По неколку неделно мирување во изборната кампања, денеска продолжуваат преговорите меѓу власта и опозицијата за иднината на Специјалното јавно обвинителство, потврдија од опозициската партија, додавајќи дека се целосно подготвени за разговори.
Од министерството за правда, пак, велат дека очекуваат интензивирање на преговорите за законот за јавното обвинителство во кое ќе се вметне и Специјалното јавно обвинителство. Оттаму велат дека сè уште ги чекаат одговорите на измените на предлог законот кој министерството за правда им го достави на ВМРО-ДПМНЕ на 17-ти април.
Од стартот на преговорите поминаа три месеци. Во меѓувреме компромисот за власта беше достижен, но не и за опозицијата.
Адвокатот и поранешен обвинител Александар Наков вели дека СЈО е нужно и мора да опстои во правниот систем за да си добијат завршница предметите поради кое и беше формирано. Тој не очекува дека опозицијата ќе бара решение за СЈО со кое би се отежнала позицијата на земјава во пресрет на извештајот на ЕК.
„Не очекувам да се донесе за СЈО такво решение со кое би се оневозможило да добиеме датум за преговори. Јас ја земам здраво за готово изјавата на францускиот амбасадор Тимоние кој јасно кажа дека наблизу е денот, односно датумот кога ќе почнат преговорите “, вели Наков.
Претходно премиерот Зоран Заев најави дека преговорите ќе бидат покренати на лидерско ниво и дека ќе се обиде да изнајде поддршка од дел од опозициските пратеници затоа што за гласање на законот е потребно двотретинско мнозинство.
„Верувам дека на таа средба ќе се потврди тоа што го испративме како пораки јас и господинот Мицкоски, што според мене претставува исчекор кон постигнување на решение за едно од најсуштествените различности кои што постоеја претходно. Тоа за мене претставува надеж дека можеме уште малку да се потрудиме двете страни и да дојдеме до договор точно во рокот, затоа што се избројани деновите на затворање на извештајот на ЕК, изјави вчера премиерот Заев.
На преговарачката маса е предлогот на власта, предметите на Специјалното јавно обвинителство да бидат распределени од посебна комисија во рамките на Јавното обвинителство, при што обвинителот што ќе ги наследи да ги продолжи во онаа фаза во која ги затекнал. Опозицијата за ова во јавноста не соопштила став.
Од друга страна пак, Наков вели дека вакво нешто може да помогне во одолговлекување на постапките на СЈО.
„Партијата ВМРО-ДПМНЕ има единствена цел да дојдат во ситуација со измени да си овозможат одолговлекување на постапката со што јасно е дека одат ко единствена цел на застарување на одредени предмети и слично. Таква определба на Владата за мене е неприфатлива, не би се согласил со таков предлог. Целта е неделење на правдата туку напротив оневозможување на функционирање на правдата, изјави Наков.
Во меѓувреме од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ молчат за нивните планови и стратегии околу иднината на СЈО. Она што досега јавно го соопштија за време на претседателската кампања беше дека нивниот став е СЈО да не постои како посебно одделение во ЈО, туку да се внесе во одделот за организиран криминал. Дополнително лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара и одговорност од обвинителите кои ,според одлуката на Врховниот суд, покренале истраги и предистражни дејствија по 30 јуни 2017 година.
„Сè што е до тој датум, согласно законот за СЈО – нека си има завршница, а потоа да се покрене одговорност зошто некој постапувал спротивно на законите, некој неовластен тужител ја злоупотребил својата службена позиција и должност и отпочнал предистраги и истраги, дури поднел определени обвиненија и зошто некој од судиите ги прифатил тие обвиненија“, изјави Мицкоски на едно од неговите телевизиски гостувања.
Најголемата опозициска партија останува и на барањето дека јавниот обвинител треба да се избира по предлог на опозицијата.
Преговорите за Законот за јавно обвинителство во кој ќе се одреди позицијата и на Специјалното обвинителство стартуваа на средината на март. Први на маса седнаа лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицковски, потоа со разговорите и препирките продолжија работните групи сочинети од министерката за правда Рената Дескоска од една и Тони Менковски од другата страна. Власта тогаш беше оптимист дека до крајот на март ќе го затворат тоа прашање, затоа што, како што тврдеше, овој закон е дел од потребните реформи кои земјава треба да ги реализира за добивање на позитивна препорака од Европската комисија пред изборите за Европскиот парламент во мај. Но, тоа не се случи, дополнително и се отежна со претседателската кампања која ги забави преговорите.
Претходно ВМРО – ДПМНЕ поднесе 65 амандмани на законот за обвинителство. Власта прифати дел од нив кои не го загрозуваат статусот и автономијата на СЈО. Сепак, главна кочница за договор се неколку актуелни случаи кои ги води Катица Јанева, пред се случајот „Талир“ во кој, според опозицијата постои опасност да се наштети на нивното понатамошно функционирање.