Достапни линкови

„МосТ“ - Прва меѓународна Балканска изложба


Со учество на дваесеттина уметници од Турција и од Република Македонија, од 28 февруари до 12 март, во салонот „Империјал 1“ на Културно-имформативниот центар во Скопје, ќе се одржи Првата меѓународна балканска изложба „МосТ“. Со овој проект кој ќе биде претставен во повеќе градови од обете земји се акцентира соединувачката страна на уметноста.

Армаган Ѓокчерарслан, Атила Илкјаз, Ѓунеш Аџур, Ѓокче Кечеџи Шеќероглу, Џебраил Отгун, Џезми Орхан, Фејза Илкјаз, Хатиџе Оз, Мехмет Јилмаз и Семра Јуџел од Турција и Кристина Битракова,, Наташа Милованчев, Тања Балаќ, Нехат Бекири, Ибрахим Беди, Фехим Хусковиќ, Тони Васиќ, Трајче Чамтов, Владимир Темков и Трајче Блажевски од Македонија се уметниците чии дела ќе се најдат на Првата меѓународна балканска изложба „МосТ“ што своето патешествие по галериите ќе го започне од Културно информативниот центар во Скопје. Тие твореа на тема инспирирана од еден од симболите на градот - Камениот мост. Со овој чин творците по којзнае кој пат ја потенцираа соединувачката страна на уметноста.
Вистински мост на поврзување од ваков аспект на автори од Македонија и од Турција, ми се чини дека досега немало и ова ќе биде само еден мал почеток на сите тие мостови што допрва ќе се случат со самото тоа поврзување на ниво на поединци, колонии, симпозиуми, академии...Сето тоа е одличен показател дека знаеме, умееме и дека и во иднина ќе правиме вакви добри дела.
Фехим Хусковиќ, еден од кураторите на изложбата.

„Вистински мост на поврзување од ваков аспект на автори од Македонија и од Турција, ми се чини дека досега немало и ова ќе биде само еден мал почеток на сите тие мостови што допрва ќе се случат со самото тоа поврзување на ниво на поединци, колонии, симпозиуми, академии...Сето тоа е одличен показател дека знаеме, умееме и дека и во иднина ќе правиме вакви добри дела“, истакнува професор Фехим Хусковиќ, кој заедно со д-р Атила Илкјаз и доцент Армаган Ѓокчерарслан се куратори на изложбата.

Конча Пиркоска, во каталогот за постановката ќе забележи дека, без оглед на презентираните модернистички дела на авторите, нејзиниот концепт е компатибилен со концептот на времето и на местото, на припадноста, на позицираноста во однос на географските, историските, општествените, економските и едукативни параметри, како и во однос на класите, полот, староста и статусот коишто во уметноста имаат долга историја. Станува збор за еден транс-историски, пара-културен континуиран сензибилитет кој кореспондира со современиот информатички миг, и којшто овозможува да се биде и тука и таму. Денес местото стана мобилно, фрагментирано, што претставува последица на комуникациските мрежи кои засекогаш го сменија односот кон припадноста, кон идентитетот, а особено кон присутноста и местото. Флуидноста и слоевитоста на уметничките дисциплини во конкретниов случај им овозможува на уметниците да ги користат истите инструменти или истиот или сличен визуелен јазик, и истовремено лесно да ги менуваат контекстите на презентирањето и на значењето – пишува историчарката на уметност.

Првата меѓународна балканска изложба по Скопје ќе ја види ликовната публика во Велес, Кавадарци, Битола, Штип, Тетово, Гостивар и во уште неколку градови во земјава, а потем „МосТ“ го напушта европскиот континент и се сели во Мала Азија.

„Таков сличен проект, значи 10 автори од Македонија и исто толку од Турција, ќе бидат преставени во Анкара и во поголемите центри како Истанбул, Измир, Бурса, Коње, Трабзон и други“, дополнува Хусковиќ.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG