Достапни линкови

Парламентарно мнозинство и за СЈО - Познато сценарио или грижа за правдата?


По изјавата на вицепремиерот Бујар Османи дека по вчерашните неуспешни преговори за СЈО, мнозинството за Специјалното обвинителство ќе се бара во Собранието, реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со обвинување дека власта не сака правда и правна држава и понуди „три принципи за враќање на правдата и правната држава во Македонија“.

Според нив, како што велат, собирањето мнозинство во Собранието за законот за СЈО е „сценарио исто како она кога се обезбедувале 80 пратеници за уставните измени и се сомневаат дека може „да има тргување со пратенички гласови“ и дека нема да прифатат закон во кој не се инкорпорирани нивните барања.

ВМРО-ДПМНЕ нуди три принципи

„Почитувањето на меѓународното право, почитувањето на основните човекови права и принципот за независно и професионално јавно обвинителство, треба да ја вратат довербата на граѓаните во системот и да бидат сигурни дека органите на прогонот нема да бидат продолжена рака на извршната власт, туку пред се ќе ги штитат интересите на државата и на граѓаните. Jавноста мора да знае од која од трите принципи власта е подготвена да ја жртвува? Кои од бараните принципи врз кои треба да се изгради новиот закон за јавно обвинителство Зоран Заев и Рената Треневска Десковска сакаат да отстапат? Што се’ се волни да прескокнат од меѓународните препораки во законскиот текст, за Зоран Заев и Рената Треневска Десковска да избегаат од комисија која ќе го испитува работењето на овој тим на СЈО?“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Дескоска: Не се интересират за законот туку за амнестија на обвинетите од нивната партија

По оваа реакција се огласи владејачкиот СДСМ, според кого, „ВМРО-ДПМНЕ бил и останал во одбрана на криминалот, против правдата и против напредокот на државата“, а министерката за Правда Рената Дескоска обвини дека ВМРО-ДПМНЕ не се интересираат за законот туку за амнестија на обвинетите од нивната партија.

„ВМРО-ДПМНЕ покажа дека одбрана на криминалот, одбрана на сторители на сериозни кривични дела од редовите на нивната партија им е најважно. Функционирање на правото и правната држава, разоткривање и решавање на случаи со високо ниво на корупција , не им одговара на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа се против СЈО како посебно обвинителство затоа се против новиот Закон за јавно обвинителство“, реагираа од СДСМ.

СДСМ: СЈО мора да продолжи како посебно обвинителство

Оттаму додадваат дека од ВМРО-ДПМНЕ место конкренти амандмани и предлози за законскиот текст за Јавното обвинителство, тие поднесуваат некакви лажни принципи.

„СЈО мора да продолжи како посебно обвинителство ,а новиот закон за јавно обвинителство е најсоодветното решение кое е во интерес на државата и граѓаните“, велат социјалдемократите.

Претходно вицепремиерот Бујар Османи рече дека Владата по ова прашање треба да работи на две траектории, од кои едната е обезбеднување парламентарно мнозинство за поддршка на законот за СЈО.

„Очигледно дека вчера таа рунда не успее да даде резултати. Јас сметам дека треба да се продолжи паралелно да се работи во две траектории. И во продолжување на обид за постигнување на консезус но и во комуникација со пратениците, за евентуално да се обезбеди мнозинство во Собранието“, рече Османи.

Средбата на претставниците на власта и опозицијата вчера траеше 40 минути и заврши без договор за СЈО. Секоја страна остана на своето - власта дека нема да ги прифати барањата на ВМРО-ДПМНЕ, а опозицијата дека нема да го прифатат законот во дадената форма.

XS
SM
MD
LG