Достапни линкови

Њујоршката Ла Мама за отворање на 39-от Млад отворен театар


Со изведбата на Оф-Бродвејската кантата „Ла Мама“ на Елизабет Свадос, на 19 септември, во 20 часот, во Младинскиот културен центар во Скопје, ќе започне 39-то издание на фестивалот „Млад отворен театар“. На годинашното издание на ова случување, сè до 26 овој месец, публиката ќе има можност да проследи дел од најзначајните домашни и регионални продукции и гостувања на театри од Италија, Белгија, Велика Британија, Мексико и од САД.

Ла Мама е блескав приказ на разновидност и фантазија. Се работи за мјузикл без говорни дијалози, а екипата (18 застрашувачки талентирани млади пејачи/актери) останува стационирана зад редот микрофони или распоредена на столиците.

​Но, каде сè нè носат Елен и нејзините соработници во 76-те минути колку што трае кантатата? Патуваме со нив од нејзиното затскриено минато од Луизијана преку Чикаго и сè до Големото јаболко, каде што кусото застанување пред њујоршката катедрала Св. Патрик буквално ќе ѝ го промени животот. Ја гледаме како ќе го формира својот прв театар на Деветтата источна улица, слушаме за нејзините расправии со тамошните градски авторитети, за невидените авантури во потрагите по нови таленти и за ширењето на уникатниот госпел по светските меридијани. Ги гледаме многуте нејзини расположенија и ги славиме нејзините легендарни и карактеристични каприци и посебности.

Ние имаме вкупен буџет од 100.000 евра кој е за 120 отсто зголемен во последните четири години. Но јас и лани го кажав тоа и еве сега ќе го повторам, тоа не е доволно доколку сакаме да имаме нешто што вие го нарекувате концепт, идеја... Токму поради тоа годинава немаме мото и на плакатот го ставивме кактусот. Повелете проверете на Интернет за каква симболика се работи.
Златко Стефковски, директорот на МКЦ.

​Еве ова, меѓу другото, ќе го забележи Мартин Дентон во својот осврт за кантатата - музичкиот приказ на животот и делото на Елен Стјуард кој ги отелотворува страста, духот и визијата на театарската легенда и основачка на „Ла Мама“ која својата голема уметничка авантура ја започнала во сега далечната 1961 година.

Композитор и режисер на проектот е Елизабет Свадос (нам најмногу позната по својот бродвејски и меѓународен хит „Runaways“), која, користејќи ги зборовите и искуствата на Стјуард, ја раскажува сторијата во која се испреплетени страста, веселиот хумор, силата во борбата за надминување на расната дискриминација, економските битки и политичките судири, сè со цел на пиедесталот да се издигне вербата во моќта на театарот да менува животи.

И, со еден ваков проект од продукцијата на Оф-Бродвеј ќе започне 39-то издание на Интернационалниот фестивал „Млад отворен театар“, манифестацијата која безмалку четири децении се обидува и успева да ни го прошири светогледот за стремежите на штиците што значат живот на поширок, глобален план.

Во контекст на ова, годинава, од 19 до 26 септември, на седум различни сцени низ Скопје (МКЦ, МОБ, Универзална сала, Драмски театар, Театар за деца и младинци, сцена „Зебра“ и еден автобус на ЈСП), публиката ќе има можност да погледне уште и дел од најзначајните домашни и регионални продукции и гостувања на театри од Италија, Белгија, Велика Британија и од Мексико.

На програмата се дела како „Алексис. Грчка трагедија“ на авторите и режисери Енрико Казагранде и Даниела Николо, „Тант амати“ на кореографката и танчерка Ерика Зуенели и во продукција на АБЛС од Брисел, „Амарило“ на Хорхе А. Варгас и Театро линеа де сомбра од Мексико сити, „Три сестри“ што нашиот Слободан Унковски како своја прва режија во Хрватска ја постави на сцената на Градски театар „Гавела“ во Загреб, „Павла над амбисот“ на Андреј Е. Скубич која Матјаж Пограјц ја стокми на сцената на старите познаници Словенско младинско гледалишче во Љубљана... Тука е и авторскиот проект на Петар Милошевски, морничавата, исклучително визуелна, постдрамска и постбрехтовска претстава „The Beautiful“, „Нашиот клас“ на Владимир Милчин и Театарот за деца и младинци, „Сон на летната ноќ“ на Нела Витошевиќ и Театарот „Војдан Чернодрински“, буто-перформансот на Васил Зафирчев, „За домот се работи“ на Горјан Милошевски и Мартин Кочовски во продукција на Народниот театар од Битола и така со ред.

Во рамките на придружната фестивалска програма се планирани презентацијата и работилницата на театарот „Ла Мама“, потем онаа на Рисима Рисимкин, ќе бидат претставени „Писма до Актерот“ на Лилјана Мазова, а планирани се и концертите на „Stray Dogg“ од соседна Србија и на американскиот состав „Lemolo“.

Инаку, буџетот на годинашниот МОТ изнесува 6 милиони денари (4,5 од Министерството за култура и 1,5 од Град Скопје) кој, иако двојно зголемен во последните четири години, е далеку од оној што би им овозможил на организаторите да реализираат идеен концепт и фестивал каков што и самите пожелуваат. Од таму не чуди кога Златко Стефковски, директорот на МКЦ, ќе рече дека „лесно е да се биде прв човек на фестивал каде што имате буџет да го реализирате она што ќе ви се сони“. Притоа тој дополнува дека сето она што тие го сториле през годините е со многу работа, многу контакти, многу ветувања и дека фондот на средства со кои тие располагаат е минимален во однос на оние кои ги поседуваат извиканите театарски фестивали во регионот како оној во Љубљана, БИТЕФ, МЕС, ЗКМ...

„Ние имаме вкупен буџет од 100.000 евра кој е за 120 отсто зголемен во последните четири години. Но јас и лани го кажав тоа и еве сега ќе го повторам, тоа не е доволно доколку сакаме да имаме нешто што вие го нарекувате концепт, идеја... Токму поради тоа годинава немаме мото и на плакатот го ставивме кактусот. Повелете проверете на Интернет за каква симболика се работи“, вели Стефковски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG