Само со заеднички и меѓународни сили можеме да и се спротивставиме на трговијата со луѓе, која станува сè поголем проблем по досега невидениот проток на мигранти и бегалци од Средниот исток и Африка долж западно-балканската рута. Со ваква порака шефот на Mисијата на ОБСЕ во Скопје, Нина Суомалајнен им се обрати на медиумите пред почетокот на дводневната регионална конференција посветена на овој проблем и заедничките пристапи во справувањето со него.
„Нашиот пристап е ориентиран кон жртвите. Како да се препознае кој бил жртва на трговија, како да и се помогне на жртвата да излезе од ситуацијата во која се наоѓа, а во краен случај да се изведат пред суд сторителите, шверцерите со луѓе, за она што го сториле и за огромните суми пари што ги заработуваат од тоа,“ изјави Суомалајнен.
Таа додаде дека е задоволна од досегашната регионална соработка на ова поле, но поважно е вели, да се процени како мигрантскиот прилив со кој се соочуваме ги менува потребите од наш одговор на ситуацијата.
Спроведувањето на законодавството коешто се осврнува на овој проблем е посебен аспект кој го потенцираше амбасадорката Мадина Џарбусинова, специјален претставник и координатор на ОБСЕ за борба против трговија со луѓе.
„Бројот на бегалци е огромен, и проблемите се огромни, а бројот на трговци со луѓе коишто се фатени и судски гонети е, за жал, низок. И се додека не се спротиставиме на тој проблем нема да можеме да најдеме решение. А за да можеме да се спротиставиме на овој страшен проблем на злоупотреба на човековите права, мораме да работиме заеднички,“ изјави Џарбусинова.
Маргарета Цедерфелт, претставник на Парламентарното собрание на ОБСЕ смета дека е најважно да се најде причината зошто мигрантите ги напуштаат своите домови и да се обидеме да им помогнеме на потенцијалните жртви.
„Она што меѓудругото ние го правиме е посета на бегалските кампови за да го споделиме нашето знаење и да ги слушнеме и сознанијата на другите. Многу е важно да видиме кои се прашањата со кои се соочуваат бегалците додека патуваат кон своето одредиште и претпоставувам дека конференцијата ја одржуваме тука бидејќи голем дел од бегалците минуваат низ овие земји од регионот на пат кон својата дестинација," изјави Цедерфелт.
Во Македонија во изминатата година идентификувани се четири лица кои биле жртва на трговија со луѓе, но има и 35 потенцијални жртви, рече Сања Димитриевска, национален координатор за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција. Резултат на дискусиите на конференцијата, се очекува да биде Заедничка декларација.
„Декларацијата има две пораки. Едната до потенцијалните жртви е дека тие каде и да бидат затекнати ќе бидат соодветно третирани. А, втората е до сторителите, дека ќе бидат најстрого казнети за тоа што го сториле“, изјави Димитриевска.
Регионалната конференција во Скопје се организира како заедничка заложба на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Националната комисија за борба против трговија со луѓе, со поддршка на канцеларијата на Специјалниот претставник и координатор на ОБСЕ за борба против трговија со луѓе. Целта на конференцијата е да се продолжат напорите преку поттикнување на поконструктивен дијалог кој е ориентиран кон дејствување помеѓу надлежните органи, граѓанското општество и теренските мисии на ОБСЕ во Скопје.