По втор пат ОБСЕ искажува загриженост за нерешавањето на временската рамка за работа на СЈО, изјави денеска шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Клеменс Која. Тој во обраќањето на презентацијата на вториот преоден извештај на ОБСЕ за работата на СЈО, ги повика политичките партии да се договорат за нацрт-закон за СЈО со цел продолжување на тековните предмети на СЈО.
Во извештајот на ОБСЕ, кој се однесува на предметите кои се стигнати до судски рочишта го критикува СЈО дека во дел од предметите презентира непотребно многу докази и сведоци, како и дека во еден наврат не и дозволиле на одбраната пристап до прислушуваните разговори кои биле наведени како доказ.
Таквата забелешка Специјалната обвинителка Катица Јанева ја образложи со тоа што ја префрли топката кај одбраната на обвинетите, кои според неа не дошле на време да го сторат тоа.
Адвокатите кои се бранители на обвинетите од СЈО, а беа присутни на презентацијата, посочија дека со тоа е повредено правото на одбраната. Тие се пожалија и дека поранешните функционери кои се нивни клиенти се три до четири пати неделно во Суд и дека немаат доволно време да се подготват за одбрана.
На ова Јанева на повисок тон одговори дека оваа прес-конференција не е место за нивните поплаки.
„Не сме тука да ги жалиме обвинетите. Како што е ред, тие треба да бидат присутни во судница, па и секој ден доколку е потребно, бидејќи се обвинети. Точно е дека прислушуваните разговори не се дадени, но тоа е од причина да се заштити приватноста“, вели Јанева.
Адвокатката Тања Алексиќ ѝ замери на Јанева за барањето за почести рочишта.
„Со самото повикување за брзо разрешување на одредени предмети што пред малку го кажа обвинителката Јанева, сметам дека е притисок затоа што имаме секој ден судења, веќе се закажуваат често. Да, ќе се донесат пресуди, но мислам дека тие ќе бидат со аномалии и со евидентни повреди на правата кои ги има обвинетиот и неговата одбрана“, вели Алексиќ.
Во извештајот на ОБСЕ како забелешка е нотирано отсуството на обвинетите кое е главна причина за одлагањето на судските расправи. Од ОБСЕ препорачуваат да се смени законот во делот на санкции за да се избегне бегството на обвинетите како што беше случај со поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните разузнавачи Никола Бошковски и Горан Грујовски.
„Законот не определува јасни граници кога да се изврши казната, па кога Апелациониот суд ја потврдува пресудата, таа се праќа во Основниот суд кој треба да даде наредба за извршување на казната. Ова може да се одложува со недели, и му дава плус време на обвинетиот и постои голем ризик обвинетиот да избега. Во случајот на поранешниот премиер поминаа повеќе од 20 дена меѓу правосилната пресуда и доставување на извршната наредба, според која тој требаше да се пријави во закон. Нашата препорака е тој временски период да се намали“, вели Марија Лаура Фериоли, офицер за владеење на правото од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Фериоли втората забелешка ја насочува кон судовите и кон нивниот менаџмент со рочиштата за предметите на СЈО. ОБСЕ препорачува судот да не дозволува лесно одложување на рочишта, затоа што работни обврски и службени патувања не треба да бидат причина за отсуство од судско рочиште. Таа додава дека судот треба да има активна улога во управувањето со случаите, односно да ги менаџира потенцијалните проблеми кои би го отежнале процесот.
Во однос на забелешките кон судот се приклучи и Јанева и изјави дека во овој период треба да се очекува и епилог од судските рочишта, и потсети дека дел од нивните предмети во судот се заглавени веќе три години и дека за нив сè уште нема пресуда.
Таа не сакаше да одговара на прашања за други предмети како на пример „Империја“, упатувајќи ги новинарите писмено да се обратат до прес-службата на СЈО.