Достапни линкови

„Земјотрес 2017“ - петта музичка субверзивна експлозија


Младински културен центар во Скопје
Младински културен центар во Скопје

Дваесеттина актуелни македонски бендови и артисти на три сцени, 14 домашни дискографски куќи со своите изданија и промотивни материјали. Десетчасовна стилски разновидна програма и атмосфера која му прилега на отворениот концепт на случувањето ја чинат сржта на годинешното, петто јубилејно издание на Фестивалот на независна музика „Земјотрес“ што на 4 февруари, од 19 часот, се одржува во Младинскиот културен центар во Скопје.

На урбано Скопје, оваа сабота, по петти пат ќе му се случи „Земјотрес“. Онаков каков што доликува на една жива, пулсирачка и квалитетна алтернативна сцена која поодамна има раскрстено со улулкувањето во самодоволноста и стамено ја продолжува борбата за промоција на сопствените заложби. За звук, мисла, поетика, израз, енергија, својствени единствено на самомислечките творци и нивното единствено поимање на ваквата наша реалност распната помеѓу поп-полуфабрикатите и турбоидната забревтаност.

На Фестивалот на независна сцена, кој своевремено како отворен концепт беше инициран од „69 Рикордс“, „Направи заедно“ и „Пи-Ем-Џи Рикордингс“, и овој пат се очекува вистинска експлозија на субверзивноста и контра-културата. Како по традиција повторно на три сцени.

Во концертната сала на МКЦ едно по друго се очекуваат ВИЗИЈА, СТИЛ ТЕМПЛ, Д БЛЕК ЕНД ВАИС СОШЛ КЛАБ, Васко Атанасовски, ФОНИЈА, МИЛКО, КАЛЧР ДИВЕЛОПМЕНТ, МУГЕР ФУГЕР и АлеКсанДар (БАРБАРЕЛА). Во фоајето пред кино „Фросина“, пак, е предвидено да се изредат ФИРС, Волтер Мени Ал Хаким, Бојан Петков трио, КРИСТ КРСТ, ЛАЈТМОТИФ, ПЛУТОС ДОУБТС, СВИТ РАПСКЕЛИОНС и ТОТАЛНО ОПУШТАЊЕ, а на техно сцената со своите сетови и перформанси вниманието на оние расположени за танцување ќе го анимираат ОБОХТАЛ, Меги (БТКРСХ), ДЕФЕКТ 13 + Клара, Видиновски и Мирко Попов.

Од друга страна, во холот на оваа главноградска институција чија основна функција е да ја крепи младинската (контра)култура, е планирано да бидат поместени штандовите на дискографските етикети на кои покрај нивните свежи изданија ќе се најдат и промотивните материјали на бендовите. Се заедно заокружена понуда која оди во пресрет на сите оние што имаат намера да ги збогатат своите колекции со звучни документи што вообичаено ги нема во неколкуте специјализирани продавници за носачи на звук во градов.

„Минатите години се држевме до една, да не речам, „догматска“ практика, да ги повикуваме само тие што имаат нови изданија на некоја од издавачките куќи коишто учествуваат на Земјотрес, а оваа година решивме тоа малку да го прошараме и да идеме со било кое издание, всушност со било кој артист кој има сопствен носач на звук. Така на пример овој пат во програмата ги вклучивме некои бендови како џезерите ФИРС, БЛЕК ЕНД ВАИС СОШЛ КЛАБ, металците СТИЛ ТЕМПЛ итн. Буквално некои кои не биле во една таква приказна со издавач, но сепак имаат сопствено издание, нов албум што излегол помеѓу двете изданија на Фестивалот и тоа е еден вид новитет што го нудиме“, ќе рече Филип Тасевски – Фиц од „69 Рикордс“, инаку член на НОВИОТ ПОЧЕТОК.

Тој дополнува дека Земјотрес годинава го одбележува својот прв позначаен јубилеј и дека во изминативе пет години стана едно од недоминливите (суб)културни случувања во земјава.

„Со самото тоа што на Фестивалот редовно се вртат над 2000 посетители мислам дека докажавме оти е исклучително битен пред сè за младите во Скопје и во земјава. Едноставно Земјотрес им значи на луѓето како настан. Го препознаваат и нема да згрешам ако кажам дека стои рамо до рамо со некои други познати фестивали во Македонија. Несомнено е дека и натаму треба да расте. Впрочем ние како организатори имаме некои идеи како би се одвивал во иднина, но чекавме најнапред да видиме како ќе биде, да помине определен временски период и мислам дека овие пет години се доволни за да видиме што и како со овој наш концепт“, вели тој.

Кон ова само уште информацијата дека влезниците за ова случување, кое патем заедно со уште неколкуте од тој тип и удира силна шлаканица на импотентната меинстрим сцена во земјава, и натаму се со симболична цена 150 денари во препродажба и 200 на билетарница. И, се разбира вообичаено барем половина од заинтересираните како по некое време остануваа пред врата во очекување дека кога тогаш ќе станат дел од толпата среќници или оние кои навреме се обезбедиле со билет за „Земјотрес“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG