Касиопеја Наумоска, Биба Каевиќ, Елена Кичевска, Оливера Кузмановска, Гордана Хаџи Николова Малашев, Игор Љубац, Гордана Винчиќ, Сергеј Дамовски, Стефан Хаџи Николов, Жани Гелевска, Осман Демири, Нина Ниневска, Маја Стефановска, Цветанка Јованова Хермес, Дејан Петровски, Верица Димеска, Јана Куновска, Ема Петрова, Отец Пимен, Симонида Филипова Китановска, Микица Трујкановиќ, Јулијана Гешовска, Андријана Мациев, Лидија Цаковиќ Мојсовска, Александар Пешевски, Мирјана Крстева Массетти и Љубиша Ивановски Лепи се поголемиот дел од уметниците од неколку генерации чии дела ќе се најдат на изложбата што, во периодот од 24 декември годинава до 6 јануари наредната 2017-та, ќе се обистини во скопскиот вински бар „Подрум“.
Ќе бидат изложени околу 70-на слики и скулптури, творби работени во најразлични техники - „од блескаво суптилен дозиран колорит до експресија, фигурација и апстракција“. Притоа, како што се наведува во најавата, акцентот е ставен на индивидуалноста како силна творечка големина која ги носи промените.
„Оваа изложба го означува континуитетот на нашето разбирање на ликовната уметност, континуитет на она што го толкуваме како ликовна мисла, понатаму третирана во делата. Нема заедничка тема и затоа изложбата ја крстивме „ЗаЕдно“ бидејќи индивидуалноста на секој автор е многу битна, како ја негува, со што ја создава и како еден пресек и како еден пресек на моменталната работа што не преокупира сите нас автори во овој период. Сликите, а тука има и по некоја скулптура, ќе бидат најчесто од изминативе две-три години, значи сепак понови работи коишто ќе не мотивират во иднина да создаваме повеќе и да смислиме повод за уште еден ваков тип на изложба“, вели сликарката Касиопеја Наумовска.
Таа дополнува дека изложбата е убав показ за моменталните трагања, личниот печат и реакцијата на темите кои нив како творци денес ги дразнат.
„Секој различно си ги доживува личните мотивации, ставови, дразби и секој на свој начин успева да го пренесе тоа во своето дело без разлика на тоа дали станува збор за моменталната состојба во Македонија, за емотивната состојба на секој творец. Затоа и не беше зададена некоја генерално главна тема што знае многу често да се случува по вакви типови на групни изложби. Сите ние доживуваме нешто. Секој на свој начин. Но најважно нам ни е како сме успеале тоа да го пренесеме. И колку сето тоа ќе и се приближи на публиката“, вели таа.
Наумовска појаснува дека и не е некаков новитет ова што тие сега го прават. Дека повеќе пати кај нас во земјава се случувале вакви пројави, некои со траење од 24 часа, други по неколку дена или дека имало моменти кога уметниците на пиедесталот ја издигале сопствената заложба дека не мора делата да живеат строго во галериите или во институционалните изложбени простори, та затоа едноставно ги разбивале тие рамки. Вели дека во светот тоа поодамна го прават во паркови, по улици, во напуштени фабрички хали, складишта, секаде каде што за тоа постојат минимални услови.
„Ова е неформален начин да се приближи уметноста до секојдневието или до публиката којашто можеби не би имала толку храброст да стане во галерија, а вака ќе биде приближена уметноста до нив. Тоа е разликата, а ова е и за нас еден поинаков предизвик. Сепак просторот диктира што сè ние можеме да изложиме во него и како сликите, делата, скулптурите ќе делуваат и ќе влијаат таму“, вели таа.
Инаку, ова е прв пат овие уметници да застанат со името „ЗаЕдно“ пред себе, иако на два пати досега на овој начин веќе излегуваа пред македонската културна јавност. Тие две самоиницијативни и неформални дружби се случија во Кинотека на Македонија, а по завршувањето на актуелната постановка во Скопје, веќе е познато дека таа ќе се најде пред љубителите на уметноста во Гевгелија и потем во галерија во Гостивар. Нејзините потписници, знаат да кажат, дека сево ова, за нив како творци, е само мотив плус и надеж дека во иднина ќе можат да се претставуваат и на еден ваков неформален начин кој изнудува засебно и немало внимание.