Достапни линкови

Мјузиклот „Чикаго“ за триумфална година на МНТ


Работен како заеднички проект со Македонската опера и балет и Факултетот за музичка уметност, денеска, на сцената на Македонскиот народен театар започнува да живее мјузиклот „Чикаго“ - првата домашна продукција со откупена лиценца на истоимената бродвејска постановка од 1975 година која доживеа три филмски верзии, а за последната освои шест награди Оскар. Во оваа општествена сатира настапува бројна актерска екипа предводена од Јелена Јованова, Арна Шијак, Жарко Димовски, Ивица Димитријевиќ и Тања Кочовска, режисерка е Наташа Поплавска, кореографка Олга Панго, со оркестарот ќе диригира Бисера Чадловска, Емил Петров се грижи за дизајнот на сцената и видеото, а костимите се на Александар Ношпал.

На магливо Скопје, на крајот на декември и почетокот на јануари, му се случи премиера на мјузиклот „Чикаго“. Работено според истоимената драма на Морин Даглас Ваткинс, по текст на Фред Елис, кореографија на Боб Фоси и музика на Џон Кандер, ова дело е всушност општествена сатира, која во основа се бави со борбата за егзистенција и професионална реализација и коруптивниот модел на однесување на судската власт и адвокатите.

Јас сум многу среќна што на бродвејската мапа на „Чикаго“ денес стои и Македонскиот народен театар. Тоа е успех, не само за мене како режисер, туку за сите нас инволвирани во овој проект.
Наташа Поплавска, режисерка.

Во нашиов случај, пак, „Чикаго“, наспроти ваквата тематска поставеност, се воздига до првата домашна продукција со откупена лиценца на истоимената бродвејска постановка од 1975 година која доживеа три филмски верзии, а за последната освои шест награди Оскар.

И, кога сме веќе тука, особено значајно е тоа што станува збор за лиценца според која изведбата треба да ја следи предлошката, но на режисерот и на кореографот кои посегнале по него им дава потполна креативна слобода. Од таму, нималку не чуди кога Наташа Поплавска забележува дека мјузиклот го следи изразот на американскиот глумец, танчер, кореограф, филмски режисер Боб Фоси, авторот кој ги потпиша и не помалку значајните „Кабаре“, „Лени“, „Сиот тој џез“, џез-танцот и препознатливиот „мачешки од“, но дека станува збор за создавање на нова претстава.

„Јас сум многу среќна што на бродвејската мапа на „Чикаго“ денес стои и Македонскиот народен театар. Тоа е успех, не само за мене како режисер, туку за сите нас инволвирани во овој проект. Би кажала дека проектот е навистина обемен во смисла на она што значи организација. Деликатна е работата во самиот процес на творење бидејќи се работи за уметници, сите сме уметници - артисти, но сите си имаме свои различни тертипи, тука е балетот со свој систем на работа, хорор и оркестарот исто така и се разбира актерите кои за моја среќа успешно пливаа во сите води, се справија со сите предизвици и јас сум среќна и весела затоа што она во што длабоко верував се докажа дека не било залудно“, вели Поплавска.

Таа дополнува дека во сите овие години рамо до рамо со неа била кореографката Олга Панго и дека таа за целото време ѝ давала верба дека заедно можат да го остварат ова дело чија македонска приказна започнала со апликацијата до Министерство за култура 2006 година, непосредно по нивниот заеднички проект од истите автори - „Кабаре“.

„Кога би направила пресек на ова што го сработивме, јас сум презадоволна од соработката со глумците. Тие се прекрасни луѓе, прекрасни битија и големи професионалци коишто го дадоа својот максимум во целата подготовка и коишто имаа сила и желба да загризат бидејќи „Чикаго“ е сериозна и многу комплексна работа“, ќе рече Панго.

Во „Чикаго“, за чиј дизајн на сцена и видео се погрижи Емил Петров, настапуваат Јелена Јованова (Рокси Харт), Арна Шијак (Велма Кели), Жарко Димоски од Театар Комедија (Били Флин), Ивица Димитријевиќ (Ејмос Харт), Тања Кочовска од Театар за деца и за младинци (Мама Тортон), Билјана Драгичевиќ – Пројковска од Драмски театар (Мери Саншајн) и други. Тие знаат да кажат дека вложиле голем напор подготвувајќи се да играат, танцуваат и да пеат на сцена.

„Долго се мислев што ќе направам во класиката на Елис, Фоси и Кандер, авторите во чии проекти настапувала една Лајза Минели, та посебно и по она што го даде Рене Зелвегер во филмската верзија на мјузиклот, но што би рекол мојот покоен професор Владо Цветановски „само слушни ја музиката на својата душа и таа ќе ти го каже патот“, јас едноставно се обидував да го слушам тоа во целиот процес на работа“, вели Јелена Јованова, притоа дополнувајќи дека со хероината на оваа претстава таа лично за себе заокружила две бројки кои ѝ се многу битни – 10 години од нејзиното деби на сцената на МНТ и нејзината 25-та театарска изведба.

Да спомнеме и тоа дека, поради голем интерес, за „Чикаго ќе бидат организирани дури четири премиерни изведби – на 29 и 30 декември и на 4 и 5 јануари 2016 година.

Инаку, овој музичко-сценски спектакл со околу 70 учесници на сцена, е копродукциски проект меѓу Македонскиот народен театар, Македонската опера и балет и Факултетот за музичка уметност од Скопје. Со него нашата национална театарска установа става точка на продукциски извонредно успешната година, во чии рамки неодамна се случи и премиерата на „Мајсторот и Маргарита“ од Булгаков во режија на Иван Поповски како гостин. Згора на тоа во 2015, со низа активности беше одбележана и седмата деценија а од основањето и богатата културна мисија на МНТ, поради што оваа институција беше одликувана со Орден за заслуги на Македонија од претседателот Ѓорге Иванов.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG