Достапни линкови

Тајни служби за внатрешни пресметки


Илустрација.
Илустрација.

Последнава афера што ја објави опозицискиот лидер Зоран Заев за прислушување на 20 илјади луѓе повторно го отвора неодговореното прашање - Зошто службите за разузнавање се злоупотребуваат за партиски цели наместо да се користат за државни интереси?!

Пред неколку години јунаците од хумористичната К-15 се шегуваа на сметка на прислушувањето. Но, ѓаволот ја однесе шегата кога лидерот на опозицијата Зоран Заев неодамна го отвори досието прислушување. Од изненадување до неверување, преку целосна осуда на чинот на Заев, па сè до шеги и фото-монтажи на социјалните мрежи беа реакциите на граѓаните по објавата на СДСМ дека 20 илјади луѓе во Македонија со години се прислушувани.

Ако институциите работат самостојно и ако постапуваат исклучиво по законот и нивните овластувања, мора да има правна разрешница со тоа што ќе се поведе постапка и ќе се бара одговорност.
Јован Трпеновски, поранешен јавен обвинител.

Големиот и долго најавуван пакет кој опозицијата го нарекува „бомба“ со компромитирачки докази за власта, отвора прашања за криминал, корупција, претворање на Управата за безбедност во прислушувачки монструм, злоупотреба на државни институции во партиски цели, кршење на човекови права и ред други дејанија кои се спротивни на уставниот поредок во земјава.

Досега беа објавени разговори на Заев со негови партиски колеги, со неговите деца, разговори на лидерите на албанските партии и разговор меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и министерот за финансии Зоран Ставрески.

Имајќи ги предвид сите овие работи, имајќи ја предвид партизираноста на институциите кои треба да го гонат ваквиот криминал, нема очекување дека институциите ќе се одважат и ќе преземат какво било дејствие во однос на докажување дали постои или не постои кривично дело околу оваа ситуација којашто во моментов е создадена во Република Македонија.
Владимир Пивоваров, поранешен разузнавач.

Опозицијата најави дека во наредниот период ќе ги објават сите докази кои што ги имаат, а се однесуваат на криминал. По најавата за ваква институционалната битка се наметнува прашањето какви се очекувањата на правна разврска на овој случај имајќи в предвид дека против лидерот на опозицијата се води кривична постапка за случајот познат во јавноста како „Пуч“ во кој Заев заедно со уште неколкумина се осомничени за шпионажа и насилство врз високи државни претставници.

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски се надева дека оваа афера ќе има правна разрешница, но досегашното искуство покажало дека такво нешто не може да се очекува. Причините за тоа ги гледа во изгубената доверба во институциите.

Стана неспорно дека преку 25 илјади граѓани се прислушувани. Тоа е доволна причина да падне барем министерот за внатрешни работи или директорот на државната безбедност која е должна тоа да го прави или барем Груевски да понудеше некоја темелна реконструкција на владата, но ништо од тоа не се случи.
Стојан Андов, поранешен претседател на Собранието.

„Ако институциите работат самостојно и ако постапуваат исклучиво по законот и нивните овластувања, мора да има правна разрешница со тоа што ќе се поведе постапка и ќе се бара одговорност. Прашање е од кого одговорност. Многу е едноставно ако имаме неовластено снимање коешто излегува надвор од рамките на утврденото со процедурата, тогаш е одговорен тој што дава налог тоа да се прави, а не извршителите“, вели Трпеновски.

Тој објаснува дека обвинителството треба да утврди кои се мотивите за таквото прислушување и кој е наредбодавач ако се тргне од тие што ја поседуваат техниката и располагаат со податоци.

„Доколку Јавното обвинителство постапи исклучиво по своите овластувања, а тоа мора да го направи според законот, ќе треба да отпочне постапка. Во постапката нормално ќе се бара да се утврди автентичноста на снимката, со тоа што сниманите лица ќе треба да потврдат дека тоа е нивниот глас и тоа е разговор што го водат. Доколку нема процедурално барање од јавниот обвинител да се снима, да се примени мерка за прислушување, тогаш нормално ќе се бара одговорност од некој којшто тоа го сторил, односно го наредил“, вели тој.

Трпеновски вели дека не е оптимист дека ќе се почитува процедурата иако тоа го посакува, затоа што еднаш во Македонија треба да се сфати дека тоа што е недозволено не треба да се прави, а институциите треба да постапуваат исклучиво по нивните ингеренции.

Поранешниот прв човек на разузнавање Владимир Пивоваров, вели дека ако се следат последните големи афери во делот на корупцијата и криминалот, ќе видиме дека правна разрешница нема во ниту еден случај.

