Адриан Лис, Александар Таневски, Ана Ивановска, Ана Јовановска, Ангела Евердајм-Ступ, Андреј Миневски, Андријана Андреева, Анели Ди Франсис, Арахме, Билјана Каровска, Благојче Наумоски-Бане, Вангел Срнаков, Вероника Бан, Викторија Попоска, Власта Мијац, Гвида Переира, Горан Јованов, Дејан Иванов-Маргуш,Кармен Хемелс, Кони де Граф, Ед Хансен, Елен ван дер Шхаф, Елида Рибеиро Луис, Жулио Антао, Ивана Пирковска, Ирен Сандерсе, Исмаил Карајакупоглу, Јаготка Томовска, Јелица Ќулафиќ, Јовица Ивановски, Јовица Мијалковиќ, Јуди Албертс, Јулија Манојлоска, Ју Цонг Јаел, Калина Игновска, Катрин ван Клаврен, Кетлин Кучера, Леа Долински, Љупчо Гелибашев, Мадина Зиганшина, Маја Кировска, Мариа Волфрам, Мариа Тринидаде, Мариета Патриша Леи, Марија Ветероска, Марија Светиева, Марин Кушински, Мартина Јансен, Моника Ледербауер, Надица Златкова, Наталија Пулејкова-Радеска, Нина Нинеска, Пауло Дуарте Филипе, Петар Гримани, Петра Јовановска, Петра Фенејн, Ре Но, Рене Нас, Ристо Мијаковски, Роберт ван Ријн, Санјонг Ли, Сарита Конеска, Сејонг Парк, Симона Манчева, Славчо Максимовски, Сониа Кабањас Кортес, Стјепко Мамиќ, Теа Пупкова, Тепо Корте, Тито Барахас, Тони Димитров, Фред ван Вели, Хајнрих Јозеф Мес, Ханѕин Ли, Христина Зафировска и Џорџес Велтјен се уметниците чии разноврсни дела како слики, фотографии, скулптури и видеа ја чинат интернационалната групна изложба „Нашата Фукушима“, чие последно издание од серијалот на постановки кај нас, ќе се одржи од 20 до 30 јануари, во Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци.
На изложбата ќе се најдат и ликовните обиди на учениците од кумановската гимназија „Гоце Делчев“ и оние на средношколците од центарот Het Kwadrant Weert, а обистинувањето на проектот во случајов како организатори го потпишуваат Јаготка Томовска, поетеса и преведувач од Куманово, Маја Кировска ликовна уметница од Скопје и нејзините колеги и иницијатори на глобалниот проект Ед Хансен и Фред ван Вели од Холандија.
Сите учесници беа поканети да создадат свои творби инспирирани од една од десетте предложени „гоњоши“ песни од јапонски поет Таро Азизу. „Гоњоши“ е името што тој го даде за овој посебен вид поезија напишана во 5 линии, ослободена од правила за број на слогови, должина на линија и ритам што го употребува во своите песни. Во нив тој пее за жителите на родната Фукушима и за нивната љубов кон својот град. За нуклеарната катастрофа по цунамито во март 2011 година којашто ги принуди засекогаш да ја напуштат Фукушима. Конечно, денес, шест години подоцна, Фукушима е град на духови, но неговите жители го носат во нивните срца, каде и да се наоѓаат.
Првата изложба беше одржана во ноември 2012 година во Лелиштад во Холандија и на неа учествуваа 36 уметници. Набргу потоа, проектот привлече меѓународно внимание и две групи: Мир и уметност (PAS) од Португалија и „ArtNations“ од Германија и се приклучија на иницираната идеја, па така бројот на учесниците од ден на ден постојано растеше.
Сега во Групата на социјалните мрежи членуваат повеќе од 430 уметници од целиот свет, а во изминатата половина декада ваков вид изложби се одржаа во повеќе држави од светот.
„Целта на овој проект е да се подигне свеста за проблемите кои се уште постојат не само во Фукушима, во нам далечната Јапонија, туку и воопшто во светот. Со организирање на изложби во различни земји, овој проект има за цел да го привлече и вниманието на светските лидери на опасностите и несреќите кои можат да бидат предизвикани од неконтролираната употреба на нуклеарната енергија, со акцент на човечки трагедии како резултат на последиците. Со неговиот меѓународен карактер, овој проект гради мостови меѓу народите и уметниците од различни земји, со цел да се намали јазот меѓу различни култури и да ги зближи луѓето“, вели Маја Кировска.
Таа дополнува дека македонските уметници пројавиле голем интерес за учество на оваа групна интернационална изложба и дека тие како организатори на постановките кај нас (оние во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, галериите „Кора“ и „Флукс“ и сега во Кавадарци) се надеваат дека со ова не завршува нивната партиципација во проектот.
„Во моментов се случува и изложба во Белгија и за сите овие изложби кои се поставуваат на различни локации сите уметници, па и македонските, кои во меѓувреме станаа учесници на оваа Група, па и оние кои планираат дополнително да се вклучат во „Интернејшенел Гоњоши арт проџект“ на социјалната мрежа Фејсбук, битно е тоа дека можат од таму да ги добиваат сите информации за наредните изданија и да учествуваат на изложбите за коишто се заинтересирани“, вели Кировска.