Соединетите Држави и Македонија имаат силно пријателство, партнерство и заеднички цели, а една од нив е да го направат светот подобар и побезбеден. САД работат за да ѝ помогнат на Македонија како силна демократија целосно интегрирана во евроатланската заедница, рече новиот амбасадор на Соединетите Држави, Џес Бејли, кој и официјално му ги предаде акредитивните писма на македонскиот претседател Ѓорге Иванов.
Дозволете ми да упатам изрази на искрена благодарност за континуираната поддршка за зачленувањето на Република Македонија во НАТО и ЕУ. За нас никогаш не било прашањето дали, туку кога ќе ги реализираме нашите цели.Ѓорге Иванов, претседател на Македонија.
Посакувајќи му добредојде и успешна работа, Иванов рече дека се надева оти со своето искуство Бејли ќе придонесе за збогатување на заедничката соработка во повеќе сфери.
„Во тој контекст дозволете ми да упатам изрази на искрена благодарност за континуираната поддршка за зачленувањето на Република Македонија во НАТО и ЕУ. За нас никогаш не било прашањето дали, туку кога ќе ги реализираме нашите цели“, рече Иванов.
Ја признавме Македонија со нејзиното уставно име и секако дека го признаваме правото на нејзините граѓани да го дефинираат својот идентитет. Не гледам причина зошто не би бил добредојден, ние имаме силна врска.Џес Бејли, амбасадор на САД во Македонија.
Новиот американски амбасадор доаѓа во период на длабоки политички превирања во земјава. Запрашан за коментар околу последната акција Пуч, тој се согласи дека политичката ситуација е чувствителна, додавајќи дека се надева оти истрагата која е во тек ќе биде транспарентна и ќе ги почитува принципите на правната држава, независното судство и правото на медиумите.
„Ниту една демократија не е совршена, вклучително и нашата. Нашите институции имаа и сè уште имаат свои предизвици. Целосно очекувам дека македонскиот народ и неговите политички лидери ги сакаат работите кои ги споменав. Владата има обврска да ги почитува вредностите кои сите ние ги очекуваме и затоа не гледам причина зошто тоа не би се случило, рече Бејли.
Инаку, амбасадорот Бејли предизвика реакции во македонската јавност, откако на сослушувањето во Комитетот за надворешни односи, Македонците ги нарече Словени. Запрашан за тоа дали се чувствува добредојден тука по ваквата негова изјава и дали е свесен кои етнички заедници живеат во Македонија, Бејли објасни дека на сослушувањето по грешка го повторил прашањето кое му било така поставено, иако во текот на целото сослушување ги користел термините етнички Македонци и Македонија.
„Се чувствувам многу добредојдено тука. Имав топло добредојде од претседателот, порано разговарав и со министерот за надворешни работи со кој исто така имав топло добредојде. САД се пријател и партнер на Македонија. Ја признавме Македонија со нејзиното уставно име и секако дека го признаваме правото на нејзините граѓани да го дефинираат својот идентитет. Не гледам причина зошто не би бил добредојден, ние имаме силна врска“, истакна новиот американски амбасадор.
Бејли, дипломат од кариера во Стејт департментот, во Скопје доаѓа од позицијата заменик-шеф на мисијата на САД во Анкара, Турција, функција која ја извршувал од 2011 година. Доаѓа на местото на амбасадорот Пол Волерс, кој во Македонија оваа функција ја извршуваше од 2011 година. Од 2008 до 2010 година, служел како директор на Канцеларијата за политички прашања на Обединетите нации и претходно работел како лидер на Регионалниот тим за реконструкција во Ербил, Ирак 2007-2008. Служел како директор на вашингтонскиот Прес центар од 2005-2007 и како советник за односи со јавноста во амбасадата на САД во Хаг, Холандија 2002-2005.