Достапни линкови

Мигрантите како во студентски кампуси


Во Македонија во прифатните центри се наоѓаат околу 250 мигранти, кои според ЦУК имаат соодветни услови за престој. Се забележува пораст на криумчарењето на мигранти, при што од ЦУК велат дека се спремни на секое сценарио.

Мигрантите кои се наоѓаат во прифатните центри во земјава имаат добри услови за живот, соопштија од Центарот за управување со кризи, при потпишувањето на договорот за донација со Меѓународната организација за мигранти ИОМ, по повод меѓународниот ден на мигрантите.

Новоназначениот директор на ЦУК, Агрон Буџаку вели дека бил во посета на прифатниот центар Табановце и пријатно бил изненаден од тамошните услови за мигрантите, пред сè од чистотата и изгледот, при што упати пофални зборови кон сите оние кои се активно ангажирани во менаџирањето на кризата.

„Јас колку што видов тоа личеше на студентски кампус. Многу убаво средено. Имајќи предвид дека од почеток, иако јас не бев на функцијата, можеби имало проблеми, бидејќи мигрантската криза ненадејно не снајде, но сега сме организирани“, истакна Буџаку.

Директорката на ИОМ, Соња Божиновска – Петрушевска рече дека тие даваат поддршка на институциите во опремувањето на прифатните центри посебно во зимскиот период и ги преземаат сите непоходни мерки. Според неа, во моментов во Македонија во прифатните центри се наоѓаат околу 250 мигранти и додава дека актуелно е и криумчарењето на мигранти во земјава.

„Така што бројот на идентификувани случаи на криумчарење на мигранти од април до крајот на октомври оваа година е некаде околу 45, при што повеќе од 1.000 мигранти биле вклучени во криумчарењето. Тоа е моменталната состојба. Значи има тенденција на пораст на криумчарењето“, рече Божиновска – Петрушевска.

Буџаку додава дека се подготвени да се соочат со сите предизвици кои ги носи мигрантската криза.

„Мислам дека за кое било сценарио во иднина ние сме спремни како Центар за управување со кризи и како држава да се справиме“, рече Буџаку.

Петрушевска информира и дека во последните денови има опаѓање на бројката на мигранти кон влезните точки во ЕУ, пред сè кон Грција, каде на островите во изминатата недела бил забележан влез на 144 лица, кон Бугарија околу 250 додека има пораст на влезовите кон Италија, каде бројката изнесувала околу 2.200.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG