Достапни линкови

Довлев - Најголем грев во театар е да се одложи претстава!


Нашиот клас, театарска претстава
Нашиот клас, театарска претстава

Во средата на 11 мај, во Театарот за деца и младинци во Скопје, по вторпат беше откажана наградуваната претстава „Нашиот клас“, што по текст на Тадеуш Слобоѓанек во 2014 година ја режираше Владимир Милчин. Образложението беше „немало доволно продадени билети“, а актерите револтирано му порачаа на директорот Братислав Димитров - „Бато, оди си!“.

Јас можам да кажам дека сум изненаден и шокиран бидејќи не верував дека тој што ќе дојде после мене како директор ќе има толку ригиден став спрема младинската сцена, поготово не човек кој што е од театарот. Кој што е драмски уметник, како што е Бато Димитров.

Денес кај нас е скоро невозможно да изразиш јавен револт или да протестираш без притоа да ти залепат политичка етикета. Но, се работи за чисто театарски проблем. Еден од најголемите гревови што може да се случи во театар е да се одложи претстава, да не се игра и тоа заради немање на публика.
Драган Довлев, актер

Вака Драган Довлев ќе ја започне сторијата по неодамнешното второ одложување на „Нашиот клас“, претставата преку која, како што ќе забележат критичарите, режисерот Милчин говори „дека суштината на трагедијата на општеството е во продлабочувањето на поделбите меѓу луѓето – по национална, по верска, или по политичка и социјална припадност“. Довлев, вели дека притоа му е многу важно да потенцира, „дека се работи за театарски проблем“ оти во неколку наврати Димитров се обидел да ја префрли топката на политички терен и дека наводно зад нивниот револт стои некаква политика.

„Денес кај нас е скоро невозможно да изразиш јавен револт или да протестираш без притоа да ти залепат политичка етикета. Но, се работи за чисто театарски проблем. Еден од најголемите гревови што може да се случи во театар е да се одложи претстава, да не се игра и тоа заради немање на публика“, вели тој.

Актерот дополнува дека тие биле свесни оти ќе им се случи немањето публика. Оти генерално младите во денешно време и немаат некоја навика на одење во театар, но истакнува дека тргнале со отворена мисла во еден проект чија цел била не само да ги поттикне тинејџерите да доаѓаат во театар, туку да бидат специјално во Театарот за деца и младинци и тоа на младинска претстава.

„Никој не гаеше илузии дека веднаш ќе има толкав број на продадени билети како за детските претстави, меѓутоа тој проблем не се решава со тргање на претставите од репертоар. Тоа е последното нешто. Тоа е уште поголемиот грев – да ја закопаш, да ја погребеш претставата. Никој не вели дека борбата за публика е лесна, напротив – тешка е, но треба да се поработи на тоа. Да се сторат напори да се донесе публика и ако во тоа не се успее, тоа треба јавно да се каже: Еве не успеавме во напорите, ја тргаме претставата и одиме понатаму“, вели тој.

Довлев смета дека во овој случај се работи за недостаток на волја на одговорните луѓе. Потсетува дека ако неа ја имало би се покренале некои механизми во театарот. Дека имаат вработен соработник за маркетинг, потем и двајца нови режисери и драматурзи, млади и способни луѓе кои си ја знаат работата и можат да поработат на овој план. Да се смисли некаков рекламен спот или да се делува малку поинаку по социјалните мрежи. Дел од младите актери во еден период тоа и го правеле, дури и на почетокот од протестите тие можеби не ја полнеле салата, но имале во просек некаде над 70 продадени влезници.

„Зборувам за младинска сцена за која тогаш се надевавме дека ќе живее многу години и дека паралелно ќе се развива како што се развива и театарот воопшто. Проблемот се решава со тоа да се даде сè од себе за да се привлече публиката, а не со тргање на претставите од репертоар“, вели тој.

За себе актерот вели дека потекнува од театар каде одлагањето на претстава било многу ретко. Оти таквите случаи се бројат на прсти и дека сите ги паметат и како постари ги прераскажуваат. Се потсетува дека некаде пред 15-на години имале одлагање на претстава во Дојран оти снемало струја. Или се случувало да се откажат претстави оти, поради гужви во централното градско подрачје, родителите насекирани за безбедноста на своите деца ги повлекле резервациите. Истакнува дека тоа лично го чувствува како да не завршил некоја исклучително важна, најважна работа на светот.

„Како актер кој игра во претставите („Нашиот клас“ и „Заспаниот разум раѓа чудовишта или Денес не напишав ни збор“) лично мене ми се многу драги бидејќи сметам дека таму направив две одлични улоги. Не е на мене да се фалам, но и општиот впечаток и на колегите и на критиката за тие две улоги беше таков. И за сите е лошо бидејќи овие две претстави беа малку поинакви од оние кои претходно сме ги работеле на младинската сцена. Носат една друга естетика, една друга тежина и во секој случај се навистина квалитетни претстави“, вели тој.

Довлев потенцира дека не смее да се заборави и „Животинска фарма“ на Александра Кардалевска која што е третата и последна во низата младински претстави, но која е веќе укината. Вели дека во последната изјава на директорот за некој од медиумите „тој рекол дека тоа го направил во договор со режисерот и драматургот“. Забележува дека тоа за него е „настан без преседан“ бидејќи практика во Театарот за деца и за младинци е кога ќе се направат претставите тие се играат долго време и да траат со години.

„Ставот, за жал, на Бато Димитров пред сè како театарски човек е премногу ригиден што се однесува до младинската сцена. Јас не го очекував сево ова. Некако многу брзо ми дојде да се доведе под прашање сево ова. Мислев дека таа како проект ќе трае многу подолго и дека секој нареден директор после мене нема да има ништо против и да ја развива и таа сцена. Сега не знам дали ќе преживее. Испаѓа дека тоа од нас зависи. Колку сме ние моќни ќе видиме, но мислам дека некој нареден и ако воопшто дотогаш младинската сцена згасне ќе ја врати пак. Вистинското решение е да се донесе нов човек. Познавајќи го Димитров, со кого и професионално сум соработувал, сметам дека многу брзо го изгуби оној почетен ентузијазам и желбата да се направат некои работи во театарот. Сега гледам дека кај него и нема некоја волја да ни биде директор. Една од неговите последни изјави во еден наш дневен весник беше дека „за жал тој може да констатира дека е директор на Театарот за деца и младинци“. Кога една таква изјава ќе дадеш во јавноста, тогаш наједноставното решение е од таму да си заминеш. Да не се мачиш и самиот и да ги мачиш и луѓето таму. Ние јавен револт изразуваме од летото од кога се најави некако срамежливо укинување на таа младинска сцена и нашиот револт кулминираше со слоганот: Бато, оди си! Меѓутоа првичната идеја воопшто не ни беше тоа, туку Бато поработи и донеси публика на младинските претстави“, вели Довлев.

Кон ова кажување само уште информацијата дека со „Нашиот клас“ Театарот за деца и младинци освои две големи награди на деветтиот „Јоаким интерфест“ што се одржа во октомври 2014 во Крагуевац, соседна Србија. Жирито ја прогласи за најдобра претстава во целина, а признание доби и сценографијата на Крсте Џидров. За жал, на македонските театарски фестивали овој проект „не беше препознаен како значаен и несекојдневен театарски чин“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG