Достапни линкови

„Гига мега бајка“ премиерно во Театар за деца и младинци


Гига мега бајка, театарска претстава
Гига мега бајка, театарска претстава

Премиерата на „Гига мега бајка“, првиот заеднички проект на режисерката Хана Миленковска и драматургот Горјан Милошевски во нивната матична куќа - Театарот за деца и младинци во Скопје ќе биде утре вечер. Станува збор за хибридна сторија во која се преплетуваат „Црвенкапа“, „Заспаната убавица“ и мотиви од други бајки и за пиеса чија порака е дека секој треба да биде креатор на сопствената приказна.

Режисерката Хана Миленковска и драматургот Горјан Милошевски, како прва своја претстава во матичната куќа -Театарот за деца и младинци од Скопје, заедно ја потпишуваат „Гига мега бајка“. Станува збор за нивна автентична хибридна сторија во која тие посегаат по класичните „Црвенкапа“, „Заспаната убавица“ и по мотиви од други бајки, но и за спонтано, динамично, едукативно и забавно раскажување на приказните на нов начин - со нивна преработка, импровизации и со промена на ликовите и ситуациите во кои тие се наоѓаат.

„Она што сакавме да го постигнеме е да направиме една отстапка од она што децата го знаат како приказни коишто се популарни и да направиме една модерна деконструкција на бајките. Тоа не е нова идеја, се случувало и претходно, го има во цртаните филмови и се случувало и претходно, меѓутоа она што за нас беше најважно да го постигнеме беше да воведеме еден нов шаблон на нарација со кој децата понатаму ќе може да се служат кога ќе создаваат сопствени приказни. Идејата е дека секој може да биде креатор на сопствената приказна и дека од приказните кои сите ги знаеме може да извлекуваме она што нам ни е интересно и да создаваме свои сопствени светови“, вели Миленковска.

Горјан Милошевски, пак, истакнува дека тие не понудиле некоја дотолку нова алтернативна претстава туку само свеж концепт на раскажување на познатите приказни. Едноставно сакале да го избегнат „пресликувањето“ на многупати раскажаните бајки и наместо тоа да ги соединат со духот на модерното време. Да ѝ дадат многу повеќе простор на фантазијата и на интеракцијата оти „приказните стануваат многу здодевни ако се раскажуваат на еден ист начин“.

„Раскажувањето е дијалог меѓу родителите и децата. Многу е важно да се почитуваат сите импровизации оти на дете кога ќе земеш да му раскажуваш приказна по патот ќе му текнат триста „глупости“. И, сега ако ги скокаш тие работи, си тераш со приказната само за да заспие детето, или да го откачиш, „да си завршиш работа“, тогаш ништо не си постигнал оти неговата фантазија се развива во моментите кога импровизира, кога менува“, вели тој.

Всушност, како што забележува Миленковска, нивниот пристап бил доста минималистички. Дека целото дејствие на „Гига мега бајка“ се случува индуктивно – четири актери се поставени на празна сцена и тие постепено пред публиката отвораат една магија – еден нов свет. Вели дека идејата била да се почне од празна сцена затоа што родителот или раскажувачот немаат реквизити кога ја раскажуваат својата приказна и она што прво ќе им дојде при рака станува дел од нивната сторија.

„Тука има и еден друг едукативен аспект. Говориме како се создава една театарска претстава бидејќи актерите на лице место ја создаваат целата магија и така на децата на некој начин им нудиме увид зад кулисите. Им претставуваме што се случува кога се создава, креира една приказна“, вели таа.

Во претставата којашто трае 50-ина минути и е наменета за деца над пет години, но и за возрасни играат актерите Бојан Кирковски, Симона Спировска, Мартин Јорданоски и Мики Анчевски.

„Топлите и комични костими“ се дело на Елена Додевска, за кореографијата бил задолжен Валентино Апостоловски („точни, духовити и креативни движења“), а за музиката („современ и динамичен звук“) неговиот брат Виктор Апостоловски.

„Едно е сигурно. Дете што е едуцирано само на училиште не е доволно едуцирано. Мора да има вакви претстави, мора да има многу други работи што ќе го поттикнат пред сè неговиот ментален развој. Многу е добро што претставава им дава на децата една идеја како можат да си ја направат својата игра поинтересна, а родителите ги учи како да им ги направат поинтересни раскажувањето или заспивањето итн“, ќе рече композиторот.

Конечно, посебно бележити се сценографијата и дизајнот („брбливи и креативни“) на Владимир Лукаш за кои драматургот Милошевски и режисерката Миленковска знаат да кажат дека „прават голема отстапка од она што се очекува од една бајка“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG