Достапни линкови

„Догвил“ или претстава за нашата тегобност


Во рамките на МОТ+, оваа среда, на 14 септември, во Младинскиот културен центар во Скопје, на крајот на екс-југословенската турнеја, се случи 60-та изведба на „Догвил“, театарската адаптација на истоимениот филм на Ларс Фон Трир и проектот што го потпишуваат режисерот Кокан Младеновиќ, актерите Бранислав Трифуновиќ, Милица Мајсторовиќ и Милица Јаневска, срскиот бенд VROOM и Миксер хаус, Студентскиот културен центар од Нови Сад и белградската Фаст форвард како продуценти.

Претставата „Догвил“ ја правевме според прочуениот филм на Ларс Фон Трир, пред сè, како жестока пресметка со девијациите кои се случуваат во Србија. Во нашиот политички систем. Во нашиот општествен систем. Со таа изолирана заедница. Знаете од филмот, а така ќе биде и во претставата, бегалката Грејс која ја игра Милица Јаневски доаѓа во Догвил, меѓу луѓето кои се претставуваат како прекрасни граѓани, луѓе кои веруваат во Бог и во семејните вредности, во таа идеална заедница за која ќе се испостави дека е една страшна средина, полна со омраза, комуна која не знае да го разбере и да го толерира другото. Нејзиното доаѓање како лакмус ќе го прочита сето зло на тоа општество.

Вака режисерот Кокан Младеновиќ ќе го стори воведот во своето, во нивното видување на „Догвил“, претставата што на самосвоен начин ги отсликува приликите на просторот и на времето во кое битисаме.

„Јас мислам дека по распаѓањето на Југославија, во сите овие наши мали државички, се создадоа некои изолирани средини кои имаат свој изопачен систем на вредности. Би било убаво да е тоа само феномен на тие заедници, но се плашам дека е тоа е применливо и многу пошироко. Како Галапагос пред доаѓањето на Дарвин. Во тие наши изолации се развиваат некои посебни, агресивни видови кои и во културата и во политиката и во јавниот живот важни и посебни само во малите стредини. Колку е средината помала, толку се тие поголеми и поважни. Поуспешни“, вели Младеновиќ.

Тој дополнува дека тие својот „Догвил“ го замислиле како општествена платформа. Дека направиле свој сајт на кој неколку илјади граѓани не само од Србија, туку и од Босна, Хрватска...им пишувале за она што тие го истражувале: насилството во семејството, неприфаќањето на странците, омразата кон лицата кои имаат поинаква сексуална ориентација, кон оние со поинаква религија, со поинаква боја на кожата... Истакнува дека една од темите во претставата е кукавичлукот на театарот воопшто во однос на времето во кое живееме и дека низ сонговите што ги напишал, а за кои музиката ја компонирал Марко Грубиќ, инаку ко-продуцент на претставата и еден од членовите на групата VROOM, тие се обиделе на креираат еден паралелен тек во однос на Фон Триеровото сценарио. Дека ја прекинуваат играта на актерите, ја коментираат и дека пеат за она што ги загрижува.

„Пред точно година дена поради интервјуто во пресрет на прикажувањето на „Догвил“ на фестивалот ИНФАНТ бев уапсен во Нови Сад бидејќи за српската десничарска власт ова што ние го зборуваме е камен во грло. Таму го спомнуваме нашиот претседател на државата, премиерот...Со Србија сега владеат некои од најстрашните луѓе од 1990-те. И да не ни се случува тоа лично, и да не сме сведетели на сето тоа би мислеле дека е ова скриена камера или дека сме статисти во погрешен филм. Не постои ниту една актуелна тема од српската стварност за која ние не говориме преку сонговите што ги пееме. Вклучувајќи го тука и по мене срамотниот кукавичлук на српскиот театар во однос на она што ни се случува во општеството. Нашите театри за тоа главно молчат. Ги чуваат своите привилеги, своите редовни плати ...кои од ден на ден се сè помали и помали...Го чуваат непостоечкиот репертоар бидејќи финансии за нови претстави безмалку и да нема. Дури и таа неподнослива театарска малограѓанштина со која самите себе се убиваме е токму онаа битна причина оваа претстава да биде родена и да живее како независен проект. Конечно таква каква што е не би ја прифатил да ја игра ниту еден од театрите во Белград.“

Младеновиќ појаснува дека на МОТ+ е 60 изведба на проектот за кој досега добиле пет награди. Дека тие тргнале со критика на десницата во Србија, но дека во меѓувреме „Догвил“ израснал во пресметка со приликите во регионот и времето во кое живееме. Вели дека првично се плашеле за тоа како ќе бидат примени во Хрватска и во Словенија затоа што „тие барем формално живеат малку посредено од сите други од поранешна Југославија“, но се испоставило дека безмалку идентични се реакциите на посетителите секаде каде што досега настапувале.

„Сите мислечки луѓе од регионов се чувствуваат премногу тегобно во овие држави во коишто живееме. Едноставно навикнавме нашиот простор на делување, на културна, умна размена да биде многу поширок од овој што го имаме. И таа општествена тегобност, тоа чувство на неправда, тој полусвет низок по дух, тој политички свет кој нималку не е за пример и за угледување, дека ги узурпирал сите полуги на јавниот живот. Дека тука се помалку има место за културата и дека тоа секако не се некои земји кои почиваат на идеалите на кои ние би сакале да почиваат. И тоа чувство на тегобност, неправда и загрозеност е потполно исто кај сите обични луѓе пред кои сме ја играле „Догвил“. “

Кон ова само уште информацијата дека Кокан Младеновиќ, еден од најхрабрите и „најпроблематичните“ режисери во соседна Србија, автор чии претстави никого не оставаат рамнодушен, на МОТ доаѓа по втор пат. Пред пет години го проследивме неговото видување на крлежиниот класик „Господа Глембаеви“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG