Достапни линкови

Могли повторно на сцената на Театарот за деца и младинци


По цели 15 години, „Могли“, куклената претстава работена по мотивите на „Книга за џунглата“ од Радјард Киплинг, се враќа на сцената на Театарот за деца и младинци. Премиерната изведба на проектот што повторно го потпишува режисерот Боњо Лунгов, со младиот Мартин Јордановски во насловната улога, ќе се одржи овој вторник, на 15 јули во 19 часот, во рамките на Скопско лето, а пиесата колективот му ја посветува на никогаш заборавениот актер и „најоригинален Могли“ – Игор Маџиров.

„Могли“, според мнозина најдобрата претстава на Театарот за деца и младинци, по деценија и половина, наново ќе го предизвика вниманието на публиката. Зад проектот, базиран на мотивите од „Книга за џунглата“ на Радјард Киплинг, повторно како режисер застана професорот Боњо Лунгов, еден од најголемите авторитети во овој домен во Европа.

Оваа претстава и оваа премиера му ја посветуваме токму на Игор Маџиров, на нашиот, би рекол „најоригинален Могли“. Оваа нова постановка на „Могли“ е само уште едно скапоцено камче од мозаикот наречен Спомени за Игор.
Драган Довлев, директор на Театарот за деца и младинци.

Прес конференција за театарската претстава „Могли“ во Театарот за деца и младинци.
Прес конференција за театарската претстава „Могли“ во Театарот за деца и младинци.

Драган Довлев, првиот човек на Театарот за деца и младинци, во пресрет на премиерната изведба на новото видување на „Могли“, забележува дека овој наслов е веќе поставуван на репертоарот на театарот од истиот режисер. Тој појаснува дека ја играле во периодот од 6 март 1999 до 20 февруари 2000 година и дека потем, по нецела една година, била тргната од репертоарот поради мистериозната и прерана смрт на актерот Игор Маџиров, кој тогаш ја толкувал насловната улога.

Искрено не чувствував никаков товар бидејќи, нели, сите ја помнат претходната претстава. Во живо ја немам гледано никогаш, имав прилика тоа да го сторам само на видео снимка.
Мартин Јордановски, актер.

„Во име на целата екипа, новата екипа на проектот „Могли“ и во името на колективот, ние оваа претстава и оваа премиера му ја посветуваме токму на Игор Маџиров, на нашиот, би рекол „најоригинален Могли“. Оваа нова постановка на „Могли“ е само уште едно скапоцено камче од мозаикот наречен Спомени за Игор“, вели Довлев.

Мартин Јорданоски, актер.
Мартин Јорданоски, актер.

Од првата екипа на „Могли“, во новата претстава играат Тања П. Кочовска и Предраг Павловски, во останатите улоги се појавуваат Наташа Петровиќ, Мики Анчевски, Марија Ѓорѓијовска, Симона Спировска и Ненад Митевски, а насловниот лик во случајов го толкува 27-годишниот Мартин Јордановски. Него досега сме го виделе во „Грев или шприцер“ на Драмски театар, „Секс, лаги, диви гуски“ на режисерката Нина Николиќ и се разбира речиси во сите претстави на сцената на матичниот Театар за деца и младинци.

Сега можам слободно да кажам дека додека дишам и можам да работам, јас ќе работам со овој ансамбл.
Боњо Лунгов, режисер.

„Мартин Јордановски создаде лик на кој најверојатно Маџиров, да беше жив, ќе беше горд на тоа што го направил. Ќе беше просто фасциниран од тоа што го направи на сцена“, вели Довлев, едновремено не криејќи го огромното задоволството од сето она што во изминатиот период го сработиле неговите колеги во овој проект.

А „новиот Могли“, актерот Јордановски, знае да каже дека, сем на видео, не ја гледал првата верзија на претставата и дека не го чувствувал товарот на ликот што треба да го толкува.

„Искрено не чувствував никаков товар бидејќи, нели, сите ја помнат претходната претстава. Во живо ја немам гледано никогаш, имав прилика тоа да го сторам само на видео снимка. Многу ми се допадна и тоа ми беше навистина голем предизвик и одговорност за да го направиме „Могли“ подобар“, вели Јордановски.

Боњо Лунгов, пак, е убеден дека тие овојпат стокмиле претстава која е 100 пати подобра од првата „Могли“ и истакнува дека оние кои ја гледале пред 15 години, сега ќе бидат навистина позитивно изненадени. Дополнува дека било неблагодарно, дури страшно да се работи под притисокот од „легендарноста на еднаш веќе даденото“, но потенцира дека сегашнава екипа на глумци во овој театар го натерала да си ја врати вербата во уметноста, во занаетот во последниве неколку години.

„Јас веќе мислев многу, многу да не се занимавам со режија и навистина почнав да бирам каде работам. Но сега можам слободно да кажам дека додека дишам и можам да работам, јас ќе работам со овој ансамбл. Добар дел од мојот живот мина овде во Македонија, знам што се способни да направат овие актери. Кога сега дојдовме со Константин Каракостов и Маја Енчева и започавме да работиме со новиот систем на кукли кој бара исклучително голем ангажман, каде има премин од кукла во жив лик и слично, некои наши поспецифични нешта, не знаевме како овие млади луѓе ќе се справат со тоа. Сега можам да кажам дека тие не само што го совладаа сето тоа туку и анимацијата што ја направија е на највисокото ниво за кое јас знам како стручњак во областа на куклениот театар“, вели тој.

Говорејќи за актуелниот проект Лунгов вели дека тие донесуваат една пиеса со навистина тешка тема. Всушност, се запрашале кои закони и вредносни системи се посуштествени – оние кои владеат меѓу луѓето, или оние што постојат меѓу животните.

„Тоа никогаш не била лесна тема. Особено во денешно време. Токму и затоа Киплинг е толку актуелен и денес и е автор од голем формат. Тој едноставно на многу сликовит начин може да пренесе сложени теми кои едновремено знаат да им бидат блиски и на возрасните и на децата“, вели Лунгов.

Кон ова само уште информацијата дека бугарскиот режисер и овој проект го потпишува со своите соработници и асистенти Маја Енчева (автор на драматизацијата) и Константин Каракостов (кој се погрижил и за изборот на музиката), куклите и сценографијата се на Маја Шварц, за нивната изработка се погрижил Кирил Василев, а автор на плакатот, фотографиите и видеото е Филип Кондовски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG