Достапни линкови

Претстава за заспаниот човеков разум кој раѓа чудовишта


Фантазмагоријата во два дела, насловена како „Заспаниот разум раѓа чудовишта или Денес не напишав ни збор“, работена според делата на Данил Хармс, Франциско Гоја и Антонио Буеро Ваљехо, во режија на Владимир Милчин, овој четврток, на 11 јуни, во 20 часот, премиерно ќе биде изведена на Младинската сцена на Н.У. Театар за деца и младинци – Скопје. Во срцевината на претставата се прашањата за апсурдноста и хаосот на егзистенцијата, за отсутноста на Бога од светот во кој страдаме и за заспаниот разум кој раѓа чудовишта, луѓе сведени на човечиња, обезличени во човечкото стадо.

Нецела година по наградуваната „Нашиот клас“, како своја втора претстава на Младинската сцена, Владимир Милчин во Театарот за деца и младинци ја поставува фантазмагоријата во два дела „Заспаниот разум раѓа чудовишта или Денес не напишав ни збор“. Станува збор за проект кој е работен според житијата и делата на двајца творци кои биле длабоко пред своето време - рускиот писател и претходник на литературата на апсурдот Данил Хармс, претходникот на модерното сликарство Франциско Гоја и, згора на тоа, неговиот сонародник и најеминентниот драмски автор според Лорка - Антонио Буеро Ваљехо, од чија „Сонот на разумот“, пак, се користени одломки за сцените од животот на славниот шпански сликар.

Основа на првиот дел од насловот (Заспаниот разум раѓа чудовишта) е наслов на една графика на Гоја од серијалот „Лос Капричос“, а за вториот дел од насловот послужиле извадоци од делата на Хармс - текстот е компилација од негови раскази, драми, од дневникот и од записници на неговото судење.

Отсуството на Бога или присуството на некаков Бог кој, всушност, се забавува на наша сметка, е нешто што ги врзува многу длабоко, и Хармс, и Гоја. Оваа претстава го тера гледачот сопствениот живот да го става во споредба со животите на сцена.
Владимир Милчин, режисер.

Говорејќи за фасцинацијата од нив, од Гоја, кој бил гонет од Фернандо Седми, и на Хармс, кој умрел од изгладнетост во затвор во Ленинград во времето на Сталин, режисерот знае да каже дека иако нив ги делат два века и илјадници километри, тој прави тие да се сретнат на сцена и да ни го кажат она што сите го знаеме и го чувствуваме на универзален начин.

Тој појаснува дека сублимат на нивните животи е дека времињата се менуваат, а владетелите не. Историјата на човештвото не оди по некаква права, нагорна линија, која постојано води кон некаков прогрес, туку таа често се соочува со тоа дека со неа управуваат владетели кои немаат многу разбирање кон оние кои за нив, за нивното време и владеење се изразуваат критички...

„Отсуството на Бога или присуството на некаков Бог кој, всушност, се забавува на наша сметка, е нешто што ги врзува многу длабоко, и Хармс, и Гоја. Оваа претстава го тера гледачот сопствениот живот да го става во споредба со животите на сцена. Исто како што Хармс и Гоја никогаш не се занимавале директно со реалноста во која живееле и нашата претстава не се однесува директно на реалноста во која што живееме, меѓутоа на еден друг начин кажува, изговара нешто што театарот е должен да го изговори. И сега ќе се повикам на првиот наслов - „Заспаниот разум раѓа чудовишта“. „Заспаниот разум раѓа чудовишта“, па тука би ставил запирка, луѓе сведени на човечиња и обезличени во човечкото стадо, тоа е некаква дијагноза за светот во кој живееме а која се базира на уметноста на Гоја, на Хармс, на нивните животи и, да не заборавам, на сцената има уште еден сликар присутен со едно свое дело. Тој се вика Павел Филонов и бил многу близок пријател и едномисленик на Данил Хармс. Она што е морничаво во тоа е дека умрел од изгладнетост два месеца пред да умре Хармс од истото тоа во затворската болница во Ленинград. Конечно верувам дека ова е претстава за нашето време, претстава која во основа боли поради тоа што сме таму кај што сме. “

Милчин потенцира дека ваква претстава не би можел да работи на ниедно друго место и со ниту еден друг ансамбл освен со Театарот за деца и младинци.

„Никаде не бил презел таков ризик, зашто ова беше ризик. Беше ризик кој се исплатува. Актерите овде се бескрајно љубопитни и отворени за работа, подготвени да зачекорат во просторот на непознатото. Затоа претставата има една душа која сите тие заеднички ја споделуваат.“

Ликот на Франциско Гоја во „Заспаниот разум раѓа чудовишта или Денес не напишав ни збор“ го толкува искусниот Драган Довлев, а како Данил Хармс ќе настапи младиот Мартин Јорданоски.

„Успеале Хармс да го умрат од глад. Претходно го ставиле во лудница. Сакаат и нас денес да не умрат од глад...ни вадат закони за хонорарци...и ред други работи. Сакаат да ја потиснат уметноста, сакаат да ја потиснат вистината, сакаат да го потиснат театарот. Театарот кој што треба да е критика на општеството и кој што треба да ја говори вистината. Конечно сакаат да не поделат на подобни и неподобни. Е сето тоа го има во нашата престава чија премиера ја очекуваме и затоа ја поканувам публиката да дојде да види како тоа ние сме го отсликале нашето општество, некое поранешно и не би сакал да кажам некое идно општество“, вели Јорданоски.

Во актерската екипа се и Мики Анчевски, Владимир Лазовски, Предраг Павловски, Ана Левајковиќ, Тања Кочовска, Емра Куртишова, Наташа Петровиќ, Симона Спировска и Бојан Кирковски.

Сценограф е Крсте Џидров, костимограф Марија Пупучевска, а изборот на музиката е на режисерот Милчин и тој се состои од звуци од делата на Шостакович, преку композиции на Алфред Шнитке, Гија Канчели, Ал-Задех, Софија Губаидулина, пеачката Саинко, од Кирие од „Миса Креола“ на Колумбиецот Ариел Рамирез, контроверзниот американски артист Мундог, француската група „Ло Жо“, кореанците „Геомундо фектори“...каталонската дружина „Коетус“ и се до култниот саксофонист Џон Зорн и неговиот штитеник Раз Месинаи.

„Без оглед на жанрот на кој му припаѓа, музиката во претставата го изразува тоа прашање, тоа чувство, на отсуство на нешто без што на луѓето им е тешко да живеат. Дури ако гледате биографски, кај добар дел од тие композитори, особено кај оние кои што текнуваат од некогашниот Советскиот сојуз, има нешто што ги врзува а тоа е токму прашањето дали нашето постоење има смисла и ако има смисла од каде потекнува таа. Мислам дека тоа е прашањето што ги мачело овие двајца, Хармс и Гоја, и сите тие заедно единствениот одговор што го наоѓале бил во создавањето. Мислам дека е тоа комплетната врска на се* што се појавува во претставата како звук и слика. Значи смислата на егзистенцијата, кој ја дава таа смисла и што е човековиот одговор на тоа. Што може да направи во врска со тоа – да го осмисли своето постоење или да потоне како човече кое никогаш не пуштило глас. А овие пуштаат глас...И тоа како!

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG