Достапни линкови

„Синемјузик“ за „подобра циркулација“ на „Синедејс 2016“


Девет грижливо селектирани актуелни музички филмови и уште толку перформанси на домашни и интернационални артисти ја чинат видливоста на досега незаслужено „програмата во сенка“ на Фестивалот на европски филм „Синедејс“, што од 10 до 19 ноември, ќе се случува во „Милениум“, кино „Фросина“ и во салата на Младински културен центар во Скопје.

На јубилејното 15-то издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ конечно станува видлива досега незаслужено оставена „програмата во сенка“ на специјално селектирани музички филмови и згора на тоа сериозно одбрани перформанси на домашните и интернационалните артисти. Не дека досега ја немаше, скраја да е, дури кога би се погледнало наназад низ годините видовме и тоа како сериозни остварувања ( само лани на пример – филмскиот мегахит за прерано починатата Еми Вајнхаус, последниот документарец за култните МОРФИН, „Кучешко срце“ на Лори Андерсон...или „Ник Кејв: 20 илјади денови на Земјата“, делото посветено на контроверзниот нигериски џез музичар, таткото на „афро битот“ и големиот борец за човекови права Фела Кути, насловено „Како го најдов Фела“ ...во 2014-та) и проследивме не помалку возбудливи настапи, само што во случајов работите разумно си доаѓаат на своето место. Значи, паралелно со ексклузивноста на „Синедејс 2016“ ќе ја имаме и онаа на „Синемјузик 2016“. Двојно задоволство на еден безрезервно голем филмски и не само филмски фестивал.

„Овојпат се решивме да фрлиме малку повеќе светлина на делот од програмата кој некако низ годиниве од разно разни, би рекол неоправдани и веројатно лични причини, го остававме настрана. Токму и затоа се решивме да го издвоиме и да направиме еден вид „тематски влез“ во „Синедејс“ - вели Златко Стефковски, директор на Младински културен центар, потписниците на Фестивалот на европски филм.

А, кога сме веќе тука, исклучително важно е што отворањето на ова јубилејно издание на „Синедејс“ ќе биде во „Милениум“ со „Miles Ahead“ на Дон Чидл, биографскиот филм за еден од големите херои и експериментатори во џезот – американскиот трубач Мајлс Дејвис.

По проекцијата во кафе МКЦ следува диџеј-сетот на Оливер Белопета, директорот на Скопскиот џез фестивал, дефинитивно еден од најповиканите за една ваква пригода и човекот кој многупати досега на големите европски случувања знаел да застане зад пултот.

На 11 ноември ќе биде прикажан „The Beatles: Eight Days a Week – The Touring Years“ на Рон Хауард, документарецот базиран на материјалот сниман на клупските настапи во Ливерпул и на концертите „бубачките“ во периодот од 1962 до 1966 година (целосно реставриран и ремастериран) и комплетиран со 30-минутниот настап на бендот на стадионот Шеј од 15 август 1965 година. Вечерта ќе биде заокружена со аудио-визуелниот перформанс „Синеспејс“ на МНЕМОНИК 45 и ОБОТАЛ.

Третиот ден на „Синемјузик“ го донесува „Contemporary Color“ на Бил и Тарнер Рос во кој е документиран уникатниот перформанс на легендарниот Дејвид Брн во Барклис центарот во Бруклин, за да потем урбано Скопје го проследи долгоочекуваниот настап на Ентони Ротер, една од легендите на светската електронска сцена.

За 12 ноември е предвидено прикажувањето на „Gimme Danger“, новиот филм на Џим Џармуш во кој е забележана сторијата за СТУЏИС, еден од најдобрите рокенрол бендови на сите времиња чиј предводник е неуништивиот Иги Поп. Филмот го прикажува контекстот на појавата на СТУЏИС низ музичка, културолошка, политичка и историска призма и ги поврзува нивните добри и лоши авантури… а за музиката по неговото прикажување ќе се погрижи Давид Ангелевски – Пиколомини.

Следува „Blur: New World Towers“ на Сем Вренч кој се бави со последните години од животот на еден од најзначајните британски бендови, а длабоко во ноќта публиката ќе има можност да тргне на пловидба со пост-експерименталното американско трио РАШН СИРКЛ и нивната сограѓанка од Чикаго – виолончелистката која инструментот го третира како гитара, заводливата Хелен Мани.

Шестиот ден е резервиран за „Congo beat the drum“ на Израелецот Ариел Тагар во кој е отсликана потрагата по омилените реге изведувачи на авторот и неговиот компањон Ури Вертхеим по гетата на Кингстон со идеја да снимат албум, а на 16 ноември на програмата ќе биде „Лимуново дрво“ на Бранко Радаковиќ, филмот во кој повеќе славни личности од српската рок-сцена, уметност и новинарство, се сеќаваат на делувањето на еден од најзначајните бендови во белградската музичка историја и првиот во кој членувал Милан Младеновиќ – креативната сила на ЕКАТЕРИНА ВЕЛИКА.

Во овие две вечери музичката понуда се состои од одбирот на Еми Ермилова за експерименталната колекција на етикетата „Лудус“ и концертот со кој НОВИОТ ПОЧЕТОК ја завршуваат својата 40-дневна европска турнеја насловена како „Sorry For The Mess“.

За 17 ноември е најавен „Industrial Soundtrack for the Urban Decay“ на Тревис Колинс и Амели Равалек, првиот документарец што ги следи корените на индастриал музиката како правец, почнувајќи во доцните 70-ти со формирањето на британскиот бенд ТРОБИНГ ГРИСТЛ и издавачката етикета зад нив, „Индастриал Рекордс“, поведувајќи ве на авантура низ расфрланите индастриал градови низ Европа, па сè до американската авангардна сцена во подем. Звучното патешествие, пак, ќе го стори Јерек Бишоф, композиторот, аранжерот, продуцентот и мултиинструменталистот од Лос Анџелес, кој досега соработувал со имиња како КРОНОС КВАРТЕТ, Дејвид Брн, БЕНГ ОН А КЕН и други.

Следува „A Fat Wreck“ на Шон Колон, делото кое се бави со приказната за легендарниот Фет Мајк (од легендарните NOFX) и неговата поранешна сопруга Ерин-Кели Баркет и нивната издавачка етикета Fat Wreck Chords, а потем на сцената во МКЦ двојна програма – ВРАНГЛЕР – новиот бенд на Стивен Малингер од неповторливите КАБАРЕТ ВОЛТЕР и нашие КАНТОН 6.

Конечно, за спуштање на завесата на тематскиот „Синемјузик“ се оставени минатата година откажаните ВУДЕН ВИЗДОМ, дуото во кое покрај Туркоа Виздом еден од диџеите е холивудскиот актер Елајџа Вуд, и Ди-џеј Фиц, човекот чии сетови имаат цел да докажат дека постои и една друга култура – таква којашто верувала и сеуште верува во психоделичната музика.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG