Нечев, во Планот 18 на Владата се наведени итните реформски приоритети потребни за Македонија да добие датум за преговори со ЕУ. До каде е, според вас, нивното исполнување?
Значи, доколку го погледнеме Планот 18, тој е конструиран и содржи сегменти од четирите области кои се провлекуваат во заклучоците на Европскиот совет од јуни, 2018 година. Тоа се правосудството, антикорупциската политика, реформите во јавната администрација и во безбедносните служби. Сè уште е рано, немаме некој прелиминарен пресек до каде е исполнувањето на сите овие активности. Но, она што можеме да кажеме дека недостига во овој момент е еден пресек на темпото на спроведување на реформите поврзани со Планот од Владата, иако овој План беше објавен пред неколку месеци, за да видиме кој е степенот на реализација на активностите и што се предвидува во периодот што претстои.
Институтот за демократија беше дел од организациите кои им дадоа рок на надлежните институции да дадат одговори за бегството на Груевски, но, сè уште не добивте одговор.
Така е. Ние имавме реакција, односно две, последната беше со одреден рок од десетина дена во кој институциите треба да одговорат, да излезат со некаков извештај за спроведените реформи во насока на утврдување на одговорност за пропустите или евентуалното непостапување или соучество во самиот процес. Тие десет дена изминаа, но не видовме никаква реакција од страна на надлежните институции. Самото одолговлекување на истрагата, според наше мислење, предизвикува зголемена недоверба на граѓаните во системот и дека повторно се поттикнува онаа политика на неказнивост, нешто за што неколкупати во минатото сме биле критикувани и нашите партнери ќе продолжат да нè критикуваат доколку не се види некаква разрешница на ова.
Ја споменавте и политиката на неказнивост. Неодамна беше донесен Законот за амнестија, со кој практично, ако побараат обвинетите пратеници за 27, април ќе може да добијат амнестија.
Донесувањето на овој Закон јас го гледам исклучиво во насока на имплементирање на Преспанскиот договор, секоја друга природа на самиот Закон мислам дека не треба да ја разгледуваме, бидејќи точно се знае зошто овој закон се носи. Доколку тоа се става под банерот на помирување, мислам дека е грешна насоката во која се движи владата, со ова директно се подрива владеењето на правото, а тоа е еден од клучните критериуми кој земјите членки на ЕУ ѝ го дадоа на Република Македонија на Советот во јуни.
Целото интервју со Зоран Нечев од Институтот за демократија, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.