Кариера ја започнав со американските џез-стандарди, а потоа продолжив да експериментирам и со други стилови како фанк, поп, блуз, латино-музика. Во тие години не пеев на француски, иако и тој ми беше близок. Затоа почнав да размислувам како сопствените свинг афинитети да ги поврзам со мојата огромна љубов кон францускиот јазик и музика, и на тој начин во 2011 година произлезе албумот „Свингстик“. Мојот последен албум го сочинуваат песни од Едит Пјаф преработени во еден специфичен, цигански свинг-стил. Во Скопје за прв пат ќе ги пеам овие песни во нивните оригинални верзии.
Ова ќе го наведе во својата изјава за македонските медиуми популарната унгарска џез-вокалистка Миртил во пресрет на претстојниот концерт на Македонската филхармонија што треба да се одржи овој вторник, на 14 февруари, во 20 часот, во Салонот на МОБ.
На овој перформанс инспириран од љубовта и виното ќе бидат изведени едни од најпознатите француски шансони своеверемено пеани и документирани од ѕвезди како култната Едит Пјаф, Ив Монтан, Жо Дасин, Мишел Легранд, Салваторе Адамо и други.
А, токму Миртил Мишелер несомнено е вистинскиот одбир бидејќи се смета за наградувана и харизматична уметница со богата дискографија во која претежно се познати џез-стандарди и соработки со врвни музичари.
Родена 1972 година во Будимпешта таа дипломирала на џез одделот на Музичката академија „Франц Лист“. Досега настапувала со повеќе бендови и соло-артисти од својата земја, а чест гостин е на познатата унгарска група „Бенко Диксиленд бенд“.
Во 2004 година го снимила деби-албумот „I Just Found Out About Love“, а потоа и албумот „Same As You“, кој стекнува голема популарност и е номиниран за „Фонограм“ за најдобар џез-албум за 2007 година, годината кога Миртил е ставена на листата како една од 50-те најдобри млади унгарски уметници според реномираниот тамошен весник „Маѓар Хирлап“. Миртил е и пејачката ѕвезда во популарното унгарско ТВ-шоу „Saturday Night Fever“ и вокален учител на познатиот национален натпревар по пеење „Megastar“.
Нејзиниот трет соло-албум „Save the last dance for me“ (2008), на кој се наоѓаат џез-евергрини во придружба на квартет со уникатни аранжмани, исто така наиде на широка популарност, а во музичките кругови таа е позната и по нејзината полилингвалност, бидејќи извонредно пее и на унгарски и на англиски и особено на француски јазик. Впрочем, од малечка нејзината желба била да го живее „францускиот сон“.
Во 2009 пејачката придружувана од гитаристот Пинтер го потпишува албумот „True Colours“, следната година и двојниот „Randez-vous“ на кој, пак, се забележани изведби на познати француски теми, а во 2011 кругот го затвора со мошне популарниот „Swinguistique“.
Од таму, нималку не чуди кога Маја Чаначевиќ, директорката на Македонска филхармонија, знае да каже дека ова ќе биде „магичен концерт“.
„Миртил е навистина интересна вокалистка којашто е многу позната во Европа и во светот. Она што ние имавме можност да го слушнеме во нејзина интерпретација, како вокал, начинот на интепретација, вели дека таа прекрасно ќе се вклопи во изведбата на оркестарот особено кога тие заедно посегаат по француската музика. Таа е мошне интересна уметница и ова нема да биде обичен, туку ќе биде магичен концерт,“ вели таа.
Во целиот концепт особено бележита е и пројавата на актерот Васил Зафирчев, кој во случајов ќе се обиде на свој специфичен начин да ги интепретира двете класични теми на славниот Жо Дасен - „Ако не постоиш“ и „Индијанско лето“, но и да ги говори стиховите на големиот француски поет Жак Превер.
Инаку, оркестрациите на евергрините се дело на Џијан Емин, кој вели дека нему му е особено драго што токму тој добил задачата да се наврати и од свој агол да се бави со една вечна, прекрасна музика.
Ова е безвременска музика. Да ја слушате и денес Едит Пјаф звучи свежо. Тоа е музика која не застарува, не поминува. Се уште е модерна. Она што сакам да го истакнам, е дека покрај оркестарот на сцената ќе има и бенд кој ќе го збогати настанот. Тоа се: Благоја Перуновски на хармоника, Зоран Костадиновски на гитара, јас ќе свирам клавир, Иван Бејков на акустичен и електричен бас и Мартин Вучиќ на тапани. Не очекува убав концерт кој ќе донесе посебна атмосфера.
Конечно режисер на проектот е Дејан Прошев, а со оркестарот ќе раководи Маестро Борјан Цанев . Тој и во оваа пригода забележува дека тие ја продолжуваат мисијата на Македонската филхармонија за подобра комуникација и привлекување во концертните сали на широката публика.
Некој деновиве ме праша што повеќе сакам да диригирам, дали Моцарт или Едит Пјаф. Јас секогаш велам Моцарт, но овој концерт ќе биде освежување и за нас, но верувам и за публиката. Затоа што, со ваквиот тип на концерти го прошируваме нашиот спектар на делување и тоа има навистина позитивно влијание. Љубовта е двигател на животот и се надеваме дека таа ќе биде главна тема и на нашиот концерт.