Достапни линкови

Димитриевиќ - Млад, талентиран и бунтовен


Со улоги во два големи музичко-сценски проекти - „Чикаго“ и „Мајсторот и Маргарита“, две албумски објави со исто толку бенда – СИЗ и РИБ и конечно со премиерата на краткиот филм „Случајот“ на фестивалот „Синедејс“, Ивица Димитриевиќ јасно ја потенцира сопствената сеприсутност на македонската културно-уметничка сцена. Својот отпор пред напливот на општа апатија.

Ивица Димитриевиќ е уметник. Актер во МНТ. Рокенрол музичар што мнозина го познаваат уште од славните денови на култниот кумановски состав Т.Б.ТРАЧЕРИ, денешен предводник на бендовите СИЗ и РИБ. Тој е и филмаџија. Режисер во прогрес. Пишувач во сопствениот фанзин за алтернативна култура од кој не се дели и најважно - трагач по вистината во времево на комплетно изместени вредности.

Преку сите тие медиуми, дали е тоа музика, филм или театар, дали е перформанс, се обидувам да ја најдам вистината. Иако е тоа преопшта работа, кога ќе кажеш дека ја бараш вистината, ама тоа е она нешто што ме држи во приказната.
Ивица Димитриевиќ, актер и музичар.

„Преку сите тие медиуми, дали е тоа музика, филм или театар, дали е перформанс, се обидувам да ја најдам вистината. Иако е тоа преопшта работа, кога ќе кажеш дека ја бараш вистината, ама тоа е она нешто што ме држи во приказната. Знаеме како стојат работите кај нас во културата, особено во последниве години, но себе се гледам токму како „културен работик“, што и воопшто да значи тоа. Гледам дека само на тој начин, преку тие медиуми, можам да ги расплеткам сопствените идеи за животот“, вели Димитриевиќ.

Дополнува дека станува и легнува со гитарата во раце. Дека се обидува да компонира. Да напише песна. Згора на тоа истакнува дека театарот му е примарната работа што подразбира секојдневни проби и претстави. Од таму, знае да каже дека навистина му е тешко да се фокусира на една работа. Дека ако би го направил тоа не би издржал долго во еден медиум. Нешто секогаш би му недостигало.

„Ние сме можеби рефлексија на времето во коешто живееме, но од една креативна гледна точка не се предаваме. Еве гледам дека има сè уште многу луѓе кои не се предаваат на општата апатија и на општото сивило. И не само кај нас, туку и во светот. Мислам дека некако работава е многу искривена, но еве уште постои тој елан кај некои луѓе како мене кои не престануваат да творат и не престануваат да се обидуваат да го сменат тоа. Барем преку уметноста или културата воопшто. Да, ова е еден вид на отпор. Не гледам како поинаку би се спротивставиле ако не преку ваквите наши дејанија. Се обидуваме преку сите овие нешта коишто ги правиме луѓето да се разбудат од тој некаков сон и да сфатат дека, ако не си ги земат работите во свои раце, никој друг нема да ги земе за нив. Или доколку би ги земал тоа дефинитивно би било во негова корист“, вели тој.

Актерот во матичната куќа лани беше во екипите на два големи проекта - „Мајсторот и Маргарита“ од Булгаков во режија на Иван Поповски и мјузиклот „Чикаго“ што го потпиша Наташа Поплавска. За нив вели дека биле подготвувани подолго време и дека во процесот на работа имало големи подеми и падови на едно креативно емотивно ниво. Моменти кога поради одложувањата се прашувал дали воопшто направил некаква креација, кога го подјадувал сомнежот и почнал да губи верба, но вели дека подоцна сè си доаѓа на своето место и дека е среќен што успешно и достојно ги изнесол сите задачите што му ги довериле режисерите. Особено е горд што на свој начин го донел ликот на Емос Харт во „Чикаго“, а прашан дали верува во автентичен современ македонски мјузикл истакнува дека такви напори се правени и дека за такво нешто кај нас имаме творци.

„На прва топка ми текнува дека Срѓан Јанаќиевиќ пред неколку години ја режираше својата панк опера „Купидона“, дека тој како мјузикл го има и „Оливер Твист“ и од таму мислам дека, ако се собере добра македонска екипа, има шанси да направи еден таков домашен продукт. Ако не повеќе, имаме добри текстописци и музичари, посебно од алтернативната сцена, кои можат да извадат едно добро либрето за таков перформанс“, вели уметникот.

Говорејќи за своето делување на музичката сцена, Димитриевиќ вели дека со СИЗ и со РИБ продолжува натаму. Дека по минатогодишните објави со обата бенда (четвртиот албум на СИЗ - „Essence“ и РИБ - „Something Completely Different“) публикувани и на винили, со Филип Станчевски (тапани и перкусии) и Јане Трајчевски (гитара и труба), веќе ги стокмија песните за новите изданија.

„За 2016 веќе имаме нов албум на РИБ кој е во фаза на микс. Го снимивме во текот на јануари, а не е исклучено да биде печатен некаде во март, април или најдоцна во мај. Продолжуваме да ја развиваме таа наша идеја да свириме некојси инструментален поп, сурф со далечни примеси на џез. Со СИЗ мислев дека годинава нема да имаме издание, но кога работиш, излегуваат нештата на виделина и веќе имаме пет-шест песни што би значело дека до крајот на годината се можни повторно две дискографски објави. И најверојатно повторно во винил формат. Значи – плочи. Целта ни е во претстојниот период со бендовите да притиснеме малку да излеземе надвор од земјава. Таа музика да почне да се слуша надвор од средината во којашто настанала. Дали тоа ќе биде преку дигитална дистрибуција или обична со продажба на винилите воопшто не е важно. Би сакале да оствариме контакти со некои агенти за да отсвириме и некои концерти по клубовите во Европа. Лани требаше со СИЗ да патуваме и да свириме на неколку фестивали, но за жал, тоа мораше да се одложи поради мојата презафатеност во театарот. Сега живееме во исчекување на некои одговори од агентите“, вели Димитриевиќ.

Конечно, во 2015 година Ивица по мотивите на еден расказ од Јарослав Хашек го напиша сценариото и го режираше краткиот филм „Случајот“, кој премиерно беше прикажан на фестивалот „Синедејс“.

„За себе можам да кажам дека сум филмоман. Доста време се бавам со филмот. Посебно со теоријата на филмот. Доаѓам од ФДУ каде што сум студирал глума, но постојано сум бил во близина на колегите што студираа режија. Сето тоа ме интересирало и постојано сум прашувал за многу непознати работи во филмот како медиум. Затоа не ми е страно кога сум зад камерата. Има некои назнаки и идеи за нови реализации. И тоа не еден, туку можеби два кратки филма. Ќе видиме. Во суштина, „Случајот“ беше еден мој обид за филм-ноар. Филм-ноарот ми е посебен фетиш во филмската култура и историја. Затоа некако имав потреба и да направам омаж на сите тие филмови. Предлошката ми се виде интересна, ја преточивме во сценарио и мислам дека излезе пристојно филмче“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG