„Вонредна состојба во администрација“ со цел интензивно спроведување на европските реформи најави вицепремиерот Бујар Османи денеска пред состанокот на Работниот комитет за евроинтеграциите. Тој изјави дека од сите владините тела, од сите министри до последниот човек во администрацијата ќе бидат вклучени во испорачување на реформите и исполнување на препораките од Советот на Европската Унија за да се убедат земјите членки на унијата со цел да добиеме формално датум за почеток на преговори.
На новинарското прашање зошто до сега не беше мобилизирана администрацијата, Османи вели дека таа и досега била, само што голем дел од политичката енергија во државата вклучувајќи ја и енергијата на државната администрација била насочена кон уставните измени за спроведување на Договорот од Преспа.
„Сега кога сме во пресрет на завршување, јас очекувам дека оваа недела тој процес го завршуваме. Сметам дека сега е моментот за целосно и максимално мобилизирање на сите можни ресурси, а тоа јас го нарекувам прогласување на вонредна состојба во администрацијата. Затоа што кога успеавме да ги завршиме големите политички процеси, сега е време да испорачаме со реформската агенда и конкретните резултати за да ги убедиме земјите членки дека Македонија е подготвена во двете траектории, во затворањето на политичките теми и во спроведувањето на реформите за годинава да ги започне преговорите“, изјави Османи.
До април ни останува многу работа смета Симонида Кацараска од Институтот за европска политика. Таа вели дека постојат неколку законски решенија кои се доведени до крај, но се уште не го добиле одобрувањето од Собранието, како што се новиот закон за спречување на корупција и законот за заштита од дискриминација кој што, како што вели, беше изработен во еден сеопфатен процес, но за жал ниту еден од нив се уште не поминаа во Собранието.
„Мора да имаме предвид во дека во Европската комисија се уште не е јасно кога наредниот пакет за проширување ќе биде објавен. Од она што ние го знаеме може да се случи да биде јуни. Што значи календарот за известувањето за реформите за европска интеграција може да биде поместен, но како е да до почетокот на или средината на 2019 останува да се заокружат донесувањето на новите два закони, како и законот за судови и измените во однос на статусот на УБК, “ вели Кацарска.
Во однос на досегашниот застој на реформските закони, Османи вели дека новиот закон за спречување на корупција е во согласност со препораките на ЕК.
„Има одредени забелешки од страна на политичките партии во однос на надлежностите кои ги има комисијата, пред се во дуплирање на надлежностите на државниот завод за ревизија и управата за јавни приходи наспроти работењето на политичките партии. Сметам дека се легитимни овие забелешки, но на Владата и се брза во носење на овој закон затоа што за кратко време ќе бидат објавени претседателските избори, тоа е во почетокот на февруари,и не сметам дека ќе биде добра политичка порака особено пред Брисел уште едни избори да спроведеме без Комисија за спречување на корупција“, вели Османи.
Османи додава дека овие месеци се клучни за реформската агенда до донесувањето на одлуката за започнување на преговорите и побара од политичарите да ги остават на страна своите агенди и да се вклопи во државната агенда. Во однос на европскиот извештајот кој Македонија го очекува можно е да има делумно одложување поради изборите во Европскиот Парламент кои се одржуваат во мај.
Главниот технички преговарачи советник на премиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ вели дека во изминативе 4 месеци биле одржани пет подготвителни состаноци преговорите. На нив се разгледувале поглавјата 23 и 34, правосудство, темелни права, правда и јавна безбедност, потоа и финансиска контрола, јавни набавки и пазар на услуги. Во следниов период на список се економската и монетарна унија како и пазарот на капитал.
„Во наредните 6 месеци ќе треба да поминеме технички и подготвителни состаноци за 21 поглавје. Значи до крајот на јуни очекуваме да поминеме разгледување на 21 поглавје, каде што ќе ни се презентира задолжителното право на ЕУ кое треба да го прифатиме, но и оние проблеми и дилеми во прифаќањето и спроведувањето на правото на ЕУ“ вели Маричиќ.