културна есен 2015“.

„Таму ќе одиме со богатството што го имаме – мултиетничноста. Ќе се претстават уметници Албанци, Турци, Македонци и верувам дека ова нема да биде крајот, туку убеден сум дека ќе продолжиме и натаму не само да градиме пријателства, затоа што тие веќе биле изградени, туку заедно со кавадарчани, струмичани, битолчани, дебарчани ќе продолжиме да градиме мостови и надвор од Република Македонија затоа што овој капитал што ние го имаме во нашава држава вреди да се претставува и со него да комуницираме со културите од останатите држави“, ќе рече Зенки.

Темков, пак, од своја страна дополнува дека во рамките на оваа манифестација договорена е и соработка помеѓу ликовните здруженија од двата града и дека дел од гостиварските уметници ќе бидат гости на кавадаречката Меѓународна ликовна колонија, а овие, пак, на сродните културни случувања во Полог.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG