Јавниот обвинител Марко Зврлевски засега не реагира по допрен глас, туку чека да стигне кривичната пријава од СДСМ. За Радио Слободна Европа тој вели дека до крајот на работниот ден вчера до Основното јавно обвинителство не била доставена кривична пријава од СДСМ за случајот со прислушувањето. Зврлевски додава и дека кога ќе ја примеле кривичната пријава, тогаш ќе постапувале по случајот.
Поради информациите дека се прислушувани голем број на граѓани на Република Македонија и во однос на тоа што беше јавно покажано искажувам длабока загриженост и го осудувам ова грубо прекршување на човековите слободи и права без оглед дали се работи за јавни личности или други лица.Иџет Мемети, народен правобранител.
Во членот 35 од Законот за јавно обвинителство пак се наведува дека „во случај кога до јавниот обвинител допре глас дека од страна на овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи и други државни органи се пречекорени службените овластувања и се повредени слободите и правата на граѓаните има право да бара веднаш да му се достават податоци за тоа дали е покрената постапка за утврдување одговорност“. На ова посочуваат и од СДСМ најавувајќи дека пријавата ќе била поднесена деновиве.
Инаку вчера претседателот на партијата Зоран Заев на прес конференцијата на која презентираше единаесет аудио снимки за кои рече дека се од прислушувањата што ги вршеле домашните служби нагласи и дека поднеле кривични пријави против директорот на УБК Сашо Мијалков, против Горан Груевски раководител на Петта управа и н.н вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање.
Заев вчера излезе и со тврдење дека според нивните информации во Македонија биле прислушувани повеќе од 20.000 лица од сите општествени сфери, односно политичари, новинари, министри, претставници на невладин сектор, членови на верски организации, МАНУ итн.
Народниот правобранител Иџет Мемети вели дека по ова што се случи не знае дали воопшто може да се каже дека во Македонија постои правото на приватност и правна сигурност на граѓаните.
„Поради информациите дека се прислушувани голем број на граѓани на Република Македонија и во однос на тоа што беше јавно покажано искажувам длабока загриженост и го осудувам ова грубо прекршување на човековите слободи и права без оглед дали се работи за јавни личности или други лица. Оваа појава е застрашувачка и штети и на прислушкуаваните и на сите други граѓани во Република Македонија, а и на самото општество“, вели Мемети.
Тој додава дека како народен правобранител нема многу механизми да реагира освен ако некое лице не побара од нив заштита.
„Ги осудувам овие појави кои се грубо прекршување на човековите слободи и права и апелирам до сите нас, до сите и инволвирани и институции со оваа пресериозна работа да не си играат. Народниот правобранител во однос на општи појави освен што може да ја искаже неговата загриженост во однос на прекршувањата на правата и да апелира да се почитуваат правилата и прописите итн, не може друго да направи. Може да води постапка ако одредено лице бара од него заштита“, вели Мемети.
Од Министерството за внатрешни работи не коментираат ништо повеќе од тоа што го кажале досега во врска со т.н. афера Пуч. Нагласуваат дека секој осомничен можел да се брани во случајот како што сакал, па така и четврто осомничениот, алудирајќи на Заев. За објавените аудио снимки вчера немаат дополнителен коментар.