Достапни линкови

Чудесни дела на „Арт поинт - Гумно 2015“


Мишел Коноли од Австралија, Бети Брицељ од Словенија, Јошкин Шиљан од Србија и Леон Пачет од Велика Британија се четирите реномирани светски уметници со оригинален авторски печат кои гостуваат на 14-то издание на Интернационалната уметничка резиденција, што од 11 јуни до 6 јули, се одржува во Меѓународниот центар за уметност „Арт поинт - Гумно“ во демирхисарското село Слоештица.

Во демирхисарска Слоештица и ова лето ќе царува и органски ќе се воздига уметноста. Онака како што тоа впрочем се правеше и во изминатите 13 години од кога Ирена и Сергеј Андреевски се зафатија со организацијата на интернационалната уметничка резиденција. А овојпат, пак, во Меѓународниот центар за уметност „Арт поинт – Гумно“, од 11 јуни до 6 јули, ќе творат Мишел Коноли од Австралија, Бети Брицељ од Словенија, Јошкин Шиљан од Србија и Леон Пачет од Велика Британија, четири реномирани светски уметници уметници со оригинален авторски печат и засебни потраги.

Секогаш се трудиме онолку колку што можеме нивото на оваа наша резиденција да го кренеме на едно повисоко рамниште, значи овде во Меѓународниот центар за уметност „Арт поинт - Гумно“ во Слоештица да дојдат уметници коишто се навистина исклучителни.
Сергеј Андреевски, уметник.

„Секогаш се трудиме онолку колку што можеме нивото на оваа наша резиденција да го кренеме на едно повисоко рамниште, значи овде во Меѓународниот центар за уметност „Арт поинт - Гумно“ во Слоештица да дојдат уметници коишто се навистина исклучителни. Затоа не се сомневам дека и овојпат сме едно скалило погоре бидејќи во изминатиов период, а сега сме некаде на средина на нивниот престој, тие направија чудесни дела, а тоа јас лично го видов во очите на посетителите на неделната презентација на која и покрај лошото време имаше завиден број на љубители на уметноста и љубопитници“, истакнува уметникот Сергеј Андреевски.

Говорејќи за своите гости и колеги, тој појаснува дека Бети Брицељ го прикажува својот сопствен свет, но и своето видување на светот и природата воопшто преку геометриски претстави. Вели дека интимниот пристап ја омекнува математичката прецизност на создадената форма, а бојата освен што обојува, има функција да пулсира и поврзува и дека минатата година таа имала успешно самостојно претставување во „Музејот на геометриска и МАДИ уметност“ во Далас, во САД.

Откако пристигнавме запознав мнозина од месното население, овчари, мајстори за правење сирење, земјоделци и низ средбите со нив дојдов до заклучок дека тие неминовно мора да станат дел од моите нови слики што ќе ги сработам овде или можеби откако ќе се вратам дома во Австралија.
Мишел Коноли, уметница.

Од Слоештица, Брицел, која по прв пат е на Колонијата заминува за Птуј, во родната Словенија, каде што нејзиното видео ќе биде централен настан на отворањето на 13-тиот меѓународен фестивал на современа уметност „Уметноста останува“ (Art Stays).

Од друга страна Јошкин Шиљан доаѓа од Грделица, соседна Србија. Триесетгодишнината од неговото ликовно творештво била одбележана неодамна, во павилјонот „Цвета Зузовиќ“ во Белград со голема ретроспективна изложба насловена како „Има ли некој?“. Мотото на Шиљан е: „Производството на радост е производство на иднината; без радост нема иднина!“. Радоста е таа што доминира во неговите слики, а публиката е дел од неа.

Леон Пачет, пак, е стар познаник на жителите на Слоештица и околината. Тој по третпат е во селото, а возбудата што му претходи на создавањето за него, како што велат организаторите, е секогаш нова. „Како првпат да ги открива расфрланите гранки низ шумата. Од нив го вади максимумот, ги обликува и оживува. Во тоа е впрочем неговата посебност“.

И конечно, информациите велат дека Мишел Коноли е уметник со исклучително бујна фантазија и креативна енергија. Нејзините дела произлегуваат од светот на игрите, спонтани се и полни со живот. Застапена е во многу приватни колекции ширум светот. За себе таа знае да каже „дека е уметник, но и промотор на уметност и уметници“. Родена е во Велика Британија, живее во Австралија, а врвот на уметничката кариера го достигнува во САД каде што и денес работи како директор на меѓународната ликовна колонија „Без граници“ (No Boundaries, Inc).

„По прв пат сум на оваа колонија и воопшто во Македонија. Овде сум на покана од мојот пријател Сергеј Андреевски и навистина сум воодушевена од мирот и убавините на селото и планините околу него. Мислам дека за секој уметник е најважно да твори опкружен и во дослух со природата. Моите дела се прилично експериментални и игриви, но јас би сакала во уметноста што ја создавам да ги инкорпорирам и овие луѓе, овие лица, овие карактери со кои што сум сега опкружена. Откако пристигнавме запознав мнозина од месното население, овчари, мајстори за правење сирење, земјоделци и низ средбите со нив дојдов до заклучок дека тие неминовно мора да станат дел од моите нови слики што ќе ги сработам овде или можеби откако ќе се вратам дома во Австралија“, забележува Коноли.

Овие денови ќе се одржи и традиционалната работилница на уметниците со децата од овој крај при што тие заедно ќе креираат дела.

„Нашата мисија е и да едуцираме. Особено тоа да го правиме со најмладите во чијашто иднина најмногу веруваме. Тоа ни стана практика затоа што децата се навистина креативни, затоа што се исклучително талентирани, затоа што тие овде секојдневно ја допираат земјата и така допирајќи ја се посебно интуитивни. Тоа лесно го приметуваат нашите гости, уметниците и тие средби меѓу нив се нешто што и два посебност на оваа колонија“, потенцира Андреевски.

Кон ова само уште информацијата дека на 28 август, на Богородица, на денот на славење на Пирејот, во Слоештица, повторно ќе биде отворена изложба со избор од завршените дела од ова издание на интернационалната колонија. Инаку, како еден вид новина годинава, некаде со почеток во октомври, со избор од делата од интернационалните творци през годиниве, „Арт поинт – Гумно“, ќе се претстави со серија ликовни постановки во ЕУ Инфо центар во Скопје.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG