УБК излегува од составот на Министерството за внатрешни работи и како дел од реформите на безбедносно-разузнавачкиот систем во земјава ќе се формира Агенција за национална безбедност. Владата вчера го утврди текстот на предлог-законот за Агенцијата за национална безбедност, чија цел е надминување на недостатоците утврдени во извештаите од Европската комисија, која долго време бара реформа на безбедносните служби во земјава.
Професор Владимир Пивоваров, кој е и Национален координатор за гранично управување, вели дека со ваквите реформи Македонија ги следи европските, па и регионалните практики. Безбедносните служби треба да прибираат информации, да ги анализираат и да ги проследат до највисоките државни органи, а полициската работа, односно кривичното гонење ќе го прави Бирото за јавна безбедност(БЈБ), вели тој.
„Овластувањата коишто претходно ги имаа ваквите служби кои беа во состав на МВР, а впрочем ги имаа истите овластувања како Министерството, во нашава ситуација тие поминуваат во надлежност на Бирото за јавна безбедност. Значи БЈБ е институција која ќе поднесува кривични пријави. Нормално доколку ваквата Агенција има сознанија, ги доставува до нив за тие да ја ефектуираат до Обвинителството и натаму нормално да си трае кривично-процесната постапка како што предвидува законот. Ова се препораките и на Прибе, ова се забелешките и на Европската комисија“, вели Пивоваров.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денеска изјави дека владата разгледуваше три модели за реформа на УБК – останување на постојниот модел, одвојување на УБК од МВР и спојување на УБК и Агенцијата за разузнавање, но на крај го избра овој модел на издвојување од МВР.
„Ова е моделот којшто овозможува целосна деконцентрација на моќта во разузнавачките служби во земјава и истовремено оневозможува каква било нивна злоупотреба во иднина. Дополнително, со овој предлог-закон, луѓето коишто ќе бидат професионалци, коишто ќе работат во истата, нема да имаат полициски овластувања, односно тие само оперативно ќе собираат информации и понатаму ќе ги доставуваат до другите служби со кои ќе соработуваат“, вели Бошњаковски.
Тој посочува дека според предлогот, директорот на Агенцијата ќе го бира Владата на предлог на премиерот, а заменикот ќе го бира владата на предлог на избраниот директор.
Пивоваров, пак, посочува дека лично поддржува спојување на УБК, Военото разузнавање и Агенцијата за разузнавање во едно тело, но оти ние сме мала држава и тоа носи ризик од концентрација на моќта. За да дојде до тоа прво треба да се демократизираме, да ја ограничиме можноста за злоупотреби и за политичко влијание врз ваквите служби, вели тој.
Пивоваров потсетува дека нападите од 11 септември 2001 година покажале дека дури и во земја како САД имало проблем со размена на информации меѓу различните безбедносни служби.
„Премостувањето на овој проблем е со формирањето на Координативното тело кое ќе ги координира разузнавачките служби, така што мислам дека тој моментум на можен судир на информации, тие ќе го решаваат така што секогаш ќе се има вистинската информација во право време“, вели Пивоваров.
Инаку, владата вчера го утврди и новиот текст на Предлог-законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во земјава, со кој се предвидува формирање посебно тело за координација на овие служби.
Претходно, како дел од реформите во безбедносните служби, владата во ноември минатата година ѝ го одзеде прислушувањето на УБК и за таа цел формираше нова Оперативно-техничка агенција (ОТА), која е задолжена за следењето на комуникациите. Оваа Агенција, кога ќе добие судска наредба, ќе може да ги вклучи системите за прислушување, но нема да може да ги користи прислушуваните материјали, кои ќе ги добива само тој што го обезбедил налогот.
Претседателот Ѓорге Иванов при крајот на минатата година повторно ја обвини УБК дека е главното жариште на политичките и безбедносните кризи во Македонија.
УБК во изминатите години се најде во центарот на скандалот со нелегалното прислушување на илјадници луѓе во земјава.