„Долго време се водеше истрагата иако тоа беа чисти случаи, долго време вон сите криминалистички и казнено-правни науки се измислуваа нови флоскули кои само беа замајување на народот. Имајќи ги предвид сите овие работи, имајќи ја предвид партизираноста на институциите кои треба да го гонат ваквиот криминал, нема очекување дека институциите ќе се одважат и ќе преземат какво било дејствие во однос на докажување дали постои или не постои кривично дело околу оваа ситуација којашто во моментов е создадена во Република Македонија, меѓутоа секако на политички план ќе предизвика сериозни потреси“, вели Пивоваров.

Тој стравува дека доколку некој што сторил кривично дело масовно прислушување, не заврши во судница каде што треба да се докаже што е вистина, а што не, а потоа виновните да завршат во затвор, тогаш во таква ситуација може да се очекува дека и во иднина кој било да дојде на власт може да се дрзна да го направи истото без реперкусии. Ваквата ситуација остава негативни последици на полето на надворешната политика.

„Замислете ако во овие 20 илјади разговори еден ден во јавноста излезе дека се прислушувани странските партнери, дека се прислушувани странски дипломати. Доколку излезе такво нешто, тогаш веќе ние фрламе силно светло дека не сме за соработка, туку дека играме некои свои внатрешни игри, кои апсолутно не конвергираат со оние демократски принципи и начела коишто важат во ЕУ“, вели Пивоваров.

Заев - Масовни прислушкувања во Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:04 0:00

За поранешниот пратеник и претседател на Собранието Стојан Андов се уште е рано да се зборува за какви било можни сценарија за правна разрешница, но она што досега е објавено од материјалите кои што ги има опозицијата укажуваат на постоење на очајно голем криминал.

„Во овој момент сè е можно. Може да се најде разрешница ако се соберат сили, а може и да се стутка целата работа, двете страни да бидат задоволни, да се најде некоја солуција, а после ќе се правдаат, ќе се објаснуваат. Едниот ако не е задоволен, се надевам дека ќе ги открие работите, а ако најдат договор двете страни да се задоволат, ќе се отвори уште една епоха на вакво владеење“, вели Андов.

Но, во нормални демократски држави заради вакви афери паѓаат влади, а такво нешто требаше да се случи и во Македонија, вели Андов.

„Стана неспорно дека преку 25 илјади граѓани се прислушувани. Тоа е доволна причина да падне барем министерот за внатрешни работи или директорот на државната безбедност која е должна тоа да го прави или барем Груевски да понудеше некоја темелна реконструкција на владата, но ништо од тоа не се случи, сега тој ја презеде одговорноста на себе и еден ден ќе поднесе оставка“, вели Андов.

„Сина птица“, „Дувло“, „Големото уво“ - ова се имињата на разузнавачките афери од изминативе две децении. Двете најголеми македонски политички опции ги користеа тајни служби за време на своите мандати, во изминативе 20-тина години. Синоним за разузнавачка афера со која почна отворањето на македонската тајна историја е „Сината птица“. Потоа следеше и аферата „Дувло“ во раните деведесетти од минатиот век во времето на владеење на СДСМ кога неовластено беа прислушувани и следени функционери на тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Разврска на овој случај се бараше и во собранието, но до тоа не дојде, се присетува Андов.

„Немаше ништо, ни кој слушал, ни зошто слушал, ни кој го наредил, ни што тоа „Дувло“ значи, баш ништо“, вели Андов.

По обидот за атентат на тогашниот претседател Киро Глигоров следуваше аферата „Шаклев“, во која биле прислушувани и снимени наводно српско-албански тајни врски поврзани со атентатот, но и оваа афера остана заборавена. Во меѓувреме тогашните политички лидери Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски постојано се обвинуваа за злоупотреба на службите за разузнавање.

Како една од најголемите афери кон крајот на деведесеттите е аферата „Големото уво“, која се случи за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш на чело на полицијата беше Доста Димовска. „Големото уво“ неовластено слушало 190 видни личности од Македонија, беа прислушувани политичари, дипломати, бизнисмени и новинари.

Трпеновски вели дека и во овој случај не ги задоволи барањата на правдата.

„Кога беше „Големото уво“, беа лицата на идентификација на своите разговори, меѓу нив бев и јас и очекував да дојде до разрешница, меѓутоа не сум сигурен како тоа заврши, очигледно времето помина, а немаме правна разрешница“, вели Трпеновски.

Според него, досега „Големото уво“ е најконтроверзен случај, но тогаш беше поведена постапка, истражниот судија ги повика луѓето што беа прислушувани да ги потврдат автентичноста на снимките, и тука застанаа работите, затоа што кривична одговорност не беше докажана.

Заев - Доказите се од домашни, а не од странски разузнавачки служби
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:59 0:00

Нејсе, ова афера имаше барем делумна судска разврска. По цели седум години маткање низ судовите, четвртиот по ред судија во случајот, собра храброст и пресуди дека седумнаесетте од многуте прислушувани новинари, кои решија работата да ја истераат до крај, треба да добијат обесштетување од по шест илјади евра.

„Вујко“, „Ибар“, „Стрелец“, „Мама“ се досиејата на кои никнаа во дворови како дел од улична лустрација. Тоа е единствената афера која ги затекнаа албанските партии во Македонија. Во нив, како соработници на тајните служби, можеа да се препознаат челниците на владејачката ДУИ, по што почна своевидна „лустрациска војна“ меѓу партиите од албанскиот политички блок. Од опозициската ДПА ги прифатија досиејата како точни и потврда на она што партијата го зборува подолго време. Во владејачката ДУИ, пак, обвинија дека зад објавувањето на досиејата стои ДПА. Партиите се обвинуваа меѓусебно за објавувањето на тие документи, а потоа поранешниот началник на ДБК Хисен Муслиу беше осомничен за фалсификување на досиеја. Судот во 2010 година го прогласи за виновен за фабрикување на четирите досиеја за наводна соработка на високи функционери на ДУИ со југословенските тајни служби. Муслиу беше осуден на една година условна казна.

Аферата која ја објавува Заев е петта по ред афера која се однесува на прислушување за само две децении. Па според тоа може да се заклучи дека тајните служби во Македонија честопати биле злоупотребувани, а човековите слободи и права кршени според ќеифот на властите од било која идеолошка провениенција.

Поранешниот јавен обвинител Трпеновски вели дека со сите овие афери за прислушување се добива впечаток дека тајните служби како да се создадени само за внатрешни пресметки во државата, а не за обезбедување на државата од надворешни непријатели.

„Целокупната апаратура на службата е некако примарно заинтересирана да следи она што се прави во државата, меѓутоа заштитата на државата треба да се бара, односно она за коешто другите странски служби имаат интерес, не мора тоа да значи физички напад на државата, меѓутоа мора државата да си го одбрани сопствениот интегритет. Затоа е впрочем таа апаратура и затоа толку пари се дадоа за технички најопремена апаратура, за да се види кои се заложбите на странската агентура“, вели Трепеновски.

Пивоваров вели дека проблемот лежи во лошата правна рамка за контрола врз ваквите служби.

„Секогаш реалната контрола е зависна од власта, односно власта ќе биде контролирана толку колку што сака да биде контролирана. Кај нас за жал сите власти покажаа дека не сакаат да бидат контролирани, меѓутоа ако ги земете периодите во кои се случувале ваквите афери, тоа секогаш беа тешки периоди за Република Македонија, и како што некои милуваат да кажат „секое чудо за три дена“, но не е така, тие три дена ќе поминат, но ние остануваме да живееме во ова општество и доколку вака продолжиме, не ни се пишува некое добро сценарио за во иднина“, вели Пивоваров.

И во времето на ВМРО-ДПМНЕ и во времето на СДСМ голем дел од аферите немаат разрешница и за тоа и двете партии носат вина, вели Андов.

„Во минатото двете партии ги проголтуваа таквите ситуации и двете партии носат вина. Затоа сега треба да видиме дали навистина има промена во СДСМ и дали ќе се расчистуваат работите или сакаат некоја спогодба“, вели Андов.

Една од последните афери именувана како „Шпион“ доби судска разрешница. Првообинетиот во најголемата афера за шпионажа во Македонија, Марјан Ефремов доби казна затвор од 15 години под обвинение дека шпионирал за странски разузнавачки служби, а истовремено се занимавала со уценување, измами и изнуди.

Вакви работи се случиле и во демократските системи, ама ваквите скандали, кога ќе пукне бруката во јавноста, доведуваат до политички земјотрес. На пример германскиот политичар Вили Брант дал отказ како канцелар во 1974 година, откако еден од неговите блиски соработници бил откриен како агент на Штази, источногерманската тајна полиција. Американскиот претседател републиканецот Ричард Никсон си дал оставка откако била откриена во медиумите аферата Вотергјет според која бил прислушуван изборниот штаб на неговата соперничка Демократската партија.

Во Македонија политичарите имаат погрешна претстава за политиката. Тие сметаат дека е тоа професија со која вечно ќе се занимаваат и дека се незаменливи. Повеќето од нив се замислуваат дека се историска личност без која Македонија би пропаднала. Единствен министер кој си поднел оставка од морални причини е Антони Пешев по големата авионска несреќа во 1993 година.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG