Јерум Хаусман од Холандија, Бахрам Ќалилов од Азербејџан, Лазар Пејовиќ од Црна Гора, Јапонецот Тошиаки Томита и нашите Марија Сотировска, Велимир Жерновски и Михаела Јовановска се седумте учесници на актуелната 26-та меѓународна ликовна колонија Галичник.
Еве и оваа седма едиција е во тој контекст и мислам дека фаќаме одлична линија на развивање на овој нов концепт и на оваа нова замисла и нов дискурс во однос на експресијата на уметноста.Ана Франговска, уметнички раководител на Галичка ликовна колонија.
Станува збор за зрели автори чија кариера, според бројот и имињата на изложбите на кои зеле учество индивидуално или како селектирани претставници на своите земји на групни меѓународни претставувања, се движи во нагорна линија и за млади творци кои покажуваат особен талент и креативност и сигурно се наметнуваат на сцените од каде што доаѓаат и вон нив.
Нивниот одбир е во согласност со зацртани прерогативи на Колонијата, а тоа се квалитетот на досегашното творештво и уникатноста во поглед на идејната структурираност. Згора на тоа во случајов продолжува и седумгодишната интенција на организаторите колонијата да се движи во правец на дигиталните медиуми и медија уметностите, што подразбира дека поканетите уметници, од 18 до 25 август, се занимаваа со сопствените инспирации во доменот на уметничката фотографија, видеото, инсталацијата, дигиталната графика и слично.
Уметниците веќе сите си имаат некаков свој изграден стил, свој приод кон уметноста, меѓутоа самото место, самата инспирација, самото дружење со луѓето предизвикува нови сознанија, нови позиции коишто тие се обидуваат да ги отелотворат во новите дела.Ана Франговска, уметнички раководител на Галичка ликовна колонија.
Ана Франговска, уметнички раководител, вели дека идејата за овој концепт била уште од самиот почеток да се направи нешто поинакво по што Галичката колонија би се издвојувала од преостанатите во земјава. Потенцира дека впрочем таа несомнено низ времето си имала свој печат и свој белег пред сè по изборот на уметниците коишто биле поканувани да творат во ова живописно место, по самиот концепт на функционирање кој подразбира квалитет наместо квантитет и конечно по самите изложби кои се организирани и на кои се презентираат делата што се создаваат.
„Еве и оваа седма едиција е во тој контекст и мислам дека фаќаме одлична линија на развивање на овој нов концепт и на оваа нова замисла и нов дискурс во однос на експресијата на уметноста“, вели Франговска.
Таа дополнува дека за жал во овој момент не може да се види крајниот продукт, делата врз кои уметниците започнале да работат, бидејќи истите тие подлежат на пост-продукција којашто самите автори ја довршуваат во своите студија. Но, затоа, пак, како што истакнува, изложбите кои што се биенални или триенални на еден поспецифичен начин го презентираат финалниот продукт и она што Колонијата како специфика го носи сама по себе.
„Уметниците веќе сите си имаат некаков свој изграден стил, свој приод кон уметноста, меѓутоа самото место, самата инспирација, самото дружење со луѓето предизвикува нови сознанија, нови позиции коишто тие се обидуваат да ги отелотворат во новите дела. Оттука секоја една ваква уметничка дружба или креативна средба, во секој случај, дава голем потстрек кај уметниците којшто може во иднина и да вроди со размисли и нови правци во однос на нивниот понатамошен творечки ангажман“, вели таа.
Франговска појаснува дека и годинава нивните гости се презадоволни од престојот во Галичник и дека мнозина од нив пројавуваат желба да творат овде и во наредните неколку месеци.
„Овој Галичник, оваа дива убавина, оваа магична архитектура и природа секогаш се инспиративни и се позитивни изблици на енергија за уметничка експлорација“, вели Франговска.
Инаку, во изминатава недела уметниците имаат можност да ги посетат некои од околните села, да ги видат прекрасните водопади во Ростуше, потем и манастирот Св. Јован Бигорски, а планирана е и еднодневна посета на Охрид, градот со едни од најубавите манастири и цркви на Балканот и пошироко.
Кон ова само уште информацијата дека финалните дела започнати на оваа творечка средба ќе бидат претставени на една од претстојните биенални или триенални изложби. А кога сме веќе тука, да кажеме и тоа дека неодамнешната постановка со творештвото од претходните три сесии на колонијата, којашто патем се одржа во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, го докажа својот несекојдневен квалитет и својата современост.