Достапни линкови

Ќе добие ли Македонија годинава датум за преговори со ЕУ?


Архивска фотографија- Знаме на Македонија и ЕУ во Европски парламент
Архивска фотографија- Знаме на Македонија и ЕУ во Европски парламент

И политичарите и аналитичарите се надеваат дека Македонија годинава може да добие датум за почеток на преговорите за зачленување во Европската унија. Работите во најголема мера зависат од нас, оценуваат тие, сепак истакнувајќи ги и предизвиците со кои ќе се соочи ЕУ.

Оптимизам кај владата и поумерени очекувања кај граѓанскиот сектор за извесноста дека Македонија годинава ќе добие датум за преговори со Европската унија.

Без да навлегуваме во шпекулации за датумот, може да се каже дека во голема мера тоа зависи од нас, вели Зоран Нечев од Институтот за демократија.

„Пред сè тоа зависи од спроведувањето на Договорот од Преспа, а понатаму и од спроведувањето на реформскиот пакет”, вели Нечев.

Според вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, пак, досега се реализирани 66 отсто од зацртаните мерки од реформскиот пакет. Владата е фокусирана на реформите во судството, безбедносните служби, јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата, тврдат од таму. Рокот на завршување на Планот 18 е до донесување на новиот Извештај на Европската комисија кој вообичаено за земјите кандидатки се објавува во април.

Нечев, пак, прецизира дека Планот 18 содржи сегменти од четирите области кои се провлекуваат во заклучоците на Европскиот совет од јуни, 2018 година.

„Сè уште е рано, немаме некој прелиминарен пресек до каде е исполнувањето на сите овие активности. Но, она што можеме да кажеме дека недостига во овој момент е еден пресек на темпото на спроведување на реформите поврзани со Планот од Владата, иако овој План беше објавен пред неколку месеци, за да видиме кој е степенот на реализација на активностите и што се предвидува во периодот што претстои”, вели Нечев.

До април ни останува многу работа смета Симонида Кацараска од Институтот за европска политика. Таа како важни меѓу другите ги набројува и измените во Законот за судовите и во статутот на Управата за безбедност и контраразузнавање.

„Мислам дека ако сите тие реформски закони се успее да поминат во Собранието и да се стават на здрава основа тогаш ќе има во голема мера аргументи со кои владата ќе може да бара почеток на преговорите следната година”, вели Кацарска.

Сепак сите ги истакнуваат и случувањата во самата Европска унија. Земјите членки годинава се очекува да бидат оптоварени со излегувањето на Велика Британија од Европската унија, а ќе се одржат и избори за Европскиот парламент.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG