Десетици цртежи на бегалскиот брачен пар сириски уметници, Шерго Муса и Назли Абду, преку кои го опишуваат нивното патешествие од родната Сирија до Прифатниот центар за бегалци Винојуг во Гевгелија, ја сочинуваат изложбата „Бегство за подобро утре“, која денеска беше отворена во Кинотеката на Македонија. Цртежите на кои се гледа нивната тага, болка и гнев настанале во изминатите девет месеци, колку што оваа сириска двојка, заедно со нивните деца, е заглавена во Македонија.
„Тоа што го цртам произлегува од мојот живот и доколку би сакал да цртам нешто среќно би требало тоа да го извадам од мојот живот. Овие цртежи се сето тоа низ кое поминував во текот на животот, така што кога ќе се случува нешто убаво кај мене, претпоставувам дека ќе се случат и некои поубави слики“, вели уметникот.
Тој ја изрази благодарноста за гостопримството во Македонија, но вели дека не ја гледа својата иднина во земјава и сака што поскоро да замине.
Претставникот на УНХЦР во Скопје, Мохамад Ариф, на отворањето на изложбата рече дека во земјава има уште помалку од 200 бегалци, кои не може да го продолжат патот кон Западна Европа. Тој рече дека во изминатите година и половина е направено многу, но оти треба да се направи уште за да им се подобрат условите за престој. Ова не се само цртежи, ова е приказната низ што сè поминале овие луѓе, рече Ариф.
„Помеѓу сите тие луѓе, помеѓу бегалците, постојат луѓе коишто се многу талентирани, многу вешти и своите вештини ги носат во земјите каде што одат. Такви се и Шерго Муса и неговата сопруга Назли Абду со нивното семејство, кои со нивните вештини и богат талент може само да ги збогатат искуствата на земјите каде што тие одат и да ги подобрат културните услови во земјите“, рече Ариф.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Агрон Буџаку, повика на спротивставување на ксенофобијата со уметност.
„Цртежите коишто ќе ги видите денеска ни ја раскажуваат нивната приказна, болна, тажна, трогателна, но и полна со лутина и неразбирање, обоена со поетскиот сензибилитет и уметничкото наследство на старата цивилизација, една од најстарите на земјата“, рече Буџаку.
Изложбата ќе може да се посети до 25 јануари, а цртежите се на продажба. Куратор на изложбата е сликарката Маја Стефановска.