По „Двеконструкција“, постановката на црно-бели портрети што се одржа во Музеј на град Скопје во 2006 и ретроспективата на модна фотографија четири години подоцна, Дарко Мораитов еве го со третата самостојна изложба. Отворањето на проектот „Парадокс“ е предвидено да се случи овој вторник, на 15 септември, во 20.30 часот, во Галеријата на Младинскиот културен центар, и за него авторот знае да каже дека е плод на неговиот четиригодишниот творечки ангажман.
Мојата изложба ја подготвував нешто повеќе од четири години. Како минуваше времето додавав идеи, односно нови фотографии, а некои дури и отпаѓаа за така да дојдам до заокружување на овој концепт. Првичната идеја ми беше и остана, се разбира со големи измени низ годиниве, да го опфатам човекот од повеќе аспекти.Дарко Мораитов, фотограф.
Говорејќи за процесот на работа Мораитов вели дека, кога би се повикал на светските авторитети, тогаш за една изложба се потребни дури и десет години. Дополнува дека сè зависи од тоа „колку си подготвен брзо да ја спремиш и колку притоа си финансиски моќен за да ги покриеш сите трошоци за нејзино реализирање“.
„Мојата изложба ја подготвував нешто повеќе од четири години. Како минуваше времето додавав идеи, односно нови фотографии, а некои дури и отпаѓаа за така да дојдам до заокружување на овој концепт. Првичната идеја ми беше и остана, се разбира со големи измени низ годиниве, да го опфатам човекот од повеќе аспекти. На почетокот бев концентриран околу македонската митологија и сакав цела изложба да ја врзам околу тој контекст. Меѓутоа понатака сфатив дека има простор концептот да го срочам како еден интересен микс од различни идеи кои ќе бидат повторно вклопени во една целина, во една приказна. “
Уметникот потенцира дека човекот како мотив преовладува во целата изложба иако тој во последниве неколку месеци малку понагласено се бавел со посовремениот дел од постановката. Односно со нештата што нас како луѓе не опкружуваат и затоа направил една целина во која ги споил фотографиите со елементи од нашата македонска митологија, со старите обичаи кои, пак, се стилизирани во времето во кое битисаме.
Веќе неколку години се обидувам да се наметнам на светскиот пазар, но верувајте нималку не е лесно. Впрочем како и во секоја друга професија. Се надевам дека со оваа изложба ќе успеам да ги заинтересирам луѓето од овој бизнис.Дарко Мораитов, фотограф.
„Од таму дојде и самото име „Парадокс“ бидејќи забележав дека во сетовите преовладува една иронија, сарказам...за сето она што нас не опкружува. Но, не би сакал ова на прва топка да го форсирам туку оставам посетителите на изложбата да ме доживеат мене како автор, посебно поодделно фотографиите онака како што тие самите ќе ги видат.“
Инаку, во рецензијата за актуелната постановка Влатко Галевски, новинарот кој долги години професионално соработува со авторот и уредник на фотографија, меѓу другото ќе забележи:„Парадоксите“ на Мораитов не се просторни туку временски. Затоа можат да се „дефинираат“ како „мината иднина“, како духовен и церебрален баланс на противречности. Иницијалниот футуризам во мотивите на уметникот не е во функција на конечно раскинување со минатото, туку делува како допир на традицијата и побуната, како спој на помнењето и идејата. Мисла без парадокс е како љубовник без страст, фотографија без парадокс е како фригидна метреса.
Роден 1971 година во Скопје, Дарко Мораитов со фотографија професионално се занимава над деценија и половина. Започна во неделникот „Старт“, потем беше уредник на фотографија во „Зум“, во „Форум“ и така со ред ...Со своите дела учествувал на повеќе домашни и меѓународни изложби и има освоено бројни награди и признанија, меѓу кои позначајна е првата награда за поединечна фотографија на Денови на македонска фотографија во 1999 година. Година дена подоцна престојуваше и на усовршување од областа на фотографијата на Универзитетот во Колумбија, во САД.
„Морам да признам дека репортерската фотографија во последно време се повеќе ми недостига, меѓутоа се уште ми е интересно да го работам ова што сега го работам бидејќи сакам да имам простор каде што ќе можам креативно да се изразам онака како што јас си пожелувам. Во „Парадокс“ го има и тој еден битен момент од мојот силен интерес за модна фотографија, но овде е направен еден интересен и се надевам успешен микс од уметничка концептуална со модна фотографија. “
Запрашан, пак, за можноста за пробив на меѓународната сцена, Мораитов истакнува дека во моментов тоа е и најбитно за него како автор.
„Веќе неколку години се обидувам да се наметнам на светскиот пазар, но верувајте нималку не е лесно. Впрочем како и во секоја друга професија. Се надевам дека со оваа изложба ќе успеам да ги заинтересирам луѓето од овој бизнис, зборувам за агенти, уредници на магазини, критичари, галеристи...и дека ќе ми се отвори вратата за тој влез во фотографскиот свет. Не може да избегаме од вистината дека како и секоја друга професија и фотографијата е бизнис и за да влезеш во тие кругови треба многу познанства, многу одвоени средства...меѓутоа за разлика од нашава микро-средина кога тоа ќе ти успее се чини дека многу полесно се собираат плодовите од она што го даваш од себе“, вели Мораитов.