Достапни линкови

Предновогодишно „Будење на пролетта“ во битолски Интимен театар


Работена според текстовите на германскиот драмски писател Франк Ведекинд и насловена по неговото првообјавено дело - „Будење на пролетта“ е најновата премиера на битолскиот независен Интимен театар, чија премиерна изведба е закажана за понеделник, 28 декември, во 20 часот. Режијата е на Софија Ристевска, која патем во случајов се појавува и како актерка, а во пиесата која и низ документарни материјали се бави со проблемите на женската популација во нашето општество, како сегрегацијата и етикетирањето на секојдневно ниво врз различни основи, играат и Здравко Стојмиров и Стефанија Милевска.

„Будење на пролетта“ е првата голема драма на Франк Ведекинг напишана во 1891 година која што се потпира на истражувањето на сексуалноста и пубертетот кај некои германски ученици и студенти од тоа време и која по објавувањето предизвикала скандал со сцените на хомоеротизам, машката манстурбација, садомазохизмот помеѓу адолесцентите, силувањето, абортусот и тенденциите за самоубиство. Пораката на текстот е дека сексуалноста е бескрајно важна и доколку не ја познаваме сопствената сексуалност нашиот живот нема да биде целосен. Предлошката се појавува речиси едновремено кога и Зигмунд Фројд ја пласирал својата теорија за сексуалноста.

И, токму во предвечерието на новогодишните празници, „Будење на пролетта“ ќе осамне на сцената на битолски Интимен театар. Премиерната изведба е закажана за 28 декември, а потписниците на пиесата појаснуваат дека „не го поставуваат линеарно драматуршки, туку дека во самата претстава користат многу документарни материјали и на тој начин ги будат нивните лични проблеми кои долго време биле заспани“.

Во претставата ги будиме нашите лични проблеми кои долго, долго биле заспани. Таа го обработува етикетирањето на жената во средината во која што живееме и говори за тоа како таа живее под многубројни притисоци.
Софија Ристевска, режисерка.

„Во претставата ги будиме нашите лични проблеми кои долго, долго биле заспани. Таа го обработува етикетирањето на жената во средината во која што живееме и говори за тоа како таа живее под многубројни притисоци. Во ова време на суров неолиберализам, кога жената има професија и кариера, а плус мора да е добра мајка, домаќинка, сопруга и љубовница, таа се соочува со константната нетрпеливост и нетолерантност од страна на општеството, што не е едуцирано и истренирано, за да го толерира моделот на ЖЕНА – ЛИДЕР. И ние зборуваме точно за таа нетрпеливост помеѓу силната и моќна жена и сексистички настроената социјална средина, што за жал има само една алатка за своја заштита, а тоа е суровото и бескомпромисно етикетирање на жената, сé со цел да ја дескредитира и да ја врати во потчинетата позиција на патријархалната пасивност “, вели режисерката Софија Ристевска.

Интересно е и тоа што таа во овој проект се појавува и како актерка. Појаснува дека со ова сопствениот долгогодишен проблем со прекумерната тежина за прв пат го разгледува јавно пред публика и тргнувајќи од тој нејзин личен проблем, заедно со актерите Стефанија Милевска и Здравко Стојмиров, отвараат и други теми како жената и мажот работодавач, жената како вработен, жената и спортот, колку таа може да биде успешна спортистка .. сите оние репресии што во ова општество ги трпи жената.

Ристевска тврди дека македонското општество е недоволно едуцирано на тема полова и родова еднаквост и сеуште недоволно е издигнато за да може жената да е на рамноправно ниво со мажот.

„Овојпат го гледаме пробивањето на жената во еден свет што на нашите простори е воден масовно од машкото влијание, машката фигура. Трагаме по тоа каде се наоѓа жената во тој еден свет доминиран од пари и од машкото присуство. И колку нашето општество генерално е едуцирано за една полова еднаквост и дали тоа воопшто го има.“

За претставата се вели дека е доста комуникативна, дека сака да води дијалог со публиката, дека во неа се раскажуваат конкретни стории и дека сем песните, танците и игрите исполнета е со убава доза на хумор. А, токму во ваквата поставеност на нештата во „Будење на пролетта“, особено е бележита пројавата на актерката, танчерка, спортистка и поп пејачка Стефанија Милевска.

„Сакаме да покажеме дека всушност жената може повеќе работи. Дека едноставно тие етикети кои што и се лепат во денешно време не се такви какви што се во реалноста. Односно дека една жена може повеќе отколку што е предодредена. Дека може да биде и нешто повеќе од „домаќинка“. Да има кариера на пример и да ги прави сите други работи кои што се потребни за да функционира во семејството. За мене тоа е доста важно да се каже затоа што од самиот почеток со моите лични документарни материјали во пиесата можам да се искажам себе си и најслободно да дискутирам за таа тема. И нешто што ми е особено важно. Тргнувајќи од фактот дека во Интимен театар во континуитет негуваме глума, танц и пеење, самата си ја потврдувам тезата дека еден актер треба да биде комплетен и со сопствената целост треба да постои и да доминира со сцената.“

Инаку, во екипата за овој проект се и драматургот Билјана Крајчевска, кореографот Кире Миладиновски и Златко Кузевски кој го сторил одбирот на музиката и дизајнот на звукот.

Конечно, „Будење на пролетта“ е седмата претстава на репертоарот на независниот Интимен театар чија репризна изведба е предвидено да се случи на на 30 декември, во 21 часот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG