Слободан Богоевски, Зоран Верушевски, Сашо Мијалков, Владимир Атанасовски- четворицата беа директори на Управата за безбедност и контразузнавање и четворицата беа, или сега се во притвори за различни случаи. Од финансиски малверзации до обвиненија за незаконско прислушување и сомневање за организирање насилен упад во Собранието за 27 април како во последниот случај со Атанасовски, се причините кои овие први луѓе на разузнавањето ги стави извесен период зад решетки. Во изминатава деценија и десетина припадници на разузнавањето од пониските ешалони беа и се жители на затворските одделенија. Челниците на Управата за безбедност и контраразузнавање во јавноста се доживуваа како моќници кои ја злоупотребуваат оваа институција за остварување на свои бизнис и партиски интереси. За да се избегне ваква ситуација мора да се исправат грешките во системот, велат аналитичарите. Професорот Злате Димовски од Факултет за безбедност и поранешен вработен во управата вели дека е неопходно да се развие системот на професионализација, да се почитуваат правилата околу изборот на првото лице за никогаш повеќе да не му препишуваме дека тој ја води по сопствените видувања.
„Напротив, тоа лице ќе мора се аплицира да има конкурс јавен, луѓе од повеќе професии да конкурираат и да го исполнат тој квантум од основни предуслови за да влезат во тој круг. Да не се инволвира директно власта во тој круг, напротив да има комисија која ќе биде составена од повеќе чинители меѓу кои и опозицијата, и власта ,“ вели Димовски.
Транспарентноста и воспоставувањето на строги правила и критериуми за вработување во управата се само дел од начините за исправка на грешките во системот.
Во управата работат и професионалци кои за жал, наместо за интересите на држава работеле за партиските потреби покажуваат дел од предметите на Специјалното јавно обвинителство.
„ Затоа што работејќи во функција на одредена партија, ние постигнавме да самата УБК сега веќе достигне ниво на служба која буквално служи за бришење на подот. Мене тоа многу ми смета,“ вели Димовски.
Тој објаснува дека за да се надмине таква ситуација е неопходно да се формира надворешна контрола која ќе има увид во работата со цел одбегнување на разузнавачите да работат за партиите кои што се на власт.
„Во досегашниот период кој ќе дојдеше од директорите тој си ја дефинираше политиката. Тоа не би требало да биде така,затоа што директорот е само извршител тој треба да се грижи за законитоста на самата служба, а не да дава посебни насоки. Затоа тука е потребно да се направи кодекс, да се каже кој е делокругот на работни ангажмани на самата УБК и во тој контекст да се почитуваат тие насоки. Да има една стратешка определба и потоа на ниво оперативно и тактичка определба за тоа што треба да работат тие служби. И да нема „цврста рака да биде директорот“, напротив тој да биде само еден од извршителите“, додава Димовски.
Собраниските комисии за надзор на работата на разузнавачките служби досега не покажаа резултати ниту извештаи. Изминативе неколку месеци во Парламентот се работи на реформи со кои дел од пратениците треба да имаат квалитетен пристап до работата на службите. Димовски вели дека проблематично е и тоа што досега пратениците кои беа во претходните собраниски тела за надзор не покажале одговорност за незавршената работа, односно за неуспехот да го извршат надзорот.
Управата за безбедност и контраразузнавање во изминативе речиси три децении беше честопати мета за афери за прислушување. „Сина птица“, „Дувло“, „Големото уво“ - ова се имињата на разузнавачките афери од изминативе три децении. Двете најголеми македонски политички опции ги користеа тајните служби за време на своите мандати, во изминативе 30-тина години. Синоним за разузнавачка афера со која почна отворањето на македонската тајна историја е „Сината птица“. Потоа следеше и аферата „Дувло“ во раните деведесетти од минатиот век во времето на владеење на СДСМ кога неовластено беа прислушувани и следени функционери на тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Разврска на овој случај се бараше и во собранието, но до тоа не дојде.
По обидот за атентат врз тогашниот претседател Киро Глигоров следуваше аферата „Шаклев“, во која биле прислушувани и снимени наводно српско-албански тајни врски поврзани со атентатот, но и оваа афера остана заборавена. Во меѓувреме тогашните политички лидери Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски постојано се обвинуваа за злоупотреба на службите за разузнавање. Како една од најголемите афери кон крајот на деведесеттите е аферата „Големото уво“, која се случи за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш на чело на полицијата беше Доста Димовска. „Големото уво“ неовластено слушало 190 видни личности од Македонија, беа прислушувани политичари, дипломати, бизнисмени и новинари.
Аферата која ја објави пред три години тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев е петта по ред афера која овој пат се однесува на масовно прислушување на над 20 илјади луѓе за само три децении. За оваа афера во судот се водат неколку предмети кои ги отвори Специјалното јавно обвинителство.