Достапни линкови

Сонувачот, купувачот и уште нешто - претстава за продавањето на сонот 


„Сонувачот, купувачот и уште нешто“ е насловена претставата за деца чија премиера е закажана за в недела, на 12 февруари, во 11 часот, во НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Станува збор за проект работен по истоимениот роман на Сузана Ѓорѓиевска, во адаптација и режија на Игор Трпчески и за соработка помеѓу Народниот театар „Војдан Чернодрински“, драмското студио „Чин 5 Сцена 4“ и Театарска работилница Прилеп.

По сообраќајно-едукативната „Оп-Стоп“ и „Приказна за војникот“ работена според текстот на францускиот автор Жарл Фердинанд Рами, инаку проекти на Театарска работилница Прилеп кои со успех беа прикажувани на неколку фестивали и освоија значајни признанија (како Гран при на ДАФ во Кочани, „Лица без маски“ во Скопје и Фестивал на драмските аматери од поранешна Југославија во Уб - Србија), актерот и режисер Игор Трпчески еве го со третата и прва професионална продукција. Тој овојпат на сцената на матичната куќа „Војдан Чернодриски“ во Прилеп, ја поставува адаптацијата на романот „Сонувачот, купувачот и уште нешто“ од писателката Сузана Ѓорѓиевска.

Во пресрет на премиерната изведба, Трпчески истакнува дека „Сонувачот, купувачот и уште нешто“ е излезена од печат во 2008 година и дека уште тогаш Ѓорѓиевска имала направена една адаптација како за драмска изведба. Дополнува дека романот е многу посоодветен за снимање на филм, но дека самиот дури сега се решил да се занимава со текстот затоа што во меѓувреме се создале техничко-технолошките услови за навраќање кон делото. Појаснува дека во него има многу малку дијалози, а многу повеќе и многу поубави описи.

„Јас ја направив адаптацијата од аспект на човек кој работи во театарот повеќе од 20 години и со многу повеќе драмски елементи. Ние имаме преку 35 етиди во претставата на околу 20 класични музички теми. Имаме парчиња од композициите на Моцарт, Чајковски, Мусогорски, Хаџитуријан, го имаме Равел. Имаме голем број на етиди, односно вежби, коишто го претставуваат животот во малото кадешто е нашиов главен јунак момчето Невен Илин кој си го продава сонот, не може да заспие и раката со која што ги зема парите му се здрвува и му станува „мраз-рака“. Целата приказна е околу неговото покајување“, вели режисерот.

Трпчески знае да каже дека на овој начин тие како тим сакаат да ја пренесат пораката што значи да се биде човек. Што значи да се греши и да се простуваваат грешките. Да се стане еден нов или подобар човек.

Тој истакнува дека во нивната приказна се засегнати и многу социјални теми, та дури дека одел до таму со интервенцијата што како потписник на драматизацијата за да го нагласи токму таквиот аспект „ја умрел“ мајка му на малиот Невен. Згора на тоа, како режисер, драматуршки и визуелно си поиграл со нашите стравови и срамови потполно свесен дека можеби првично нема да биде правилно разбран најнапред од дел од колегите, а потем и од присутната публика. Конечно, според него, иако се работи „за детска претстава“ оти за предлошка зел литература за деца, сепак ова е проект чија целна група се сите оние од 7 до 77 години.

„Треба да инсистираме на својот став и на своето мислење. Претставата е потпишана, па јас сум тој што треба да биде осуден како неморален во случајов или, не знам, неподобен етички. Но, јас мислам дека времево напротив треба да ги истисни тие норми и да не ослободи од стравовите отворено да го кажуваме нашиот став и нашето мислење“, вели режисерот.

Од друга страна, Игор Трпче не заборава да спомене дека во овие моменти го има тоа специфично претчувство дека претставата ќе биде многу забавна, дека многу ќе се гледа и многу ќе се игра.

„Неколку луѓе од колегиве и пријателиве наоколу дојдоа да ги видат пробите кои, рака на срце, беа во почетна фаза на нивниот развој каде што немавме ни музика дефинирано, ни кореографии, ни светло, ни видео проекции, а тие се забавуваа и беа изненадени од тоа како децата си најдоа свој свет. Односно си изградија свој свет во однос на она што авторката ни го понуди со „Сонувачот, купувачот и уште нешто“, а јас го стокмив на сцена. Се надевам дека претставата ќе има убава иднина и дека ќе ни отвори врати да се појавиме на повеќе фестивали и надвор од државава“, вели тој.

Во „Сонувачот, купувачот и уште нешто“, проектот на НУЦК „Марко Цепенков“, Народниот театар „Војдан Чернодрински“, драмското студио „Чин 5 Сцена 4“ и Театарска работилница Прилеп, играат професионалните актери Никола Ангеловски, Димитар Ѓорѓиевски, Марија Спиркоска Илијески и Александар Тодески, со своите колеги аматери Сара Спиркоска, Надица Дојкоска, Елена Соколоска, Евгенија Јакимоска, Марио Велковски, Фиона Мирческа и Дамјан Макешоски.

Костимите се на Бојана Артиновска Трпческа, музиката на Томе Темелкоски, видеото го изработи Христијан Конески, а за 3Д-мапингот се погрижи Саша Нацевски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG