Достапни линкови

„Бомбите“ станаа дел од политичкиот фолклор


Нема кој нема прислушувани разговори кои можат да се користат за уценување, а особено се корисни пред избори, кога се праќа пораката- „знам нешто за тебе“. Дел аналитичари се сомневаат дека новите „бомби“ може да влијаат на изборите.

Не е толку битна содржината, туку пораката која се испраќа со објавувањето на прислушувани разговори, дека се уште ги поседуваат центри на моќ и можат да ги искористат за уценување на поединци, партии, па дури и на целото општество, велат познавачите, откако беа објавени нови „бомби“ на неколку дена пред избори.

И владејачката партија во време кога се прислушувало, и структурите во МВР и самата влада имале можност да дојдат до тие материјали да ги сочуваат и сега по потреба да ги користат, а дел од нив, од 3 до 5 проценти завршија и во рацете на СДСМ, кога таа беше во опозиција, вели поранешниот министер за одбрана Павле Трајанов и претседател на Демократски сојуз. Тој вели дека не може да тврди од каде потекнуваат новообјавените материјали.

„Но според проценките, повеќе и одговара сега да се објавуваат вакви материјали на опозицијата или евентуално некои центри кои дошле до овие материјали и по нивни слободни проценки дека на овој начин сега ќе се дискредитира власта или партиите од власта кои имаат свој кандидат за претседател“, вели Трајанов.

Тој вели дека не се изградила силна законска регулатива со која ќе се заштитат прислушуваните разговори за да не може никој да ги објави, без притоа да претрпи последици. Одговорноста е сега на Владата, на МВР да се справат со тоа, вели Трајанов.

„Проценките се дека и натаму криминални структури кои дошле до материјалите за компромитација на поединци, на политички партии, па и на целата држава, можат да ги злоупотребуваат, додека не се ставаат тие прислушувани материјали под контрола на државата“, вели Трајанов.

Последиците од однесувањето на безбедносните служби ќе се чувствува уште долго, но сега немаат силина и карактер да променат што било во евроинтегративниот процес на земјата, ниту може да ги загрозат изборите, вели професор Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност.

„Не мислам дека е координиран настап од некој центар на политичка моќ, особено тоа се гледа по бледите разговори кои внатре се водат. Оној предмет кој го води СЈО за 20 илјади прислушувани разговори можеби ќе даде одговори на тие прашања, а можеби ние како општество никогаш нема да дознаеме, или барем не во целост кој сè ги поседува, ги има и може во одреден период да ги злоупотреби таквите разговори. Факт е дека државата ни била доведена до раб на бездна со ваквото прислушување и тоа како проблем не заврши со смената на власта, туку ќе ни се провлекува уште долги, долги години, односно сè додека луѓето кои се на тие прислушувани разговори ќе бидат на јавни функции“, вели професор Дујовски.

Четири нови прислушувани телефонски разговори беа објавени на руската социјална мрежа „ВКонтакте“ од корисник со псевдонимот „Илија Громовник“. Не навлегувајќи во содржината, пораката што се испраќа меѓу овие разговори е „сите се исти“ и „власта и опозицијата шуруваат меѓу себе, додека глумат непријателство за пред народ“. Но Трајанов вели дека не е толку битна содржината, туку пораката дека со материјалите располагаат некои центри, и очекува и понатаму да следуваат нови разговори со поделикатни информации. Разговорите објавени на ВКонтакте, на социјалните мрежи често ги споделуваат луѓе кои повикуваат на бојкот на изборите. Трајанов вели дека „бојкотот“ првично иницираше раководството на ВМРО-ДПМНЕ, но дека потоа јавно застанаа дека треба да се излезе на избори.

„Моите анализи се дека зависно од првиот круг може да има незадоволство кај опозициските партии од резултатот и можеби тие градат стратегија вториот круг, условно речено, да го урнисат изборниот процес, но за тоа сигурно ќе сносат огромна одговорност. Никој не може да го урне изборниот процес освен овие две големи политички партии, ВМРО-ДПМНЕ, како силна опозициска партија и СДСМ како владејачка партија. Сигурно дека многу тешко би се одлучиле владејачката партија да го руши изборниот процес. Процесот треба да се менаџира да имаме успешни претседателски избори“, вели Трајанов.

Еден од разговорите наводно е меѓу поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и сегашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, другиот е меѓу професор Љубомир Фрчкоски и аналитичарот Алберт Муслиу, третиот меѓу поранешниот претседател Бранко Црвенковски и негова соработничка, а на четвртот разговор веројатно се слуша гласот на поранешен директор на ЕЛЕМ.

Не е јасно во кој период се одвиваат разговорите. Според објавените разговори, се чини дека станува збор за досега необјавени материјали. Невообичаено овој пат е тоа што новите бомби беа објавени на руска социјална мрежа.

„Факт е дека руските служби имаат силно влијание овде кај нас, факт е дека некои политички партии гајат надеж дека може да добијат посилна поддршка од тој центар на моќ, меѓутоа исто така е факт дека и досега, но и отсега, тоа влијание и таа можност ќе слабее. Нашето членство во НАТО ќе значи и посериозни безбедносни процедури и стандарди и не верувам дека ова може да предизвика какви било проблеми и потешкотии на правната држава“, вели Дујовски.

Министерството за внатрешни работи во соработка со Јавното обвинителство отвориле истрага за објавените прислушувани разговори на социјалните медиуми, велат за Радио Слободна Европа.

„Согласно надлежностите на Министерството за внатрешни работи, а во координација со Јавниот обвинител на Република Северна Македонија започната е истрага во врска со објавените телефонски разговори.За текот на истрагата јавноста дополнително ќе биде информирана, “ се вели во писмениот одговор на МВР.

Од Специјалното обвинителство гарантираат дека од кај нив дека нема протечено ниту еден материјал и најавија дека ќе проверат дали ги поседуваат истите разговори.

Ова обвинителство повторно е мета на политички пазарења. Партиски групи го усогласуваат Законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши и судбината на СЈО. Како главни разлики меѓу партиите се посочуваат идниот статус и начинот на кој треба да функционира СЈО, како понатаму да продолжат истражните постапки почнати по 30 јуни 2017 година како и употребата на доказите во нив. За да помине законот во Собранието неопходно е двотретинско мнозинство.

„Бомби“ никнуваат како печурки пред избори

Ова не е прв случај на интернет од непознати профили и адреси да бидат пуштани прислушувани разговори на политичари од опозицијата или власта. И пред други изборни циклуси на интернет се појавувале прислушувани разговори. Во медиумите се шпекулираше дека прислушувани разговори освен на домашниот црн пазар, може да се најдат и надвор од границите на земјата. Поранешната опозиција, која сега е на власт, пред неколку години ги предаде прислушуваните материјали на СЈО, но познавачите велат дека затоа што системот за прислушување бил злоупотребен, можно е материјали да завршиле во многу приватни архиви.

На почетокот на месецов полицијата го привела Љупчо Палевски и уште две лица кои на собир на отворено во Прилеп пуштале прислушувани разговори.Палевски беше приведен и пред година и половина, затоа што објавувал незаконски прислушувани разговори за личности од македонската политичка сцена.

И во предизборната кампања во 2016 за парламентарните избори, на Фејсбук страница именувана како пронто.мк, беа објавувани разговори меѓу албанските политичари во Македонија.

За случајот Фабрика за афери, на 2,5 години затвор беше осуден Захир Беќири Чауш, оти кај него при претрес, како што тврдеше Обвинителството,биле пронајдени над 70 илјади телефонски разговори, кои, според нив, требало да бидат употребени за уценување на бизнис секторот и политичката елита во земјава.

Но, во текот на судскиот процес таквото тврдење на Обвинителство не излезе на виделина, а не беа ниту презентирани како докази разговорите за кои се тврдеше дека биле пронајдени при претресот.

Во текот на судскиот процес обвинетите се бранеа со тврдењето дека се наместени од министерот за внатрешни работи Митко Чавков и дека доказите, односно запленетите компјутери и надворешна компјутерска меморија во кои имало електронски обрасци за изработка на лични карти ги подметнала полицијата. Обвинителството во писмено соопштение ги демантираше таквите наводи.

Според случајот на Специјалното јавно Обвинителство „Таргет-Тврдина “, незаконското прислушување започнало во 2008-мата година, но не прекинало со објавувањето на таканаречените бомби на тогаш опозицискиот СДСМ во 2015 година.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG