Погледнете ги моментите што Илиевски ги одбрал за да ја припитоми вечноста на театарот. Ја одбирал суштината на театарскиот чин, а тоа е крикот. Нема театар без крик. И трагедијата е крик. И комедијата е крик. Крик на несовршеноста на човечкото суштество, над неговата минливост, глупост и смртност.
Ова, меѓу другото, ќе го забележи писателот Венко Андоновски во текстот „Припитомување на крикот“ печатен во каталогот за изложбата на уметничка фотографија на Љупчо Илиевски - „МОТ 1984 – 1996“, што од 14 до 27 септември, се одржува во Младинскиот културен центар во Скопје и на која се изложени 20 црно-бели и исто толку колор фотографии.
Ова е негова 10 самостојна постановка на која е претставен неговиот одбир на фотографии снимени од некаде седумгодишното активно следење на Млад отворен театар. Говорејќи за неа Илиевски вели дека низ сите тие години се обидел да прикаже еден свој авторски приод со тоа што го ловел мигот со идеја да го замрзне, откине и пренесе за идните генерации. Дополнува дека тоа, иако навидум изгледа лесно нималку не е едноставно. Сепак, нагласува дека обидите биле резултат на огромната желба да го фотографира она што било највпечатливо за него. Дека го ловел актерот кој следен ја има репликата. Така имал и најмногу успех во бележењето на сите тие реакции и чувства.
„МОТ е повеќе од инспирација. Токму и затоа од една страна сакав да го потенцирам учеството на многу светски театри на манифестацијата и нивното доаѓање во Скопје. Од друга страна исклучително битно ми беше да обрнам внимание на ликовите на починатите актери. Не актери туку АКТЕРИШТА, ГЛУМЧИШТА, ГОЛЕМИ, ГОЛЕМИ ГЛУМЦИ кои, за жал, не се веќе меѓу живите. Сакав тие да не паднат во заборав. Тоа е да речеме еден Кирил Ристески, Менде Маркоски, Илко Стефаноски, Бранко Ѓорчев, Мину Угриновска и други“, вели Илиевски.
Тој дополнува дека театарската претстава отсекогаш му била предизвик и дека ги фотографирал оние кои претходно ги немал видено. Не сакал прво да кадрира, па потоа да фотографира. Истакнува дека тој убав период од неговиот живот се одвивал по две паралелни патеки. Едната била МОТ и мотовските претстави на кои вели дека било потрошено многу енергија, а другата била фотографирањето на Лустерот во Офицерскиот дом во Битола. Но, нималку не жали за потрошеното време и за енергијата. Потенцира дека срцето му е полно кога гледа исклучително млада публика, и театарска и онаа која ја сака фотографијата, на изложбата во МКЦ.
„Самата театарска претстава е предизвик затоа што се работи за еднаш веќе осмислено уметничко дело како што вика Венко Андоновски. Меѓутоа театарската претстава трае сè до мигот на спуштањето на завесата. Затоа ако сте доволно искрен, ако сте доволно моќен во перцепцијата, ако сте доволно умешен во ловењето на мигот може да направите фотографија која ќе ја отсликува таа вечност и ќе трае многу подолго и од самата претстава. По неа и ќе се споменува претставата“, вели тој.
Конечно, Љупчо Илиевски констатира дека неговиот интерес за театарска фотографија никогаш нема да престане, но истакнува дека во мигов е фокусиран на два други проекта. Едниот од нив е локалитетот на Селечка Планина под работен наслов „Камена мома“, а другиот е за него вечниот мотив „Крстот“ што го работи не само фотографирајќи на скопско Водно, туку и во многу други села „каде што и Господ и луѓето ги заборавиле, а има толку многу интересни орнаменти кои што би сакал во иднина да ги прикаже“.