Достапни линкови

Милчин со претстава за кабарето како уметност на слободата


„Подемот и падот на кабарето“, театарска претстава на режисерот Владимир Милчин.
„Подемот и падот на кабарето“, театарска претстава на режисерот Владимир Милчин.

„Подемот и падот на кабарето“ е насловена претставата на режисерот Владимир Милчин, чија премиерна изведба ќе се случи в сабота на 29 јуни, во 20 часот, на сцената на Македонскиот народен театар. Во неа настапува голема екипа од 23 актери од националната куќа кои преку својата песна и игра ќе проговорат за кабарето како уметност на слободата и ќе ги побараат неговите рефлексии со секојдневието.

Владимир Милчин, по долго време, со голем проект се враќа на сцената на Македонскиот народен театар. Тој во нашата национална установа ја постави „Подемот и падот на кабарето“, претстава во основа работена според „Зелениот папагал“ од австрискиот писател Артур Шницлер, „Протестен собир“ и „Војна“ од Лудвик Тома и стихови од Бирнбаум, Демел, Крисинска, Лаутенсак, Лилиенкрон, Меринг, Рипшен, Хармс и Хиан.
Претставата покрива еден период од 14 јули 1789, падот на Бастиља и почетокот на Француската револуција и завршува некаде во 1930-те години со доаѓањето на нацизмот кој де-факто го убива кабарето во Германија, кое во тој момент е највозбудливото, најблизу до она што е уметност за слободата. Тоа, се разбира, завршува и со буквални убивања, некои од прочуените кабаретисти гинат во конц-логорите, а оние кои успеале да го избегаат тоа извршуваат самоубиства во емиграција.
Владимир Милчин, режисер.

Милчин вели дека во оваа претстава моќта на театарот е ставена во уметничка посвета на Галаксијата на илјадници кабаретисти, луѓе кои пишувале, глумеле, пееле на кабаретските сцени кои често биле визби и подруми, почнувајќи од Париз и завршувајќи во Берлин.

„Претставата покрива еден период од 14 јули 1789, падот на Бастиља и почетокот на Француската револуција и завршува некаде во 1930-те години со доаѓањето на нацизмот кој де-факто го убива кабарето во Германија, кое во тој момент е највозбудливото, најблизу до она што е уметност за слободата. Тоа, се разбира, завршува и со буквални убивања, некои од прочуените кабаретисти гинат во конц-логорите, а оние кои успеале да го избегаат тоа извршуваат самоубиства во емиграција“, вели Милчин.

Кога говорам за моќта на театарот подразбирам и креативност и посветеност и фантазија, меѓутоа говорам и за тоа дека театарот е вистински тогаш кога не боледува од аутизам, не боледува од ноевско пикање на главата во песокот. Ова не е аутистичка претстава. Таа има во себе рефлексии кон секојдневието.
Владимир Милчин, режисер.
Во претставата има девет сонга. Осум од текстовите се од француски и германски творци, а едниот е од славниот Русин Даниел Хармс, кој, пак, умира во 1942 година откако е измачуван од сталиновата полиција во една затворска болница во Ленинград. Автор на оригиналната музика е Марјан Неќак, а режисерот Милчин забележува дека „Подемот и падот на кабарето“ не е колаж, туку дека си има своја приказна која не е комплицирана, ниту апстрактна, туку многу конкретна.

„Кога говорам за моќта на театарот подразбирам и креативност и посветеност и фантазија, меѓутоа говорам и за тоа дека театарот е вистински тогаш кога не боледува од аутизам, не боледува од ноевско пикање на главата во песокот. Ова не е аутистичка претстава. Таа има во себе рефлексии кон секојдневието“, вели Милчин.

Во овој проект кој несомнено ѝ прилега на една национална институција настапува екипа од 23 актери како Тони Михајловски, Емил Рубен, Оливер Митковски, Камка Тоциновски, Владимир Ендровски-Љац, Арна Шијак, Сашко Коцев, Гораст Цветкоски, Јордан Симонов, Нино Леви, Ивица Димитриевиќ и други, а Милчин забележува дека, иако насетувал и знаел, за него било откритие колку тие можат и да пеат и да играат истовремено.

„Таа димензија на кабаре, сонгови во целиот свој раскош е овде застапена и солистички и хорски и мислам дека заедништвото кое е резултат на креативноста, на фантазијата на оваа актерска трупа на националната куќа, е веројатно најголемиот квалитет на она што во сабота ќе го одиграме пред публиката“, вели Милчин.

Инаку, сценографијата е на Крсте С. Џидров, костимографијата на Марија Пупучевска, а „Подемот и падот на кабарето“, Милчин ја донесува по поставувањето на „Чекајќи го Годо“ од Семјел Бекет на сцената на Турскиот театар, претстава за која беше награден за најдобра режија на седмото издание на Јоакиминтерфест во Крагуевац, соседна Србија.

Во МНТ по оваа премиерна изведба продолжуваат со подготовките на „Вечна куќа“ со која во септември ќе почне да работи новиот објект на театарот, а на 21 јули на претстојното „Охридско лето“ нашата национална куќа ќе настапи со „Изгубени Германци“ од Слободан Унковски.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG