Достапни линкови

Хаџи-Василева - Уметноста пред сè


„Вродена убавина 3“ е насловена самостојната изложба на Елпида Хаџи-Василева, што од 1 до 20 септември, ќе се одржи во галерија ОСТЕН. Уметницата која повеќе од две децении живее и твори во Велика Британија на два пати била македонски претставник на Биеналето во Венеција и еднаш на Ватикан, а освен бројните признанија во светот, таа неодамна стана и добитник на наградата Златен ОСТЕН на Биеналето на цртеж Скопје 2016.

Делото „Вродена убавина 1“ настана во 2010 година. Имав идеја тоа да биде мозаик. Таписерија. И притоа коцките да не бидат синхронизирани меѓу себе, меѓутоа кога ќе ги погледнеш како целина да изгледаат како перфекција на цртеж. Едноставно да се открие едно ткиво. Внатрешно, животинско ткиво. Нешто што ние во Македонија многу го користиме, а луѓето не обраќаат некое посебно внимание на неговата текстура, на неговата структура и коешто за мене има една прекрасна асоцијација со нашата текстилна индустрија. И од таму се започна. Затоа и се вика „Вродена убавина“. Затоа што е дел на стомакот којшто ги покрива, заштитува органите и без таа марамица ние не можеме да живееме.

Вака Елпида Хаџи-Василева ќе го стори воведот во разговорот забележан во пресрет на нејзината изложба „Вродена убавина 3“ што од 1 до 20 септември се одржува во галерија ОСТЕН во Скопје.

Во понатамошната експликација за проектот таа појаснува дека го одбрала токму поради неговата врска со македонската традиција на рачна изработка на ткаени, везени и плетени работи која полека изумира и дека едноставно сакала да направи една таписерија за на ѕид која оддалеку изгледа како цртеж, но кога ќе и се приближиш ти станува јасно дека станува збор за дело од природен материјал.

Уметницата истакнува дека би сакала тој и натаму да еволуира затоа што насетува дека од него можат да се прават невозможни комбинации и дизајни. Притоа, како што вели, и во иднина ќе користи исклучиво природни материјали. Нив постепено ќе ги збогатува со додавка на пигменти, а планира да стокми и неколку поголеми инсталации со истиот материјал (мембрани од свински желудници на црни основи) каде би користела и бои.

Инаку, пред доаѓањето во Македонија, Хаџи-Василева во галеријата-музеј во Нотингам ја отворила својата изложба на која се претставува со веројатно најголемата нејзина инсталација досега. Вели дека проектот во јануари наредната година ќе биде претставен во Лондон, а потем и во уште два поголеми градови. Појаснува дека на него работи скоро три години со признати научници и доктори од повеќе образовни и медицински институции во Обединетото кралство.

Ако, згора на тоа биде познато дека таа на два пати беше македонски претставник на Биеналето во Венеција и еднаш на Ватикан, дека учествувала на многу интернационални изложби, вклучително L’H du Siege во Франција, во музејот Kilmainham Gaol во Даблин – Ирска, тогаш по малку може да ве зачуди кога ќе рече дека, иако успева да живее од уметноста, „себе си не се смета за успешна“. Дека на тоа гледа како на одредена патека која треба да ја помине.

„Сум жртвувала многу работи за да можам да творам. Мене уметноста ми е пред сè. Постојано се трудам секој нареден проект да ми биде подобар од претходниот и да добие некоја верификација од јавноста, од ликовната публика, од критиката“, вели таа.

Елпида, патем, ќе рече дека само во последно време пофални текстови за нејзиното творештво се појавиле во Гардијан, Обсевер, во големи списанија и магазини како што е Волпејпер Викенд кој нејзината изложба ја прогласил за најдобра. Дека се гордее со тоа бидејќи средината во која делува ја прифатила, но од друга страна таа не може да се помири со фактот дека не е третирана како што доликува во родната земја.

„Не ми е криво, туку ми е жал што е тоа така. Зошто сепак јас сум Македонка. Одовде сум. Би ми било драго кога тоа би се ценело малку повеќе. Дека земјата има човек како мене којшто оди по светот и се претставува во вистинското светло. Каде и да одам јас никаде не кажувам дека сум Англичанка туку Македонка. Точно јас сум во Англија 25 години, но потекнувам од ова тло. Во било кои новини или списанија во Британија каде и да пишуваат за мене никаде не стои дека сум Англичанка туку Македонка“, вели таа.

Во овој контекст Хаџи-Василева, која магистрирала скулпторство на Кралскиот колеџ во Лондон и има работено на бројни тамошни јавни проекти и скулптурни просторни инсталации, при секое ново доаѓање дома е длабоко разочарана и од она што како нови градби го гледа во Македонија и посебно во Скопје.

„Ние како земја наместо да одиме напред се враќаме назад. Сите овие објекти кои се направени во град Скопје за мене се да не речам катастрофа, ама дебело враќање во минатото. Цели 20 чекори назад. Ние имаме толку добри уметници, архитекти, прекрасни луѓе, автори кои можат да потпишат прекрасна нова, модерна архитектура, а го уништуваме градот. И што е поважно ова ќе биде за идните генерации. Ова е историја што ние ја правиме а која што никогаш не сме ја имале“, вели таа.

Кон ова само уште информацијата дека на отворањето на изложбата на Елпида Хаџи-Василева беа промовирани и двете графички мапи: „Вродена убавина 3“ и „Просторни инсталации“, со кои таа се вклучува во проектот - 70 графички мапи за 70 години ОСТЕН, проект кој започна во 2015 година, по повод 70-годишнината од основањето на ОСТЕН и има за цел формирање на библиотека на графички мапи "Светско културно наследство.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG