Достапни линкови

Сецко - Луѓето ми веруваат како на човек и музичар


„Продолжи да сонуваш“ е насловен осмиот албум на македонскиот состав МУГЕР ФУГЕР, чија промоција се обистини овој петок, на 27 март, во скопскиот клуб „Ла Кања“. Станува збор за 118-то дискографско остварување на „Пи-ем-џи рикордингс“ и за нова колекција на енергични и промислени песни на гитаристот Сеад Хаџиќ – Сецко и бројните музички собеседници меѓу кои и Горан Трајковски, Васко Атанасовски, Ристо Солунчев, Тања Тас, Сашко Костов и по цела една декада неговиот брат Енис, со кого во 1990-те и нешто потоа го имаа заедничкиот сон - ЛАСТ ЕКСПЕДИШН.

Сеад Хаџиќ – Сецко е музичар. Докажан автор и гитарист. Чиста емоција. Еден од оние што и се радува на обичноста и што со секого знае да ја сподели добрината. Нималку типичен за времево во кое живееме. Стара рокенрол школа. Бунтовен и до коска предаден на својата голема пасија – инструментите. И, да – на творештвото. Кај него тоа се рефлектира со условно земено едногодишни циклуси кои обично бидуваат заокружени со нова и свежа објава. Осмата што деновиве реши слободно да ја сподели со сите кои се на иста или слична бранова должина е именувана „Продолжи да сонуваш“ и е вистински следбеник на претходните „4 јули“, „Ла Кања“ и „13/13“.

За мене сето ова е остварување на соништата што сум ги имал уште како мал. Можеби во некоја смисла сум постигнал и повеќе од тоа што сум очекувал.
Сеад Хаџиќ Сецко, музичар.

„За мене сето ова е остварување на соништата што сум ги имал уште како мал. Можеби во некоја смисла сум постигнал и повеќе од тоа што сум очекувал, бидејќи реално гледано, како дете, финалниот дострел од она што сум си го пожелувал ми бил „да направам некогаш концерт во МКЦ“. Тоа сум го постигнал и многу повеќе, а сепак продолжувам да сонувам. Цело време сум во тие соништа. И тоа сакам да им го порачам на новиве генерации кои, ми се чини дека треба и тие тоа да го прават. Во сите сфери. Затоа гледаме околу нас дека сме затрупани со невкус и со шунд од разно разни култури, кич музика итн“, вели Сеад Хаџиќ.

Ова на некој начин е влегување во еден нов систем. Дури се оди и на тоа да се знае кој ги има парите и кој може да го има умот. Кој може да има капацитет да размислува на свој начин.
Сеад Хаџиќ Сецко, музичар.

Тој дополнува дека новите песни, рокенролот, се неговиот бунт, неговиот начин на борба против се она што го труе и убива урбаниот дух воопшто и посебно кај нас.

„Ова на некој начин е влегување во еден нов систем. Дури се оди и на тоа да се знае кој ги има парите и кој може да го има умот. Кој може да има капацитет да размислува на свој начин. Сето ова што се случува околу нас, убивањето на свеста со разно разни глупости е дел од новиот систем кој треба да доминира со поединецот насекаде низ светот, а посебно кај нас. А ние се бориме да нè остават да бидеме онаму каде што припаѓаме. Мене ми е повикот да бидам музичар и да правам музика како што ја правам досега“, вели тој.

Следејќи ја досегашната практика, Сецко и овој пат, за снимањето на 10-те нови песни, собра силна и одбрана екипа на гости во која што се Огнен Мангаровски, Џоле Максимовски, Сашко Костов, Горан Трајковски, Васко Атанасовски, Ристо Солунчев, Тања Тас (ТЕМПЕРА), Ратко Даутовски, Димитар Божиков (ЛЕБ И СОЛ), Ивица Димитриевиќ (СИЗ), Иан Рос, Сашо Митрески, Борче Кузмановски, Соња Димитриоска и други. Од таму МУГЕР ФУГЕР поодамна не е само бенд, ниту проект, туку едноставно одбрано друштво на фасцинантни музички собеседници кои не можат да му одолеат на предизвикот да свират и снимаат со еден извонреден инструменталист и автор и над сè добар човек.

„Многу ми е мило што сум стекнал таков впечаток кај мнозина од музичариве. Едноставно речено луѓето ми веруваат како на човек и како на музичар и кога ќе ги повикам едноставно се трудат да се најдат себе во дадената песна. А, јас секогаш им оставам доволно простор да го дадат она што го наумиле, што го сакаат. Никогаш не ги прекинувам во желбата да остават личен печат на материјалот што го снимаме“, вели Сецко.

На албумот бележито е и присуството на Енис Хаџиќ – Енко, басистот и пејачот на ЛАСТ ЕКСПЕДИШН, кој по цела една декада убедувања конечно влезе во студио со својот брат за да ја отпее (на начинот на кој што само тој умее) насловната песна - „Продолжи да сонуваш“.

„Тоа ми беше најтешката мисија. Со таа идеја јас живеам од 2005 година кога Енко требаше да го отпее првиот албум на МУГЕР ФУГЕР. Албумот специјално го спремав за него и цела една година се натегавме дали ќе дојде во студио или не. Конечно по цели 10 години и тоа се случи. На една песна, ама за почеток и тоа е доволно. Не ми е јасно што го кочеше досега, но се надевам дека ќе му помине „стравот“ и ќе продолжи да пее бидејќи тоа навистина прекрасно го прави. За мене ова е многу битен момент бидејќи се случи на местото каде што тој и јас започнавме пред многу години – во нашето Ѓорче Петров и каде што се вратив да живеам и да творам“, вели Сецко.

Конечно, по свечениот момент на промовирање на албумот во клубот „Ла Кања“ каде вообичаено се собираат сите оние кои оставиле дел од себе на материјалот, но и другите кои песните, музиките и пораките ги чувствуваат како свои, за 22 мај е закажан и концертот кој ќе биде на отворено – на платото пред Младинскиот културен центар во Скопје.

„Албумот го понудивме за слободно даунлодирање од сајтот на МУГЕР ФУГЕР, а таков ќе биде и концертот – бесплатен за сите наши почитувачи и пријатели. И тоа ќе биде тоа. Не планирам други свирки по земјава бидејќи таков е и нашиот концепт на работа. Екипата се собира еднаш годишно и тука едноставно завршува. Тој проект е навистина гломазен. Јас самиот со себе носам 20 гитари бидејќи свирам на најразлични штимови. Било каде да тргнам ми треба еден куп опрема, а што да кажам за останатите. За целата таа огромна екипа на луѓе. Ете затоа ми се чини дека се невозможни повеќе промотивни концерти. Јас на сето ова гледам како на едно големо финале на сето што сум го работел преку целата година. По завршувањето на секој еден таков концерт, јас комплетно му се посветувам на наредниот албум. Вртам страница и одам натаму. Сега едвај чекам да се случи овој мајски концерт и за да почнам да експериментирам со некои нови звуци, да викам и нови гости и да видиме што ќе излезе од сето тоа“, вели Сецко.

Инаку, материјалот за објавата е сниман од октомври 2014 до март оваа година во студијата „Тра ла ла“ и „4 јули“, а миксот и мастерингот се на Гени Каревски. Музиката, аранжманите и продукцијата е на Сеад Хаџиќ – Сецко, а ова е 118 издание на продуцентската куќа „Пи-ем-џи рикордингс“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG