Благој Нацоски со право може да заклучи дека му се остварува еден од големите детски сништа. Тој неодамна доби понуда да ја толкува улогата на Понг во операта на славниот Џакомо Пучини - „Турандот“, што на сцената на најзвучната светска оперска куќа – Миланска скала ја поставува германскиот режисер Николас Ленхов. Со оркестарот ќе диригира славниот Рикардо Шаји од Италија, а нашиот тенор ќе настапи заедно со Нина Стеме од Шведска (Турандот), Александарс Антоненко од Летонија (Калаф), Марија Агреста и други респектирани оперски дејци.
Се работи за исполнување на еден од моите детски сништа. Од кога знам за себе ја сакав операта и пеев и уште од мал велев – сакам да стигнам еден ден до големите театри, односно до Миланска скала и ете по 12 години тоа ми се обистини.Благој Нацоски, тенор.
„Се работи за исполнување на еден од моите детски сништа. Од кога знам за себе ја сакав операта и пеев и уште од мал велев – сакам да стигнам еден ден до големите театри, односно до Миланска скала и ете по 12 години тоа ми се обистини“, вели пејачот.
Нацоски дополнува дека многу битно за него е што сево ова дошло во момент кога најмалку го очекувал. Имено, тој, повеќе од цела една декада колку што трае неговата успешна интернационална кариера, немал отидено на аудиција во Миланска скала, сè уште чекал да се случи такво нешто, и како гром од ведро небо добил понуда и без да се појави на таквиот чин.
Оваа покана да настапам во Милано, во Скала, ми претставува и потврда дека добро сум „посеал“ во минатото, така што сега со мирна душа можам да ги собирам плодовите од сето тоа.Благој Нацоски, тенор.
Открива дека сето тоа се должи на новото раководство во оваа престижна институција, пред сè на генералниот директор Александар Переира, еден од врвните светски организатори на оперскиот живот, човекот што ја искачил операта од Цирих на екстремно високо ниво, по што му бил доделен ангажман на уметнички директор во Салцбург, за да потем застане на раководната позиција во Милано.
„Переира мене лично многу добро ме познава како уметник бидејќи уште во 2006 година за прв пат пеев во Цирих кога „спасив“ една продукција. Јонас Кауфман имаше откажано неколку претстави од операта „Така прават сите“ и во последен момент, значи од денес за утре буквално, ме извикаа да заминам во Швајцарија и да го заменам Кауфман и да се одржат преостанатите престави“, вели Нацоски.
За десеттина дена заминувам за Модена каде што ги почнувам пробите за операта „Дон Џовани“ од Моцарт.Благој Нацоски, тенор.
По тој момент македонскиот тенор уште неколкупати настапил во Цирих во различни продукции и затоа сега е искрено задоволен од ваквиот след на настаните.
„Оваа покана да настапам во Милано, во Скала, ми претставува и потврда дека добро сум „посеал“ во минатото, така што сега со мирна душа можам да ги собирам плодовите од сето тоа“, вели Нацоски.
Вели дека во случајов се работи за нова улога, нов предизвик и нов пристап. Инаку Понг му е втора ролја во дело на големиот Пучини, по онаа кога на почетокот од кариерата во „Мадам Батерфлај“ го толкуваше ликот на Горо.
„Во кој било театар да настапувам, јас го вложувам својот максимум, така што нема да ми биде поразлично од тој аспект. Сепак, во името на овој настап, на оваа улога и оваа продукција решив малку да стивнам со другите активности и ангажмани и да живеам со и за премиерата во Скала. Имав дури и закажано концерт во Токио на 17 март, но решив да го откажам поради интерконтиненталните летови и да не се заморувам многу пред почетокот на пробите во Милано“, вели Нацоски.
Но во очекување на 23-те мајски изведби на „Турандот“ во Миланска скала, Нацоски ќе мора да најде простор и за претходно договорените обврски. Како што вели самиот, 2015-та ќе му помине претежно во италијанските оперски куќи. Наскоро ќе замине за Модена, каде ќе дебитира во Театарот „Лучано Павароти“ и тоа во новата постановка на операта „Дон Џовани“. Со истата претстава ќе настапи и во Театарот Џиљо во Лука, а потоа ќе биде и Гроф Алмавива во „Севилскиот берберин“ во Театарот Политеама во Лече.
„За десеттина дена заминувам за Модена каде што ги почнувам пробите за операта „Дон Џовани“ од Моцарт. Тоа за мене ќе биде деветта продукција на ова дело што подразбира дека пред себе имам една улога којашто досега сум ја пеел многупати и која нема да ми одземе некоја посебна енергија пред Скала. Инаку, со оглед на тоа што операта ќе се случува во театарот „Лучано Павароти“, морам да признам дека сето тоа за мене претставува една посебност. Сепак, еден тенор да настапи во театарот што го носи името на еден од најголемите во светски рамки, каде што тенорот Павароти и ја започнал својата блескава кариера, не е мала работа и затоа за мене е од големо значење и возбуда“, вели познатиот македонски тенор.
И колку за потсетување, Нацоски по „Дон Џовани“ на Мајски оперски вечери и концертот „Италијанско-македонска вечер“ во Џенова во јули, во втората половина на август минатата година успешно дебитираше во Националната опера во Прага. Во септември, пак, замина за Бангкок, Тајланд, заедно со ансамблот на Македонската опера и балет, а потоа следуваа неговите настапи во Пиза, Трст (каде се појави во улогата на Александар Македонски), Токио, Острава и конечно Монтевидео.