Достапни линкови

Македонско – јужнокорејско уметничко „Патување“ во Мала станица


„Патување“ е насловена изложбата на која 39 современи уметници од Македонија и Јужна Кореја, во периодот од 3 до 20 август, во Националната галерија на Македонија, во објектот Мала станица, се претставуваат со дела во најразлични медиуми инспирирани од актуелните случувања и состојби во светот, како и од универзалните принципи на природата кои никогаш не се менуваат.

Голем број реномирани автори, како и млади талентирани уметници од Македонија, меѓу кои Александра и Ана Јовановски, Ана Ивановска, Ана Лазаревска, Ангел Миов, Благојче Наумоски, Горан Менков, Гордана Вренцоска, Зорица и Христина Зафировски, Марко Георгиевски, Кристина Хаџиева, Нина Нинеска, Петра Јовановска, Урош Вељковиќ, Христијан Санев и други, и членовите на групата „Егзит“ од Јужна Кореја (Лој Ким, Кјусан Ли, Инсук Рио), се учесници на изложбата „Патување“ што, од 3 до 20 август, се одржува во Националната галерија на Македонија, во објектот Мала станица, во Скопје.

Тие се претставуваат со дела во најразлични медиуми - од инсталации, аудио‒инсталации, преку објекти, реди‒мејд објекти, фотографии и сè до слики и цртежи од голем, среден и мал формат.

Преку нив авторите ги прикажуваат своите погледи на темата „Патување“ разгледувана во најширока смисла на зборот. Патувањето како движење од точка А во точка Б, земени како позиции во просторот и времето или преминување од една во друга состојба. Тие всушност, како што стои во каталогот, ги разгледуваат условите со кои се соочува субјектот или објектот кој патува, влијанијата и промените кои ги претрпува, како и крајните позиции или резултати од ваквото патување.
Изборот на темата бил поттикнат од актуелните случувања и состојби во светот. Од општите човекови состојби и принципи, инаку непроменети стотици и илјадници години, како и од универзалните принципи на природата кои никогаш не се менуваат.

„Убавината на уметноста е што ни нуди можност да покажеме каква визија имаме за светот. И уметниците на оваа изложба всушност го покажаа тоа. Покажаа каков би можел тој да биде во иднина. Каков би сакале тие да биде и како стравуваат дека ќе биде. Некои, пак, ги прикажаа своите реални патувања во материјалниот свет. Различно од реалниот живот, уметноста може да ни дозволи да креираме поинаква визија за светот, онаков каков сакаме да биде, онаков каков што предвидуваме дека ќе биде, онаков каков што стравуваме дека ќе биде, да нè однесе на патување во иднината, во друга временска или просторна димензија, светот на соништата, во паралелна реалност, или во реалноста на уметничкото дело за која зборува Малевич“, вели Маја Кировска, организатор и куратор на изложбата.

Уметницата соработката со членовите на арт групата „Егзит“ ја започна во 2014 година на еден настан, во галеријата на Македонскиот центар во Њујорк, каде со концерт во иста вечер беа отворени три изложби, две на македонски автори и една на творците од Јужна Кореја.

Набрзо потоа започнале и подготовките за гостување на групата „Егзит“ во Македонија на заедничка изложба со нашите современи уметници.

Групата „Егзит“ е формирана во градот Ченгчу во 2010 година и е отворена за соработки. Во неа покрај основачите, секоја година кон изложбите се приклучуваат нови членови, а исто така тие покануваат и гости од странство. Изложуваат по два пати годишно, еднаш во татковината и еднаш во странство.

Во својот прв каталог „Егзит“ ја цитираат мислата на големата Фрида Кало која своевремено рекла: „Се надевам дека Излезот носи задоволство и се надевам дека никогаш нема да се вратам“, што, од своја страна, го појаснува значењето и поводот за одбир на името под кое решиле да делуваат овие јужнокорејски творци.

Инаку, паралелно со „Патување“, во Мала станица, е во тек и самостојната изложба на уметницата и членка на „Егзит“ - Санјонг Ли. Таа преку „Низ огледалото“, преку делата работени во повеќе медиуми (инсталации, објекти, слики и фотографии), се осврнува на апсурдот на светот во кој денес живееме. Ли, како што забележува кураторката Кировска, „во две или три димензии, не води од другата страна на огледалото, во свет во кој навидум ја деформира реалноста, но во суштина е воочување и посочување на нејзиниот вистински карактер, ослободен од илузии“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG