Достапни линкови

Тања Балаќ: Живееме во време на „свесно слепило“


„Невидлива изложеност“ е насловена 21 самостојна изложба на македонската уметница Тања Балаќ, што од 3 до 20 септември, се одвива во галерискиот простор на НЛБ Тутунска Банка АД Скопје. На постановката се претставени дваесеттина дела од новиот циклус на сликарката со кој таа прави усилби да ја прикаже осаменоста на поединецот во светот во кој владее императив на социјална вмреженост во виртуелното секојдневие.

„Невидлива изложеност“ е проект кој ги опфаќа последните две години од моето творештво и пред сè се занимава со односот помеѓу она што го гледаме и она што навистина го восприемаме, односно го согледуваме.“

Живееме во време во кое како да ни е неопходно „свесно слепило“, за да ја сочуваме илузијата за самите себеси, или пак за светот во кој живееме. И што поголемо е лудилото, толку сме колективно поспремни на себезалажување, односно себезаслепување.
Тања Балаќ, уметница.

Вака уметницата Тања Балаќ ќе ја започне сторијата за својата 21 самостојна изложба на која таа, преку селекција од дваесеттина дела со различен формат, го претставува својот нов циклус со кој ја преиспитува положбата на човекот во современиот свет, кој всушност е „озрачен“ со севкупниот технолошки развој и секако со се подоминантната дигитална технологија.

Појаснува дека честопати во секојдневниот живот како да не го гледаме она што ни е пред очи. Вели дека нашата способност да ги согледаме и да запазиме работите во голема мера зависи од она што всушност сакаме и да го видиме.

Ја обработувам и таа дистанца, просторна, временска, имагинативна...и сите оние текстови кои што се пресирани врз сликите всушност и говорат за таа алиенација, за таа отуѓеност и за некој императив на социјална вмреженост. На илузија дека сме вмрежени, дека сме пријатели, а всушност длабоко во себе и натаму многу осамени.
Тања Балаќ, уметница.

„Живееме во време во кое како да ни е неопходно „свесно слепило“, за да ја сочуваме илузијата за самите себеси, или пак за светот во кој живееме. И што поголемо е лудилото, толку сме колективно поспремни на себезалажување, односно себезаслепување. Според мене само нормални средини можат да си го дозволат луксузот да ја гледаат реалноста или стварноста од секојдневието со реални очи. На болните општества, кој што притоа се бават со материјална немаштија или духовна беда, просто како да им требаат дневни дози на колективен аналгетик како би го преживеале секојдневието, односно илузијата на секојдневието која што ја создаваат.“

Балаќ нагласува дека овој нејзин циклус се занимава со отуѓеноста на поединецот изгубен во еден бескраен простор и внесен во некаков свој имагинативен простор. Дека таа постојано се залага да ја преиспита положбата на човекот во современиот свет бидејќи, како што вели, тоа е свет во кој човекот е озрачен од вкупниот технолошки развој и се подоминантната дигитална технологија.

„Ја обработувам и таа дистанца, просторна, временска, имагинативна...и сите оние текстови кои што се пресирани врз сликите всушност и говорат за таа алиенација, за таа отуѓеност и за некој императив на социјална вмреженост. На илузија дека сме вмрежени, дека сме пријатели, а всушност длабоко во себе и натаму многу осамени. “

Авторот на текстот за каталогот за изложбата, Горанчо Ѓорѓиевски, пак, меѓу другото пишува: “Балаќ експериментира и создава уникатен спој во нејзините слики, користејќи класични сликарски техники надополнети со несликарски материјали (плексиглас и печатен текст), создавајќи дела чија инспирација е човекот.“

„Овој циклус е работен со масло на платно и тоа што е новина што овојпат го употребувам сакајќи да ја покажам таа дистанца е користењето на плексигласот пред кој оди аплициран текст. Со самата негова употреба ја нагласувам таа физичка дистанца, но истовремено ја нагласувам и таа интеракција помеѓу гледачот и делото која, се надевам, ќе се создаде при неговото набљудување. Е, сега – дали ќе го читаме текстот или ќе ја гледаме сликата тоа зависи од она што сакаме да видиме и тоа е всушност и поентата на таа „Невидлива изложеност“. “

Сликарката дополнува дека ова е само почеток на потрагата и дека циклусот останува да го развива во времето пред нас.

А, кон ова и малку фактографија. Родена 1968 година во Скопје, Тања Балаќ дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во одделот за сликарство. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија од 1996 година и до пред некоја година негов претседател. Зад себе има 20 самостојни и повеќе групни изложби во земјава и во странство, повеќе награди и признанија за своето творештво од кои посебно за издвојување се „Никола Мартиновски“, „Методија Ивановски – Менде“, „Константин Мазев“... , а сем со сликарство се бави и со видео арт и со уметнички перформанси.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG