Достапни линкови

Нацоски - Живееме во време на културолошко уназадување на општеството


Благој Нацоски, оперски пејач
Благој Нацоски, оперски пејач

Во Салонот на Македонската опера и балет утре вечер ќе се случи македонската праизведба на „Зимско патување“, најпознатиот циклус на песни на австрискиот класик Франц Шуберт работен на стихови на неговиот сонародник Вилхелм Милер. Зад проектот исправени стојат оперскиот пејач Благој Нацоски, неговиот музички собеседник – пијанистот Дино Имери и режисерот Дејан Прошев.

Јас кога за прв пат го слушнав овој циклус „Зимско патување“ во моите студентски денови буквално се вљубив во него и отсекогаш ми претставуваше желба да го изведам. Меѓутоа досега не се чувствував зрел во ниедна гледна точка за да му се посветам на истиот. Повеќе би рекол од онаа умствена гледна точка или животното искуство. Иако Шуберт го напишал на 31 година, сепак оној што ќе биде присутен на концертот в петок, ќе забележи дека во циклусот се работи за еден човек којшто има големо животно искуство. Не сакам да кажам дека сум стар, но сепак некакво искуство стекнав во сиве овие години и од таа гледна точка мислам дека конечно можам да му се посветам.

Ова ќе го забележи Благој Нацоски, најпознатиот македонски тенор во светот и амбасадор на културата на земјава во Италија, во предвечерието на „Зимско патување“, рециталот што утре вечер во МОБ ќе го изведат со пијанистот Дино Имери. Се работи за македонска праизведба на познатиот циклус од 24 соло-песни за глас и пијано од Франц Шуберт, австрискиот композитор, последниот изданок на Виенската класична школа и еден од најраните поборници на музичкиот романтизам, за кој стиховите се дело на Вилхелм Милер.

„Освен тоа што е неговиот најпознат циклус е еден од најпознатите циклуси за глас и пијано воопшто во целата музичка литература. Јас ќе се обидам да му дадам една моја интерпретација и се надевам дека ќе успеам да ја пренесам својата визија за него до публиката. Пијаното е битен сегмент во овој циклус. Шуберт во него пијаното го издигнува до рамноправност со гласот. Значи не може да се говори во овој случај за глас и пијано придружба, туку за дует, за интеракција помеѓу глас и пијано“, вели оперскиот пејач.

Нацоски дополнува дека станува збор за нетипичен циклус и дека овие песни кога ги пишувал Шуберт не биле стриктно наменети за оперски пејач туку за да бидат изведувани на забавите, во една салонска, камерна атмосфера. Сепак, тие храбро се впуштаат во авантура да ги донесат во режија на Дејан Прошев од сцената во Салонот на МОБ, при што, како што вели тенорот, до израз ќе дојде и неговото психолошко разложување на приказните, песните, драмите и ономатопеите на тажниот скитник. Дека самиот на Циклусот гледа од повеќе страни. Една е онаа која го довела до сознанието дека Шуберт и авторот на стиховите Милер во тоа време освен што биле непризнаени биле и угнетувани. Дека врз нив е вршен и одреден политички притисок. Во оваа конотација, прашан дали изведбата на „Зимско патување“ е и негов бунт против политичкиот притисок во времево во кое живееме, Нацоски истакнува дека, во некоја рака, тоа можеби може и токму така да се толкува.

„Живееме во едно време на едно генерално културолошко уназадување на општеството, а пред сè на политичките елити. Дури зборот „елити“ не може да се искористи во овој момент бидејќи сè се само не се елити. Зборувам за сите општества на целата планета. Значи може да се каже дека е и некој културолошки бунт. Ние уметниците треба да се потрудиме да ја вратиме не само културата на уметностите туку општата култура. Јас сметам дека еден политичар, еден лидер, пред сè треба да биде човек од широки знаења“, вели тој.

Тенорот потсетува дека по Втората светска војна сме го имале еден Черчил кој бил сликар, вљубеник во музиката и т.н., а дека денешните политичари насекаде во светот, за жал, се ужасни особено од културна гледна точка. Но, вели дека тој сепак е оптимист по природа, дека се тоа некои циклуси во историјата коишто доаѓаат и поминуваат и дека нештата сепак ќе мора да се сменат.

„Овој тренд ќе трае уште малку, па потоа нештата ќе мора да се променат. Не може да остане така. Секогаш историјата така нè учела. Имаме толку многу информации и средства за да живееме добро. Во секоја гледна точка – културолошка, економска и т.н. Само не знам зошто не ги користиме. Ние навистина денес имаме можност да живееме здраво, да живееме убаво. Ете затоа мене ми е чудно кога не ги користиме сите тие елементи, сите тие инструменти за да живееме поквалитетно“, вели тој.

Кон ова само уште информациите дека Нацоски по македонската праизведба со циклусот „Зимско патување“ ќе настапи и во Палермо, Италија каде на 12, 13 и 14 мај годинава ќе бидат одржани три шубертови вечери. Згора на тоа добил покана за настап и на фестивалот во Савона, а помеѓу италијанските продукции ќе треба да најде време за да на 22 април годинава го одработи и концертот во Прага, Република Чешка.

Инаку, тој во Скопје ќе биде и во текот на наредната недела затоа што добил понуда од МОБ да пее во две различни опери, во „Дон Џовани“ ќе го видиме како Дон Отавио а во „Севилскиот бербер“ ќе биде Грофот Алмавива. Тенорот годинава, со исклучително интересен проект, ќе го има и своето деби на една голема домашна културна манифестација - претстојните Деновите на македонската музика.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG